Светската здравствена организација редовно е ангажирана околу побивањето на митовите поради кои луѓето не веруваат во постоењето на корона-19. „Економист“ во март 2020 година покажа дека 13% од Американците сметаат дека кризата со ковид-19 е измама, а големи 49% сметаат дека епидемијата може да биде вештачка.

Пишува: Д-р Калина Гривчева Старделова

Како доктор, но и како претседател на Лекарската комора, каде стигнуваат искуствата и проблемите на колегите со пациентите за време на пандемијата, секојдневно добивам информации дека борбата со ковид-19 станува потешка и понеизвесна, затоа што голем број од нашите граѓани се однесуваат недисциплинирано и неодговорно кон сопственото здравје, но и кон здравјето на оние со кои се во комуникација, а најчесто комуницираме со блиските.

Кај некои луѓе, ковид-19 е кратка и лесна болест, но некои се борат со тешки симптоми и долгорочни последици. Денес, бројките на ковид позитивните пациенти се навистина загрижувачки, па најголемиот број јавни здравствени институции станаа ковид центри, речиси без болнички легла за новите заболени.

Ние докторите, се соочивме со предизвикот. И покрај се секојдневно се вложуваме и даваме сѐ од себе за здравјето на нашите пациенти. Како што бројот на заразени и хоспитализирани расте, расте и нашиот влог во она што го правиме и уште повеќе се залагаме не само од стручен аспект, туку работиме со пациентите и на јакнењето на взаемната искреност и доверба. Тимската работа меѓу здравствените работници и соработници, на којашто сум посебно горда, и добрата соработка со пациентите, се клучни во подобрувањето на општата состојба со пандемијата. Секако, постојат извонредни искуства со пациентите. Граѓаните, воглавно, ја сфаќаат и ценат пожртвуваноста на докторите. Но, за жал, постојат и такви кои не ги слушаат советите на здравствените работници и здравствените власти за почитување на елементарните мерки за заштита. Досега фокусот беше насочен кон спасување животи за време на пандемијата, сега примарна цел ни е да обезбедиме здравствена грижа, односно болнички легла за енормниот број заболени.

Како дојдовме до ова? Да, постојат објективни, реални причини за ширењето на болеста, како што се едновремено делување на сезонскиот грип со ковид-19, активноста на населението во затворен простор, што секако е поголема сега отколку во летниот период, мутација на болеста и слично. Но,  неодговорноста манифестирана преку  непочитувањето на препораките како и големиот број на оние кај кои постои скептицизам дека пандемијата е реалност, нам, на здравствените работници ни се најголемиот непријател.

Светската здравствена организација редовно е ангажирана околу побивањето на митовите поради кои луѓето не веруваат во постоењето на корона-19. „Економист“ во март 2020 година покажа дека 13% од Американците сметаат дека кризата со ковид-19 е измама, а големи 49% сметаат дека епидемијата може да биде вештачка. За лажноста од постоење на пандемијата говореа и јавни личности, што не не одбегна ни нас.

Психолозите веќе го проучуваат овој феномен и се надевам дека ќе откријат нови начини за да се заштитиме од лаги и да помогнеме да се запре ширењето на дезинформации во врска со корона вирусот. Дотогаш, може само да се надеваме дека сите заедно малку повеќе ќе се потрудиме да помогнеме, преку личното однесување за време на пандемија, да влијаеме на бројот на нови инфицирани, затоа што желбата ни е иста – да го поминеме овој период успешно. А, такви успешни приказни видовме дека постојат. Но, за тоа е потребна висока свесност, дисциплина и одговорност.

Д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарската комора на Северна Македонија