Нема поразумен и истовремено пољубовен јазик од тој на родителите, кои ги прифаќаат своите деца онакви какви се и кои се борат да им овозможат достоинствен живот.

Кочо Андоновски

 Започнува Месецот на гордоста, после една од најтешките години кои сите ќе ја паметиме по пандемијата и следствено изолацијата која ја преживеавме. За жал за многу ЛГБТ+ луѓе изолацијата не е новина која дојде со пандемијата, многумина ја живеат целиот свој живот, особено во помали и затворени средини. Сепак, според новата мапа на ИЛГА Европа за напредокот кон еднаквоста за ЛГБТ+ луѓето на европскиот континент, после долг период се нотира напредок во нашата држава. Многумина ме контактираа затоа што мислат дека нема никаков напредок, зошто ова го нотира ИЛГА Европа? Мојот одговор е дека да, има напредок, почнувајќи од политичката волја кај лидерството на државата, подобрување на правната рамка, пред се со усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, формирана веќе втора ЛГБТИ интерпартиска група во Собранието, но и релаксираната атмосфера каде ЛГБТИ+ луѓето веќе не се злоупотребуваат во секојдневните политички препукувања и манипулации со јавноста. Сепак, мора да забележиме и дека овие промени и политичката волја кај лидерството не гледаме дека се симнуваат надоле низ структурите на институциите и најголемиот дел се сеуште несензибилизирани на оваа тема.

Изминатиов период кај нас се случи уште една значајна работа за ЛГБТ+ луѓето, во ТВ магазинот Клик плус на ТВ21, застанаа во одбрана на своите деца две мајки и еден татко. Нема поразумен и истовремено пољубовен јазик од тој на родителите, кои ги прифаќаат своите деца онакви какви се и кои се борат да им овозможат достоинствен живот. Ова е вистинскиот начин да се победат предрасудите и стигмата која ги поткопува надежите и можностотите за едно ЛГБТ+ лице да се реализира себеси и да достигне среќа.

Зајакнувањето на борбата за еднаквост на ЛГБТ+ луѓето со родители кои сакаат да им пружат на своите деца еднакви можности при зачекорување во животот е силна порака до сите родители кои заради предрасуди или страв од стигма од околината не ги прифаќаат своите деца и ги отфрлаат ако дознаат дека се ЛГБТ+. Порака која е родителска, проткаена со несебична љубов и посветеност на сопствените деца.

Мислам дека оваа новина во нашата борба покажува дека целото ЛГБТ+ движење влегува во една позрела фаза и полека ја омекнува нетолеранцијата кон сексуалните малцинства. Тоа е знак дека и на Балкканот може да очекуваме промена на односот и зголемување на пристапот до правда и сервиси за ЛГБТ+ луѓето, што ќе ја зголеми не само исполнетоста и среќата на оние кои се идентификуваат со оваа заедница, туку ќе овозможи и искористување на целиот човечки капитал на балканските земји во својата обнова после 30 години недоразбирања, војни и пустшење, како и цврсто позиционирање на мапата на демократски и просперитетни региони.

Дека промената е можна видовме и при реализацијата на првиот Скопје Прајд во 2019 година, кога се покажа дека ако има политичка волја полицијата може да ги обезбеди овие настани и без обрач од неколку реда полицајци, што доведува до доплнителен страв и несигурност. Дека е можно да се обезбеди еден прајд со превентивна активност и стратешко обезбедување на реонот каде се одржува и пристапите до него. Тоа целосно ја менува сликата за прајдовите и ја исполнува нивната мисија, но истовремено ќе ја промени целосно и сликата за регионот.

Очигледно промената е можна, но многу зависи од политичката волја.

Не со динамика со која би сакал, но промените се случуваат.

 

Кочо Андоновски, Програмски директор ЛГБТИ Центар за поддршка, Скопје