Ниедно кривчно дело не покренува толква лавина морализаторски оправдувања за сторителите и морализаторски обвинувања кон оштетените како случаите на сексуално насилство.

Ирена Цветковиќ

 Сведоштвата и јавното прозборување на жените кои биле жртви на сексуално насилство и вознемирување почнуваат да го преплавуваат јавниот дискурс во регионот. Почнувајќи од metoo движењето, преку локалните балкански варијанти на истото (како примерот на #СегаКажувам од Северна Макеоднија), скандалот Јавна соба и конечното отворањето на случајот на Марија Лукич и случајот со професорот по глума Мика Алексиќ претставуваат тектонски поместувања во милениумскиот молк кон оваа форма на насилство. Што има од сето ова една мала земја како Северна Македонија?

Насилството претставува акт на употреба на сила или моќ кој има за цел да повреди друг или да му нанесе штета. Насилникот или злоставувачот својата жртва може да ја злоставува на еден или повеќе начини- физички, психолошки, емотивно, сексуално, вербално итн. Физичкото насилство, особено потешките форми на физичко насилство најчесто имаат своја видлива манифестација врз телото на жртвата. Останатите форми често се невидливи.

За семејството, за пријателите, ама и за општеството. Човекот има 3 начини на реагирање кога е соочен со опасност: со борба, со бекство или со замрзнување. Во случаите на сексуално насилство најчест човечки одговор е замрзнувањето. Во тој момент телото и психата се замрзнуваат- споделуваат многу од жртвите низ светот. Во нашата земја, системот остана замрзнат од скандалот со онлајн групата Јавна соба каде над 100 жени беа сексуално возмнемирувани, им беа споделувани приватни интимни фотографии и видеа, телефонски броеви, адреси итн. Една година после избивањето на скандалот, групата се‘ уште постоеше, жените поднесуваа пријави до полиција и обвинителство, а системот остана замрзнат се‘ додека една девојка во немоќ реши својот случај освен во полиција да го пријави и во една телевизија. Оттогаш за неполни 48 часа групата беше затворена, 4ца осомничени се приведени, а жртвите почнуваат да добиваат повици од институциите кои доцнат најмалку 6 месеци.

Коалиција Маргини, организацијата во која работам деновиве разговараше со десетици девојки кои беа жртви на Јавна соба. Сите имаат различни приказни, ама и една заедничка- банализирање на нивните искуства и страдања од страна на полицијата. Изговорите се движеле од тоа дека полицијата не може да го контролира интернетот, преку тоа дека законот ги штитити само малолетните девојки од овој тип на кривични дела па се до обвинувања дека жртвите сами си го барале штом се сликале или сликале во сексулани конотации или интимни акти.

Ниедно кривчно дело не покренува толква лавина морализаторски оправдувања за сторителите и морализаторски обвинувања кон оштетените како случаите на сексуално насилство. Емотивниот одговор (кој секогаш е повалидно исксутво од рационалниот) е молк, срам и чувство на вина меѓу жртвите и мотивираност, самодоверба чувство на контрола кај злосторниците. Оние помеѓу овие две позиции на злосторник и жртва не се исклучени туку се сочесници на страната која ќе изберат. Злосторникот очекува и се надева на молк и неменување на состојбата, на жртвите им е потребен глас, крик и промени кои се болни, но нужни. Државата и општеството можат да избираат помеѓу овие две позиции, но да бидат свесни чија позиција ја избрале.

Сексуалното насилство почнува да изговара јавно. Сведоштвата на жртвите и притисокот на јавноста ги поттикнуваат институциите да почнат да си ја вршат својата работа, но тоа е многу лош знак. Ако за едно кривично дело кое опфаќа стотина жртви (како случајот со Јавна соба) мора јавноста да се вознемири, жртвите да се трауматизираат и мораат со јавноста да ја споделуваат својата траума за тие да почнат да работат, тогаш нешто е опасно труло во нашиот систем. Потребно е инситуционално решение без многу помпа и спектакли, потребно е да се задоволи правдата за жртвите, да се санкционираат злосторниците низ правична истрага и судска постапка и да се ресоцијализираат сите оние кои страдале во периодот/процесите. Системот се одмрзнува единствено низ системски реформи, а не низ хајки, спектакли и драми.

 

Ирена Цветковиќ е доктор од областа на родовите студии. Таа е активистка за човековите права на маргинализираните заедници. Во моментов е извршна директорка во Коалицијата Маргини.