„Бранители на граѓански права“ наведува дека новинарите се соочуваат со закани, говор на омраза и физички напади. Извештајот нагласува и дека обвиненијата против новинарите се користат како метод за стимулирање на автоцензура.

Лорин Кадиу

Вчера беше официјалната годишнина од денот кога во Албанија беше откриен првиот случај на Ковид-19. Пандемијата, проследена со повеќемесечна изолација и мерки за контрола, ја погоди земјата од секој аспект.

Во време кога информациите станаа неопходност и важен сегмент за јавното здравје, медиумите и новинарите беа исто така погодени од пандемијата на Ковид-19, бидејќи станаа цел на острата реторика на креаторите на политики и на низа дискутабилни закони кои датираат долго пред појавата на новиот коронавирус.

Анализата на Албанскиот совет на медиуми, објавена во јануари 2021 година, покажа дека новинарите, освен со финансиски потешкотии, се соочуваат и со пречки околу квалитетот, непристрасноста и точноста на известувањата во текот на месеците во изолација. Во меѓувреме, публиката е презаситена со вести за коронавирусот (околу 60% од обемот на информации следени во анализата), а речиси четвртина од овие вести како извор ги имаат официјалните владини изјави или профилите на социјалните медиуми на премиерот Рама.

Истиот проблем е прикажан и во мониторингот на меѓународните организации во Албанија. Пред неколку дена дознавме дека земјата изгубила поен во годишниот рејтинг на „Фридом Хаус“ за слободата во светот, додека во анализата што ја спроведува „Бранители на граѓански права“ (ЦРД) во врска со политиките и владеењето на законот, забележани се низа проблеми поврзани со судскиот систем, корупцијата, слободата на медиумите и заштитата на човековите права.

„Бранители на граѓански права“ наведува дека новинарите се соочуваат со закани, говор на омраза и физички напади. Извештајот нагласува и дека обвиненијата против новинарите се користат како метод за стимулирање на автоцензура. Само во декември 2020 година, медиумот „БИРН Албанија“, новинарите Артан Рама и Jули Крисафи беа тужени од приватни компании чии блиски односи со владата биле разоткриени.

Во врска со слободата на медиумите забележани се сериозни проблеми, иако Албанија во овој период ја презеде водечката позиција во ОБСЕ, а тоа е истакнато во извештајот на албанскиот Хелсиншки комитет и многу други партнерски организации. Четвртото поглавје во извештајот на БИРН Албанија покренува многу прашања поврзани со непријателската атмосфера кон медиумите.

Меѓу останатите прашања, извештајот зборува и за проблемите во врска со законите што ги засегаат медиумите, воведени од страна на албанската влада под називот „пакет против клевета“. Иницијатива која датира од 2018 година, а чија цел е регулирање на интернет медиумите преку административно тело кое ќе го избираат политичките партии, тело кое има право да напише високи казни со извршна титула.

Се чини дека албанската влада се повлече само за момент во врска со овој правен пакет, по широка дискусија и бројни локални и меѓународни реакции, како и по укорите на Советот на Европа и Европската комисија, потврдени и според мислењето на Венецијанската комисија, која ова го постави и како услов за отворање на пристапните преговори на Албанија со Европската унија.

Во оваа смисла, доаѓа позитивна забелешка во вид на иницијатива од самите медиуми. Медиумите се подготвени да ги направат првите чекори за воспоставување механизми за саморегулација. Во февруари 2020 година, иницијатива на албанскиот Совет за медиуми, поддржана од органите на Европската унија во Албанија, ја основа Алијансата за етика во медиумите (АМЕ). Оваа организација се состои од 25 електронски и аудио-визуелни медиуми и успешно создаде функционален механизам за поплаки што ги разгледува Етичкиот одбор, основан со гласови на АМЕ, со цел да се зголеми квалитетот на известувањето и да се спроведе Кодекс на етика во медиумите.

 

Лорин Кадиу долги години е новинар, уредник и тренер за иновативни методи на новинарство, работејќи за разни локални и меѓународни медиуми. Во моментов, тој е извршен директор на центарот „Citizens Channel“.