Додека обвинителството и полицијата во Црна Гора со дотогаш невидена ефикасност ги процесуираа граѓаните кои ги кршеа мерките против пандемијата, одговорот на насилство во семејството не беше ни приближно толку ажурен.

Пишува: Маја Раичевиќ

Веќе во април годинава, еден месец од почетокот на примената на мерки против пандемијата во Црна Гора, женските невладини организации забележаа пораст на бројот на пријавени случаи, кој се движеше меѓу 20 и 30 проценти во однос на периодот пред короната.

Бројот на пријави во полицијата остана на вообичаеното ниво, што зборува за значењето што го имаат специјализираните сервиси за поддршка на жртви на насилство кои ги водат женските организации, но и за недоволната доверба во државните институции.

Во еден од случаите пријавени во Центарот за женски права, полицијата реагирала на повикот на соседите кои со денови слушале бука од соседниот стан. Во прашање било партнерско насилство, а жртвата била жена во поодмината бременост. Насилството се одвивало во присуство на нивната двегодишна ќеркичка, што законот го препознава како отежнувачка околност. Меѓутоа, полициската патрола само го предупредила насилникот, предложувајќи ѝ на жената со детето да го напушти станот, наместо, како што налага законот, да го оддалечи од станот и да го процесуира по службена должност.

Додека обвинителството и полицијата во Црна Гора со дотогаш невидена ефикасност ги процесуираа граѓаните кои ги кршеа мерките против пандемијата, одговорот на насилство во семејството не беше ни приближно толку ажурен. Иако Владата во соработка со невладините организации започна кампања „Безбедна дома“ со јасна порака до жените да не трпат насилство и да сметаат на ефикасна поддршка од полицијата, Центарот за женски права забележал повеќе случаи во кои изостанала адекватна реакција од надлежните. Поради тоа, од полицијата и од обвинителството е побарано во случаите на кршење на мерките за заштита од насилство во семејството, да покажат иста ажурност како кај кршењето на мерките против пандемијата.

Размерите на насилство во семејството и на насилство врз жените и пред актуелната криза претставуваа своевидна невидлива пандемија, судејќи според истражувањето спроведено во 2017 година (УНДП), кое покажало дека 42% жени во Црна Гора преживеале некаков облик на насилство во текот на животот и дека ова кршење на човековите права ја чини годишно Црна Гора 223 милиони евра, со прогресивна тенденција во годините кои доаѓаат.

Институциите потешко го препознаваат насилството кога тоа не вклучува физичко злоставување, кога се манифестира како контрола и принуда што ги спроведува оној член на семејството кој има поголема општествена и економска моќ. Насилниците често користат насилство, застрашување, понижување и изолација за на жртвата да ѝ го одземат правото на физичка сигурност, на достоинство и на почитување. Иако сите облици на злоставување се однесуваат на моќ и на контрола, присилната контрола е стратешки облик на трајно угнетување кој ги напаѓа сите подрачја од животот на жртвата, вклучувајќи ги и сите нејзини извори на поддршка и ресурси. Покрај тоа, малку елементи на присилна контрола во моментов се сметаат за кривично дело, што дополнително го комплицира ова прашање во контекстот на семејно насилство. Еден од посебно актуелните облици на принуда е и економската депривација, лишување на жените и на децата од основни средства за живот, што често се манифестира преку неплаќање алиментација. Неспособноста на државата да обезбеди примена на правото на децата на редовно издржување е своевиден облик на структурна дискриминација и една од причините за сиромаштија меѓу жените и децата во Црна Гора.

Наведеното нѐ опоменува дека одговорото на родово заснованото насилство врз жените и во семејството бара разбирање на сите споменати обрасци на однесување и на нивните долгорочни последици врз жртвата. Бара разбирање дека заминувањето од насилникот и напуштањето на насилниот однос честопати не значи и крај на насилството, кое понатаму се манифестира како притисок на насилникот врз институциите, контрола на партнерката преку други членови на семејството или преку заеднички деца, а сѐ почесто и преку поднесување на неосновани пријави против неа, најчесто за насилство над децата. Потребно е институциите да ги разберат овие механизми и да ја унапредат меѓусебната соработка и посветеност со цел да ги повикаат на одговорност насилниците, а да ги ослободат илјадниците жени и деца од понекогаш само ним познатиот терор што секојдневно го прежививаат, особено во услови на кризата која нѐ погоди.

 

Маја Раичевиќ, извршна директорка на Центарот за женски права. Работи директно со жени и со деца што преживеале родово засновано насилство и дискриминација, нудејќи иницијално советување и застапување во контакт со релевантните институции.