Сопствениците на индустриите се меѓународни корпорации, а со државните термоцентрали управува политиката. И едните и другите ги користат незнаењето, стравот и недовербата за да ја задржат постоечката состојба.

Самир Лемеш

Зеница, вековниот центар на црната металургија, веќе со децении се бори со проблемот на индустриската загаденост. Првите мерења на загаденоста на воздухот во Босна и Херцеговина се вршени токму во Зеница, уште во 1954 година.

По приватизацијата на железарницата, кога се покажа дека ветувањата на новиот сопственик во врска со инвестициите за намалување на загаденоста нема така брзо да се реализираат, беше создадена локална организација – Еко форум Зеница, како израз на желбата на граѓаните да се врши систематски притисок врз корпорацијата и врз органите на власта. Бројот на денови со просечна концентрација на сулфур диоксид над дозволената граница знаеше да биде и преку 250 дена во текот на годината, а таа граница не би смеела да надмине три дена годишно.

Часовните концентрации на SO2 изнесуваа и по 1400 микрограмови по метар кубен. Покрај SO2, воздухот во Зеница е загаден и со честички прав, како и со органски загадувачи како бензен, но немаше соодветна реакција од страна на власта за состојбата да се поправи.

Преку бројни акции, од кои најзабележана е организацијата на протестот во 2012 година, кога илјадници Зеничани на улиците бараа чист воздух, Еко форум се обидуваше да ги натера федералната, кантоналната и локалната власт да го заштитат здравјето на граѓаните.

Учеството во процесот на издавање на еколошки дозволи, притисокот врз инспекцијата и врз министерствата, бројните состаноци и медиумските кампањи не ги постигнаа саканите резултати. Повеќе од пет години траеја истрагите на обвинителството против најголемите загадувачи и на институциите по кривичните пријави што ги поднесе Еко форум, но виновниците за загадениот воздух, вода и почва не одговараа пред правосудството затоа што „немаше доволно докази“, „немало намера“, и „кај обвинетите не постоела свест за незаконитоста на постапките“, како што обвинителството ги оправда своите одлуки.

Меѓутоа, притисоците сепак не беа залудни. Иако со големо задоцнување, поставени  се филтери на високите печки и погоните за агломерација, започна вградување на филтери во челичарницата и изградба на нова топлана, со што бројот на денови со прекумерно загадување на воздухот е преполовен. Во текот на 2019 година Зеница имаше „само“ 117 дена со дневен просек на SO2 над дозволената граница. Тоа е сѐ уште далеку од волшебната граница – три дена годишно со надминати вредности, но ни ова сигурно немаше да се случи да не беше деценијата на упорна и доследна борба на Еко форумот.

Покрај борбата за чист воздух во Зеница, Еко форумот ја ширеше мрежата на организации кои се борат за заштита на животната средина, иницирајќи или учествувајќ во бројни национални и регионални акции. Последна таква акција е кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.

Балканот одамна претставува синтагма за судири и неразбирање. Ние со оваа кампања сакаме да ја промениме таа перцепција, затоа што Балканот може да биде пример за соработка и за солидарност, доколку се надминат предрасудите и се победат корупцијата и алчноста. Најголемите загадувачи на воздухот не познаваат граници; сопствениците на индустриите се меѓународни корпорации, а со државните термоцентрали управува политиката. И едните и другите ги користат незнаењето, стравот и недовербата за да ја задржат постоечката состојба.

Преку оваа кампања сакаме да шириме информации, добри идеи и позитивни искуства, а да ги надминеме поделбите и предрасудите. Балканот е мал простор, со ограничени капацитети, и затоа мораме да ги обединиме прогресивните сили за да покажеме дека не мораме секогаш да бидеме на врвот на топ листите за загадување, корупција и незнаење.

Постојат решенија и мораме заедно да дејствуваме кон носителите на одлуки за добрите искуства да се применат и кај нас и така да се зачува здравјето на населението.

 

Самир Лемеш, вонреден професор на Универзитетот во Зеница во областа на мерни техники и компјутерски симулации, долгогодишен активист во невладината организација „Еко форум Зеница“, добитник на наградата „Шампион во заштита на природата“ во рамките на наградите „BiH Green Awards 2018“.