Да се сведат љубовта, почитувањето и благодарноста на култ е срамно. Човекот ја следеше својата ѕвезда, се избори за идеали. Што ќе му е култ – одлика на боговите?

Мишо Мариќ

Черчил: „Одлучно застанавме на страната на Тито поради неговата храбра борба против германската армија.“

Сталин: „Чувај го здравјето, ќе ѝ требаш на Европа!“

Де Гол: „Тито е легендарен јунак.“

Чаплин: „Пред Маршалот, за чинот во борба против фашизмот, како војник во таа борба, застанувам мирно и салутирам!“

Сартр: „Титовата Југославија е реализација на мојата филозофија.“

Тито Босниа (индонезиски новинар): „Како што забележавте, моето име е комбинација од Титовото име и државата БиХ. Ова име ми го даде татко ми…“

Капкичка од „Мостарске кише“: „Чичко Мишо, нам никој, освен другарот Тито, не ни се поклони.“

Крлежа: „Ниту за миг не се посомнева во своите идеали, ги оствари повеќе од многу поколенија на поети, политичари, владетели и војсководци.“

Коста Наѓ: „Октомври, 1942. Го наоѓам пред вагонот, завеал снег, а тој се бричи. Знаеш, Коста, време е да создаваме држава. Молчам затекнат, зачуден. Светот во хаос, тој прави држава!?“

Мате Парлов: „Му бев миленик на Тито, ме сакаше… Како да бидам јас националист, јас сум првак на светот.“

Не сум првак во ништо, прогонет, Ексетер, УК, чекалница на смртта. Еве го мај, радости, тага и убаво сонце по тешки дождови. Азра ме закачила со штипки во градината, ме суши и 46-та година ме повикува да се опаметам, безуспешно. Ќерката Милена научила што е Татко, внуката Бела учи што е Дедо, успешно…

Во родниот Босански Петровац во ’48-ма, на мајката Деса ѝ дадоа лист хартија, пишуваше црно на црно: „М.М. дете жртва на фашистички терор“. Ги барав татко ми, дедото по мајка, залудно. Ги ископавме дедото по татко, бабата, стрините и градинката Мариќ. Клапчиќ Милан 12, најмалото девојче 3 месеци, Безимена, изрударивме генерација роднини, векуваат под петокраките на гробиштата во татковото село Колуниќ. Каде што еднаш се умира, двапати се закопува, а се лелека цел век.

За Тито првпат слушнав од преживеаните вујковци и стриковци, бригадири на обновата… Потоа го запознавав во читанките, во книгите за возрасни… Дедовците ги сонував со неговиот лик, го засакав. Ми беше учител по простување и љубов, па го опеав, десет пати го среќавав, стотина сценарија измислив. Тргнување на штафетата, републички и сојузни свечености, Неретва, Дрвар, Срем… Бесплатно, за своја душа, Тито и Титовци не се за тезги…

Сега од парталите на изморениот Југ слушам фалш пеења на змијовидни јазици со кратки нозе за култот на личноста. Првпат заплакале во болници, прооделе во станови, се школувале под светлината од електраните, лечени и вакцинирани патници од новите колосеци и асфалтираниот макадам, добиле сѐ на тацна. Чесните предци си го заработувале лебот во Титовата Југа, потомците собираа, а богами и грабеа, или со фин Речник „транзиција“… итн. и така сѐ посрамно.

А што е тој култ, да ми извиниш? На почетокот цитирав по некого, за комплетен Регистар на планетарни престапници на создавањето на „Титовиот култ“ тесни се кориците на „Махабхарата“. Југовците му закачија 18 највисоки одликувања, можно е и понекое полтронско, но наши се, да не кенкаме. Некои се и од саканиот окупатор, па што им фали?

Освен Австралија, ударниците во работната акција „Изградба на Титовиот култ“ од останатите континенти свечено го закитија со 101 најугледно државно одликување.

Да се сведат љубовта, почитувањето и благодарноста на култ е срамно. Човекот ја следеше својата ѕвезда, се избори за идеали. Што ќе му е култ – одлика на боговите?

Тито е во најтешките категории на живеењето првак на светот на Олимп на Бесмртниците. Ако тоа е култ, горд сум и со мерак се допишувам со помудри од мене.

 

Мишо Мариќ, Активен е во новинарството од 1969 година, бил уредник во бројни босанскохерцеговски медиуми, основач на детскиот ансамбл „Мостарске кише“, вклучуван во поетски и музички антологии, наградуван за поезија и проза, преведуван на многу светски јазици