Храброста на Мирела Чавајда ќе ни остане како обврска секој нареден пат да се спротивставиме на лицемерното повикување на совест од луѓе кои положиле Хипократова заклетва и кои сега се повикуваат на Библијата.

Кристина Љевак

Здравствената инспекција донесе конечна оцена дека болницата и раководителката го прекршиле законот во случајот со Мирела Чавајда од Хрватска. Така, според пишувањата на хрватските медиуми, им се заканува обвинение затоа што не се почитувал Законот за правата на пациентите, а тоа би значело казна од 5.000 до 50.000 куни.

Тоа е пирова победа за жената која својата личност, тело, одлуки, потомство, матка и репродуктивни органи храбро ги изложи пред јавноста, во очајнички обид за прекин на бременоста откако е утврдено дека плодот кој го носи неполни 25 недели заболел од малиген тумор и е неизвесно дали бебето ќе умре во мајчината утроба, по породувањето, за еден месец или по операциите ќе живее со тешки ментални оштетувања.

Првата и најважната цел на ограничувањето на правото на абортус не е чие било здравје или добросостојба, туку надзор и контрола над оној дел од населението кој може да забремени, жените, и воопшто над приватноста на населението. Тоа се гледа уште по тоа што законодавците во многу држави што имаат ригорозни закони против слободата на одлучување околу раѓањето, во нив често без поголеми проблеми оставаат простор за абортус „во случај на силување или инцест“ или „во случај на загрозеност на здравјето на мајката или детето“, одземајќи ѝ ги на бремената жена моќта и способноста да суди за сопственото тело и живот. Државата во тој случај, преземајќи ги уздите во свои раце, дозволува абортус само тогаш кога ќе процени дека „грешницата“ е веќе доволно измачена од животот, па е во ред да ѝ се дозволи абортус дури и од највисоката морализаторска висина. Ист е случајот и со обидите абортусот да се направи поскап за жените на кои им е потребен. На пример, во случајот на „Медикејд“, американското здравствено осигурување за најсиромашните, договорено е да не може да покрива абортус „освен во случаи на силување, инцест или животна загрозеност“, или во нам поблиската Словенија, во која абортусот е и де јуре и де факто многу достапен и покриен со здравственото осигурување, но одвреме навреме се појавуваат притисоци тој да почне да се наплаќа, што е во суштина предлог жените да се – казнат за абортусот. Нешто попријатните држави за жени, кога се во прашање репродуктивните и сексуалните права, таа контрола се обидуваат да ја одржат со наметнување на задолжително психолошко советување и/или повеќедневно чекање за абортус, со што жените буквално дополнително се злоставуваат, под претпоставка дека ќе се премислат ако доволно им отежнуваме, со што повторно сосила им се одзема моќта и способноста за одлучување за сопственото тело. Веќе и самиот факт дека уставните судови, како што токму сега се случува во САД, одлучуваат за слободата на одлучување за раѓање, односно за правото на абортус, зборува за тоа колку на државата ѝ е важна таа контрола над населението.

Мирела Чавајда можеше веднаш да замине во Словенија, како што ѝ советуваа лекарите од Загреб, но тоа не го стори во тишина, ускратувајќи ѝ ја на јавноста информацијата дека во Хрватска никој не може да ѝ го осигура со закон регулираното право – правото на абортус.

Храброста на Мирела Чавајда ќе ни остане како обврска секој нареден пат да се спротивставиме на лицемерното повикување на совест од луѓе кои положиле Хипократова заклетва и кои сега се повикуваат на Библијата.

Освен тортурата која ѝ ја овозможи системот и личната болка, по случајот на Мирела Чавајда останува прашањето зошто и денеска мораме одново да се бориме за одамна остварените права и зошто државата смета дека има право да одлучува за репродуктивниот живот и телото на жените.

Во Босна и Херцеговина, веројатно благодарение на фокусот на виталниот национален интерес и во духот на нашите етноцентрични политики, правото на абортус сè уште не е под знак прашалник, но прашање на ден е кога, во духот на вкупната радикализација на десницата, ќе се проблематизира и тоа, па во рамките на три национални корпуси секој да се позанимава со своето идно топовско месо и да изрази интерес за животот на детето пред детето да настане, додека е уште фетус.

 

Кристина Љевак е новинарка и уредничка која повеќе од дваесет години работи во домашни и во регионални медиуми. Феминистка е и ЛГБТ активистка