Во Босна и Херцеговина во последните 10 години, а особено во последниве 3-4 години, трае борбата против изградбата на мали хидроцентрали. Локалните жители увидоа што носат со себе овие изградби. Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина призна дека малите хидроелектрани се повеќе штетни одошто корисни.

Сеприсутниот впечаток е дека никако не можеме да зборуваме за проекти за обновлива и чиста енергија ако се земе предвид дека со изградбата се уништува живиот свет во и околу реките, се загрозува економијата на руралните предели, а и шумата немилосрдно се сече. Изградени се 109 мали хидроелектрани (МХЕ), а се планира изградба и на дополнителни, меѓу 350 и 600.

Сите реки, рекички и поголеми потоци во БиХ се загрозени. Локалните жители, оставени сами на себе, почнуваат да пружаат отпор против разорните изградби на МХЕ чија цел е богатење на поединци, на штета на заедницата.

Во моментов, локалното население заедно со активистите упорно и грчевито се бори за спас на вистинските бисери на убавината на недопрените реки Крушчица, Неретвица, Долјанка, Бјелава, Бунските канали, Касиндолка, Козица и други. Активистите знаат дека ветувањата за вработувања, за придобивките што МХЕ ги носат за локалната заедница, се чиста лага, па солидарно се здружуваат и не дозволуваат ставање на реките во цевка. Бранејќи ги своите реки, го бранат опстанокот на нивните деца, а и на сите идни генерации.

Ова не е само борба против МХЕ, ова е борба за правда, за праведност и за достоинство. Правната борба за реките укажа на низа недостатоци и незаконитости во процесот на издавање на дозволи. Институциите во соработка со инвеститорите ги кршат законите за да го избегнат вклучувањето на локалните заедници и нивниот став во врска со овие проекти. Жените од Крушчица преку 500 дена ја бранеа реката од машините. На крајот успеаја и судски да ги поништат еколошката и други дозволи. Меѓутоа, борбата не е завршена сѐ додека постојат договорите за концесија, како и вклученоста на изградбите на мали хидроелектрани во просторните планови низ БиХ.

Сѐ додека со заккон не се забрани изградбата на нови МХЕ, а се надеваме дека во иднина ќе запрат со работа и веќе изградените МХЕ, нашата борна нема да запре. По долгогодишна борба, а потоа и глобална кампања за спас на реките во Босна и Херцеговина, Владата на Федерацијата БиХ одеднаш стана чувствителна на борбата на активистите.

На состанокот на претставниците од Владата на ФБиХ и Коалицијата за заштита на реките во БиХ што се случи во средината на октомври годинава, Владата на ФБиХ направи вербален наративен пресврт во поглед на изградбата на МХЕ. Премиерот на федералната Влада, Фадил Новалиќ, призна дека МХЕ се повеќе штетни одошто корисни и дека се енергетски неисплатливи, како и дека треба да се свртиме кон соларните извори на енергија и кон ветерот. Исто така, беше дадено ветување дека нашите барања ќе бидат разгледани на ниво на Владата на ФБиХ со цел изградбата да се забави, а потоа и да запре. Затоа притисокот врз власта е од суштинска важност за спас на реките и на животот. Потребна е најитна промена на федералниот правилник со која построго ќе се регулира издавањето на еколошки дозволи од страна на Министерството на Федерацијата БиХ за животна средина, потоа укинување на стимулите за МХЕ, и најпосле промена на сите закони во врска со заштитата на реките и шумите, со цел да се оневозможи понатамошно градење.

Ситуацијата е слична и во другиот босанскохерцеговски ентитет, Република Српска, каде што активистите вршат притисок властите да го стават јавниот интерес пред приватниот и да го заштитат.

Борбата за реките е борба за питка вода во БиХ, борба за живот. Сведоци сме дека токму оваа заедничка борба ги надминува етничките и сите други граници и дека реките нѐ обединуваат. Оваа борба дава надеж за подобра, поправедна, пофер и поубава БиХ.

 

Лејла Кустурица, активистка