Животот во поинакво опкружување е нешто што на сите нас, кои сме имале можност да го доживееме тоа, ни ги шири видиците до таа мера што сфаќаме дека никој не може да ја одредува нашата судбина, дека не мораме сите да живееме во „систем“ на кој нашата средина е навикната и во кој сме пораснале.

Милан Николиќ

„Оди надвор, ќе ти биде подобро“, „што ќе правиш овде, сѐ пропадна или е распродадено“, „бандата сѐ испокраде, бегај одовде!“, се само некои од флоскулите кои младите луѓе редовно ги слушаат во своето опкружување речиси низ цела Србија.

Многумина од нас ја напуштаат земјата секој ден, според некои проценки, дури 30.000 до 40.000 годишно. Добар дел од младите се факултетски образовани. Заминуваат во обид да обезбедат попросперитетна иднина за себе и за своите семејства. Сепак, дали секогаш заминуваат само затоа што е подобро на друго место отколку кај нас, затоа што политичкиот систем е подобро организиран или затоа што сонцето на туѓо небо поубаво грее?! Не е баш така! Едноставно кажано, младите треба да ги искористат сите предности на 21-от век и да ги испробаат можностите што им се нудат, како во Србија, така и во други земји. Јас сум еден од тие луѓе. Некогашната, сегашна и идна ситуација во која се наоѓа нашата земја во ниеден момент не била одлучувачка што се однесува до мојата желба да се преселам во друга земја за подолг или пократок временски период. Јас не сум од оние луѓе кои веруваат дека човек туку-така одлучува и вели „Одам, се гледаме!“, бидејќи сум тип на личност која детално го планира секое свое заминување.

Самата желба за авантуристички искуства започна да се развива во мене уште во средно училиште. Во периодот од 2015 до 2021 година живеев во Америка, Холандија, Романија и, конечно, во Унгарија, каде имав можност да завршам двегодишни магистерски студии по меѓународна економија и бизнис на престижниот универзитет „Корвинус“, кој се смета за еден од најдобрите во овој дел на Европа. Прашањето е, каква е користа од сетос тоа? Накратко – голема! Придобивките се многу, почнувајќи од тоа дека се склопуваат познанства што подоцна можат да отворат многу можности, како на приватен, така и на деловен план. Животот во поинакво опкружување е нешто што на сите нас, кои сме имале можност да го доживееме тоа, ни ги шири видиците до таа мера што сфаќаме дека никој не може да ја одредува нашата судбина, дека не мораме сите да живееме во „систем“ на кој нашата средина е навикната и во кој сме пораснале. Додуша, заблуда е дека само луѓето од нашиот регион заминуваат со огромна брзина. Миграциите се случуваат насекаде и затоа не смееме секогаш да поврзуваме нечие заминување со лошата состојба на системот во кој живееме. Секако, постои и тоа, како и луѓето кои сакаат да постигнат одредени успеси во кариерата на друго место. Затоа се поставува прашањето што ги мачи сите што се родени во Србија: „Дали сме финансиски и кариерно сигурни?“. Пораснавме во средина што е ориентирана кон семејството и пријателите како основа на сè (што не може да се каже за секоја друга земја) и тоа беше клучен фактор во мојот случај да ја изберам Србија како трајно живеалиште, иако го поддржувам секое заминување и престој во кој било регион во светот што ќе нѐ направи подобри и поуспешни во поглед на личниот и кариерен развој. Без разлика дали луѓето признаваат или не, факт е дека повеќето од нив ја користат секоја можност да ја посетат Србија секогаш кога тоа е можно.

Секој од нас е индивидуа и сами донесуваме одлуки за нашата иднина и за локацијата на која сакаме или не сакаме да бидеме, но клучната работа е да понудиме разбирање и поддршка едни на други и да оставиме доволно време да ги анализираме работите. Јас засекогаш ќе бидам благодарен на моето семејство и пријателите што, кога и да беше потребно, имаа време да ги сослушаат моите идеи и да дадат свое искрено мислење. Тоа ме направи подобар и посамоуверен, а ним им возвраќав со детални приказни за авантурите што ги доживував. Честопати знаат да ми кажат: „Миланче, ти си нашиот прозорец кон светот!“.

 

Милан Николиќ, економист