Дали сме соочени со пријатна иронија, тој профит станува главен мотиватор за спас на планетата? 

Кога мојот добар пријател Борјан Јовановски ми се јави со идеја да напишам колумна на тема екологија, мојата прва реакција беше да ја одбијам понудата, бидејќи мојот директен допир со таа област се сведува на користење на контејнери за различен вид отпад и очитување на нивото на загаденост на воздухот од апликацијата на мобилниот телефон. Всушност, она што ме чуди, му велам јас, е зошто екологијата толку долго е тема, а исто толку долго не гледаме суштинско поместување на глобално ниво кон „зелено општество“? Па зарем не би било за очекување секој да сака да пие чиста вода, да дише чист воздух и да јаде здрава храна? Зошто, ако е тоа очекување логично, овие работи не се врвен приоритет на општествата? Хм, можеби ова е темата на која сепак можам да кажам некој збор? Одзумирај, си викам, да ја видиме големата слика.

Она што најчесто го нарекуваме екологија, всушност е гранка на биологијата, но кога ние (лаиците) го употребуваме тој збор, всушност мислиме на „environmentalism“ – „општествено движење кое има за цел да влијае на политичките процеси преку лобирање, активизам и образование, за да ги заштити природните ресурси и екосистеми“. Ова движење своите корени ги има некаде во средината на 19-от век, во екот на индустриската револуција, кога почнало да станува видливо дека со новите технологии, човекот станува способен сериозно да ја менува и да ѝ наштети природата. Затоа, некаде во тој период почнуваат да се јавуваат и сериозни етички прашања во врска со (потребата од) наоѓање баланс меѓу развојот на економијата и зачувување на околината – прашања на кои и ден денес немаме (глобално усогласен) одговор.

Случајно или не, зачетоците на еколошките движења коинцидираат со подемот на уште еден нуспроизвод на индустријализацијата – капитализмот, како глобално најраспространет економски систем. Прифаќањето на концептот на слободниот пазар и неговата „невидлива рака“ без сомнение беа еден од клучните фактори во забрзувањето на економскиот раст и напредокот на човештвото воопшто во 19-от и 20-от век. Способни и умни претприемачи, вложувајќи во истражување и развој, креираа сé подобри и поевтини производи и услуги, подигнувајќи го така општото ниво на квалитетот на животот – за голем дел од луѓето, сé одеше на подобро и во вистинскиот правец.

Но, овој доминантен економски систем, иако заслужен за огромниот напредок на човештвото во последните 200 години, како далеку подобар систем од феудализмот кој го замени, не е без свои длабоки проблеми. Бидејќи основниот мотив на капиталот е профитот, тоа често на површина ја вади човечката незаситност, обилно поттикнувана од конзумеристичкиот поглед на успехот во „современиот свет“ (речиси исклучиво) низ призмата на парите и профитот. Дополнително, појавата на огромни корпорации како резултат на неолибералниот капитализам, доведе до „разводенета“ сопственост преку огромен број на акции кои ги поседуваат луѓе кои (нај)често не виделе како изгледаат секојдневните операции на корпорацијата чие микроскопско делче поседуваат. Така, растот и профитот стануваат (речиси единствените) мерила за вредноста на корпорациите и нивна (практично) единствена цел – без оглед на влијанието по околината, од кое мнозината сопственици сега се речиси целосно изолирани. Се разбира, како што јавноста станува почувствителна на еколошките теми, така и корпорациите во своите цели уфрлуваат и поглавја за „одржлив развој“. Но, во контекст на (според мене) погрешната убеденост дека е можен и пожелен постојан и постојано забрзуван раст на економијата – тие цели (најчесто) за нив се „нужно зло“, а не автентичен порив.

И тука доаѓаме до суштината на еколошките проблеми и еколошкиот активизам. Колку и да се добри намерите на еко-активистите и колку и да се упорни во своите настојувања да ги решат еколошките проблеми, тие во суштина (најчесто) се занимаваат со третирање на „симптомите“, а не и на основниот, системски проблем – корпоративната алчност.

Овој системски проблем може да се реши на два начина. Првиот е „ремонт“, или „освежување“ на капитализмот како систем, во правец на негова „хуманизација“ – и не само по прашање на екологијата (ова можеби е тема за друг напис, да не навлегуваме во детали). Таков „ремонт“, се разбира, во скора иднина нема да се случи. Вториот начин е „зелените технологии“ да станат профитабилни. Ова е пореалистична опција, која се чини дека зема замав, од обновливите извори на енергија, преку електричните автомобили па до нови и ефикасни (нано)материјали за најразлична примена.

Би била тоа пријатна иронија, профитот да стане главен мотиватор за спасување на планетата.

 

Илијанчо Гаговски, електроинженер