Кога владејачката општествена елита медиумите ги доживува исклучиво како политичка алатка, тогаш треба да биде очекувана нејзината благонаклоност кон формите што ќе го држат човекот (а за споменатата елита тој е првенствено гласач) затворен во зоната на приватни тривии и банална забава.

Маринко Воргиќ

Она што денес би можеле да го наречеме класичен концепт на медиумите во голема мера се засноваше на одредена доза на мистификација на улогата и структурата на медиумите. Односот помеѓу создавачот и потрошувачот на медиумска содржина беше изграден на такво искуство, па на информацијата ѝ се веруваше само кога нејзиниот извор беше познат и веродостоен, или ако беше пласирана или користена во форма зад која стои некој чие авторство е препознатливо. Едноставно, во овој речиси архивиран модел, правилото беше дека односот меѓу општеството и медиумите мора да се заснова на веќе донекаде класичниот поим за одговорност.

Во денешниот демистифициран и прилично анархичен медиумски простор – сè помалку зависен од некаква институционална логистика и сè помалку условен од одререна професионална, етичка и естетска зададеност – влета нешто што условно може да се нарече медиумска герила. Гледано и слушано лице со милионски прегледи денеска може да стане кој било и да каже што било, а тоа лесно може да му обезбеди статус на влијателна личност во бескрајното море на медиумско самоволие и, главно, тривијалност.

Меѓутоа, главниот проблем на оваа појава не може да се согледа од позицијата на герилата која напаѓа, туку од позицијата на општеството што се повлекува. Овде се поставува клучното прашање – зошто општеството со сите негови регулаторни, нецензурачки, механизми се однесува толку поразително? Случајот на Асанж, на пример, покажува дека носителите на моќта во општеството се и тоа како агилни кога во тој неконтролиран свет, како што е Интернетот, се појавуваат содржини „штетни“ за нивната моќ. Од друга страна, општествено-политичката елита не гледа никаква штета во тоа што разни живописни ликови, убедени дека нивното животно искуство е најдоброто училиште, од своите виртуелни платформи го градат вредносниот систем на младите.

Ако, пак, на проблемот гледаме од позиција на конзументот на овие содржини, обичниот човек, тогаш ќе видиме дека тој само се води од сопствените желби и очекувања, а тие, не треба да имаме илузии, главно се насочени кон она што не бара многу труд. Од тој приватен циклус на желби и фасцинации на обичниот човек произлезе победничка формула која овозможи експанзија на инфлуенсерски, блогерски и јутјуберски дела, кои не бараат труд ниту во создавањето, ниту во конзумирањето, и кои, како и секоја тривија, се многу заводливи.

И сега повторно за општеството (секоја сличност со нашето е случајна). Кога владејачката општествена елита медиумите ги доживува исклучиво како политичка алатка, тогаш треба да биде очекувана нејзината благонаклоност кон формите што ќе го држат човекот (а за споменатата елита тој е првенствено гласач) затворен во зоната на приватни тривии и банална забава. Во пресметките на таа елита, многу подобро е тинејџер да минува време во полемики околу цената на ферарито на Баба Прасе отколку, не дај Боже, пред некоја едукативна содржина. Исто како што е подобро некоја инфлуенсерка да ѝ открива на армијата следбеници нови рецепти за среќа, да дава препораки за „фенси“, да предупредува на „аут“ и попат да раскажува за своите драматични искуства кај педикирот, отколку за тоа време виртуелизираните следбеници да се жестат во уништената реалност.

И, на крајот, како може да одолее на тоа обичен човек, кутро чедо, кога сето тоа е толку лесно и кревко, не го форсира мозокот и изгледа достапно. Особено што не мрачи со некакви си приказни за кризи, корупција и криминал. Со тоа нека се занимаваат класичните медиуми, кои патем речено, веќе во голема мера ги презедоа механизмите од сите тие виртуелни и реалити форми.

 

Маринко Воргиќ е книжевник и литературен критичар