Во работилницата на семејството Боковац во Бар се создаваат дрвени бродови кои предизвикуваат восхит кај наутичарите широм светот.

 Радомир Петриќ

– Тоа не е само работа, туку и љубов. Всадено е тоа во мене од мали нозе, не би можел да работам други работи. Вака Ненад Боковац (53) од Бар ја опишува својата професија.

Ненад е калафат – истовремено и претприемач, и занаетчија, и уметник. Веќе со децении сервисира и гради дрвени бродови. Неговите чамци денеска пловат во Холандија, Италија, Хрватска, Обединетите Арапски Емирати…

– Калафат е мајстор кој пика коноп меѓу штиците од бродот. Дрвото на температура се суши, кога има влага се стега, за тоа се потребни посебни мајстори за бродоградба.

Не залудно велат Хрватите дека, по изградбата на катедрали, најкомплексна работа е бродот, бидејќи секој негов дел е важен, ако изоставите една од тие 50-тина ставки, ќе трпи бродот на море.

„Калафатска работилница Боковац“ е глобално позната во круговите од струката. Речиси 60 години опстојува во барака во близина на управната зграда на пристаништето Бар.

– Мојот татко Петар почнал да калафата во 1965 година. Тогаш овде се наоѓала рибарската задруга, требало да се поправаат сите тие чамци. Тој е главен мајстор, додека е жив, јас можам да бидам само чирак, а овде сум откако сум се родил. Меѓу првите нешта на кои се сеќавам се дрвени конструкции. Тогаш ги поправавме, сега ги градиме – вели Нено.

На ова „бродоградилиште“ се создаваат дрвени бродови до 12 метри должина, кои со дизајнот и пловните карактеристики предизвикуваат восхит кај наутичарите ширум светот.

Тука е создаден и првиот брендиран финален производ „Made in Montenegro“, увезен во ОАЕ – три едрилици, сите со жиг „Калафатска работилница Боковац“, на 11 мај 2018 година се испратени во флотата на владетелското семејство во Абу Даби.

– Одушевени се од нашите изработки, тоа ни е голема чест и задоволство, станавме планетарно познати во светот на малите дрвени градби. Ни дадоа тешка задача, да направиме три верзии на еден модел, со должини од 6.5, 7.5 и 12 метри. Ги нарековме „Баранки“ – додава Боковац.

Работата на Перо и Нено нема работно време, „ќе дојдеш наутро, па до вечер, а остануваш и навечер, нема ни сабота ни недела, не работиме само кога е празник на светец“.

– Нашиот производ е брендиран, сите наши материјали се од Црна Гора. Дрвото е главно црница и дудинка, има и малку естетски детали од тиково дрво.

Тој и татко му годишно прават седум до десет бродови, дури и кога немаат толку нарачки, затоа што мора да се одржува рутината, „паузата придонесува да ја изгубите симетријата“.

Алатот на калафатот е ист како и пред два милениума. Нашите домаќини велат: „Традицијата не може да се чува со нови дрангулии“.

– Тоа ги одушевува гостите од странство. Клучни се казанот за парење штици и стеги, тука се и длетата, чеканот и конопот. Да се прашувам јас, денеска би ја вратил пегулата, слична е на катранот, но е природен материјал. Не одат заедно традицијата и епоксидната смола – заклучува Боковац.

Специфичноста на барската „мајсторија“ е во тоа што Ненад, освен што гради, и ги тестира бродовите, затоа што е извонреден едриличар.

– Многу тешко ќе најдете некого да одработи апсолутно сѐ, од изградба на чамец, до ставање едра и вградување на мотор, па до проба на море. Добивате готов тестиран производ, и уште можете да изберете меѓу пет модели – вели на шега.

Чамците на Боковац го красат пристаништето Порто Монтенегро во Тиват. Ги дочекале со раширени раце, им биле и естетски интересни. Со бојата ја „разбиваат“ белината на ексклузивната марина. Во последните десет години, бродовите на Боковац не пропуштиле ниту една регата во Бока.

 

Радомир Петриќ живее во Бар, новинар по професија, сопственик на порталот „Ферал“