Соседството во нашиот регион, слично како и речиси целиот опсег на меѓуетнички и меѓудржавни односи, е под големо влијание на интеракцијата на различните идентитети, без разлика дали се од национална природа или од религиозна и политичка природа. Од романтична гледна точка, присуството на многубројни идентитети би требало да игра главна улога како фактор што внесува разновидност во животот и во односите меѓу народите и земјите на Балканскиот полуостров. Во оваа смисла, не е направено малку, особено во првата деценија од 21. Век, но за регионот да влезе во период кога најпосле ќе завладее Pax Balcanica, се чини дека на сите ни останува уште многу работа.

Пишува: Ева Хискај Тафили

Поради минатото, без разлика дали станува збор за средновековниот период или за блиското минато, народите и религиозните групи на Балканот најголем дел од времето биле во тивко непријателство меѓу себе, но одвреме навреме, последиците од тоа непријателство се манифестирале како гром од ведро небо и, на овој начин, не само што била нарушена кревката рамнотежа на соживот, туку и се отворил пат за периоди на крвави војни што оставиле последици не само во виталните и економските аспекти од живеењето, туку и во општествените и во политичките. Толку сме навикнати на каузалната поврзаност на идентитетот, што речиси и не сме ни изненадени од фактот дека во терористичкиот напад во Виена – жртва, полицаец и агресорот имаа ист етнички идентитет.

Идентитетот, „различно од горенаведената дефиниција дека е општоприфатен“, се чини променлив соодветно на различните ситуации во кои живее лицето. Изгледа дека, не само во нашиот регион, туку и во целиот свет, основата на нормите и изворот на животна активност и, подоцна, на политичка активност, е разнишан поради пандемијата и поради необичната ситуација што таа ја создаде. Во време кога поради пандемијата на Ковид-19 е неопходна социјална дистанца, можете да почувствувате дека, всушност, луѓето се склони кон кршење на бариерите, без разлика дали се работи за политички, гранични или социјални бариери. Катастрофите и огромните радости на Балканот секогаш нѐ зближувале и поради нив честопати биле прекинувани војни и биле градени мостови на интеракција. Сепак, животот си тече по својот тек дури и во оваа тешка ситуација за целиот регион; се чини дека, освен вестите за жртвите на пандемијата, фокусот е многу повеќе ставен на политиката, која ни го привлекува вниманието без разлика на околностите.

Во таа смисла, шокот на оваа пандемиска есен е оставката на Тачи. Ни повеќе ни помалку сензационална одошто оставката на Р. Харадинај минатото лето, оваа оставка на Тачи наликува и на желба да биде претставуван како обичен граѓанин пред Специјалното обвинителство, без никаква институционална одговорност. Харадинај беше под истрага и беше прогласен за невин. Дали и Тачи ќе ја има истата судбина? По оставките на Тачи и на Весели, самиот Харадинај повикува на зацврстување на единството, за Косово да може успешно да се соочи со новите институционални предизвици. Секогаш кога главна тема е единството, се чини дека идентитетот, особено националниот идентитет, малку се променил. А бидејќи сите видови идентитети се поврзани меѓусебно, можеме да се надеваме дека Косово, со кого го делиме истиот национален идентитет, ќе стане и пример за политички и општествен идентитет. Процесот на оставка и преземање одговорност како обичен граѓанин не е популарен феномен во регионот, особено не во Албанија, па можеби повторувањето на овој феномен од страна на Албанците од Косово ќе ги поттикне сите Албанци и целиот Балкан кон нов идентитетски, политички и општествен пристап.

 

Ева Хискај Тафили е предавач на Универзитетот во Тирана, на Факултетот за историја и филологија. Дипломирала на Универзитетот во Тирана, по што следеле постдипломски студии на Католичкиот универзитет во Левен, Белгија, на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, на Универзитетот во Сиена итн. Нејзината докторска теза се фокусира на национализмите во посткомунистичкиот Балкан. Нејзините главни публикации се исто така фокусирани на историјата на Балканот, идентитетите, политичките транзиции и тековните политики.