БиХ е една од ретките земји во Европа во која не е започнато вакцинирањето и се наоѓа на дното од списокот со резервирани 5%  во однос на бројот на жители.

Оливера Додиг

Во зората на Новата година, се разбуди надежта за враќање на старото „нормално“ без пандемија, на времето исполнето со училиште, канцеларија, кафулиња, дружење, прегратки и блискости. На живот кој не се одвива во виртуелно опкружување. Надеж дека ова нема да биде година „што ја изеле скакулци“. Од порталите и од медиумите вриштат наслови и објави, помалку или повеќе точни, во врска со почетокот на имунизацијата и на видовите вакцина.

Расте бројот на одобрени вакцини, а со нив расте и надежта во победа над пандемијата. Прашањето веќе не гласи: дали да се вакцинираме или не, изземајќи ги антиваксерите и „рамноземјашите“, туку со која вакцина да го сториме тоа. Експертите велат дека компликациите од вирусот се неспоредливо поголеми од евентуалните компликации од добиената вакцина. И додека едни размислуваат дали да се вакцинираат со новата вакцина, прашувајќи се дали може делчето нуклеинска киселина што го носи да им го промени генетскиот материјал, други не би се вакцинирале со вакцини произведени на класичен начин. Дилеми и меѓу експертите и меѓу обичните луѓе.

Ги следам настаните и размислувам што ќе биде со нас во БиХ. Соседите навреме го започнаа процесот на имунизација. Кај нас сѐ уште не се знае кога, ниту кои вакцини ќе стигнат поради неспособноста на властите да управуваат со кризата, кои не ги загрижува ниту податокот дека сме четврти во светот по смртност, со 1249 мртви на милион жители.

Механизмот Ковакс, создаден по принципот на солидарност, за сите земји во светот да добијат вакцини навреме, потфрли. Големите и богатите веќе откупија и договорија и до трипати повеќе вакцини отколку што имаат жители, влегувајќи во директни преговори и откуп на вакцини од произведувачите.

БиХ е една од ретките земји во Европа во која не е започнато вакцинирањето и се наоѓа на дното од списокот со резервирани 5%  во однос на бројот на жители.

Произведувачите на вакцини уште сега почнуваат да заостануваат во трката со времето бидејќи е невозможно да произведат толкав број за кратко време. За имунизацијата да биде ефективна, треба да се започне истовремено во дел од светот и да заврши во што пократок рок, не оставајќи дупки кои би овозможиле повторна трансмисија на вирусот.

Во соседството огромни редици пред посебно оформените хали за масовна имунизација, кај нас редици пред жичарниците за скијање на сите босанскохерцеговски планини. Ски центрите никогаш подобро не биле опремени, а и времето е погодно за зимски спортови, па сликите кои ги гледаме деновиве изгледаат како за момент да сме се вратиле во „старото нормално“.

Европа уште повеќе се затвора, обележувајќи т.н. темноцрвени зони, забранувајќи премин од едни во други, во страв од нови видови на брзоширечкиот вирус кој би можел да ја загрози имунизацијата.

Босна и Херцеговина се отвора, повикува и угостува туристи од земјата и околината. Треба да се надомести изгубеното. Само да не го надоместиме со животи.

Чудесна е и појавата дека опаѓа бројот на заболени, додека во светот расте или останува ист. Властите допрва се будат и влегуваат во директни преговори со производителите на вакцини, народот ја бара превенцијата во планините, на остар и чист планински воздух, а бизнисмените и туристичките работници ги тријат рацете во обид да ја надоместат онаа иста година од почетокот на приказната „која ја изедоа скакулци“.

Само да не се случи на крај да платиме висока сметка, или да не нѐ изедат скакулци, т.е вирус. Барем не во енормен број.

 

Оливера Додиг е новинарка од Сараево, Босна и Херцеговина. Во текот на кариерата работела како водител на Радио Сараево, потоа како уредничка на специјални програми на Радио БиХ. Од 2009 година води авторска емисија за здравје на БХТ1, каде што во одреден период ја вршеше и функцијата директор. Добитничка е на бројни признанија во земјата.