Кој може да обезбеди имплементација на стандардите за приватност во ерата на нашите кревки демократии и неодговорни влади, и згора на сѐ, со судство што функционира далеку од нормално?

Назим Халити

„Птиците не се вистински“ – беше мотото и стравот на стотици луѓе на протестот во Спрингфилд, САД, на 23 јуни 2021 година. Во екот на пандемијата, глобалните предизвици на недоверба во вакцинацијата против Ковид и во време на лажни вести што ја погодуваат довербата и етиката во многу сфери на животот, американските демонстранти веруваа дека речиси 12 милиони птици биле убиени од страна на владата за да бидат заменети со дронови слични на птици, за програмите за надгледување на граѓаните.

Пред само два дена, во Приштина, маж физички нападнал жена во трговски центар. Ова стана главна вест во медиумите во земјата, зголемувајќи го гневот кон растечкото насилство врз жените. На местото на инцидентот се било јасно, снимено од надзорните камери.

Иако косовското општество сè уште е силно конзервативно во приватниот, но и во јавниот живот, може да се каже дека надзорот, вклучувајќи го и надзорот со камери на различни простори и електронските прислушувања, никогаш не бил дискутиран како проблем на социјалните форуми.

Пред речиси шест години, законот за електронски комуникации мина и на јавни расправи со мала група активисти од невладиниот сектор. Ова се случуваше набргу по откритијата на Американецот Едвард Сноуден и светот зборуваше за сеопфатен надзор. Во овој временски период, во 2014 година, на Косово се случи и аферата „Пронто“, една од медиумските објави на серија анонимни прислушувања, каде разни државни функционери планираат вработување во институции. Овој судски спор трае и деновиве против 11 различни поранешни функционери, поранешни министри и пратеници.

Но, што е приватноста во ерата на дигитализација на многу услуги и е-управување? Колку највисоката безбедност на приватноста би тежела врз нејзината важност во услови на заштеда на време, брзи дигитални услуги и поголема поврзаност меѓу луѓето? Кој може да обезбеди имплементација на стандардите за приватност во ерата на нашите кревки демократии и неодговорни влади, и згора на сѐ, со судство што функционира далеку од нормално?

Училиште со надзорни камери по ходниците и надворешните површини, продавница која лесно ги фаќа крадците, аптека која е ограбена насилно и сторителите лесно се фатени од полицијата, градски парк надгледуван од камери, полициска оперативна соба која го следи темпото на животот на раскрсниците низ градот, се погодности за многумина. Но, не се само надзорните камери кои, покрај добрите страни, претставуваат предизвик во однос на приватноста на луѓето. Речиси секоја апликација што луѓето ја преземаат на својот телефон создава пристап до нивните фотографии, контакти и движење. Денеска, слободата не е избор. Граѓанинот не може да биде заштитен, па дури и да е рамнодушен кон технолошките можности.

Јувал Ноа Харари, автор на три фантастични книги за потеклото на човекот и неговата еволуција во историјата, во својата најнова книга „Homo Deus“, вели дека датаизмот станува нова религија, каде што неговата врвна вредност е протокот на информации.

Но, во денешната дебата околу демократијата и безбедноста, безбедноста ќе остане приоритет во многу области, вклучувајќи го и надзорот со камера. Можеби дури и социолозите, психолозите и еколозите можат да имаат корист од научниот увид во движењето на луѓето во ритамот на нивниот живот.

 

Назим Халити е универзитетски предавач од областа на политичките науки во Приштина, поранешен новинар и поранешен активист и истражувач во областа на безбедносната политика