Дефиницијата на босанскохерцеговскиот мир денеска би можела да гласи – „мирнодопска војна“, со неизвесно продолжение. За Босна и Херцеговина се трајно важни политичките случувања во соседните земји, кои темелно ја унесреќија.

 Зија Диздаревиќ

Зборот мир е истрошен во Босна и Херцеговина, ве остава рамнодушни. Како што напредуваше повоениот период, мирот губеше посакуваните карактеристики: длабоко олеснување, отрезнувачко и поттикнувачко (само)испрашување, надеж за подобро утре, будење на секаков вид ентузијазам, културен замав, постепено обновување на социјалните врски и општество на меѓусебно разбирање…

Не можеше да биде така поради природата на војната и деструктивните политики што сѐ уште функционираат. Мировниот договор ги призна воените претензии и последици. Уставот на БиХ е недемократски, дури и анти-босанскохерцеговски. Правно-политичкиот систем овозможи владеење на три етноклептократии и повампирување на идеите што ги поттикнаа соседите да ја напаѓаат независната држава БиХ.

Меѓународниот ден на мирот во Босна и Херцеговина ќе биде одбележан со воени рефлексии. Дефиницијата на босанскохерцеговскиот мир денеска би можела да гласи – „мирнодопска војна“, со неизвесно продолжение.

За Босна и Херцеговина се трајно важни политичките случувања во соседните земји, кои темелно ја унесреќија (со значително различен интензитет и резултат).

Трите соседни земји имаат неизмерно подобра меѓународна позиција од БиХ. Нивните уставни системи овозможуваат делотворно работење на власта. Црна Гора е под големо искушение, но Западот е премногу внатре.

Босна и Херцеговина е убедливо најголемата воена жртва, а тоа е и во повоениот период. Осмиот висок претставник пристигна во време на тешка институционална и политичка криза. Ова зборува за перформансите на меѓународната мисија во БиХ. Западот ги толерира инвазивните политики на Белград и Загреб во БиХ. Република Српска и областа каде владее ХДЗБиХ се повеќе се поврзуваат со Србија и со Хрватска – идеолошки, политички, разузнавачки, економски, културно, образовно, медиумски.

Милорад Додик порачува: „Не ја сакам Босна и Херцеговина, ги сакам Република Српска и Србија“, а неговиот стратешки партнер Драган Човиќ: „Ако нема легитимно претставување на народот, нема ниту БиХ“.

Меѓу оние кои се колнат во државата БиХ, а се одговорни за поразителната состојба во земјата, се издвојуваат Партијата за демократска акција (СДА), Партијата за БиХ (СзБиХ) и Социјалдемократската партија (СДП).

За СДА, поважно од државните интереси беше конституирањето на партијата како корпорација која ги користи власта, природните, јавните и кадровските ресурси за воспоставување, зацврстување и заштита на статусот. Со СНСД и ХДЗБиХ, СДА ја феудализираше земјата на клиентелистичко-корупциско-непотистичка основа.

Харис Силајџиќ и неговата СзБиХ извршија тежок политички криминал со оневозможувањето на уставните реформи во април 2006 година. Требаше да има претседател и двајца потпретседатели на државата, избрани во парламентот. На тогаш популарниот Силајџиќ му одговараше само непосреден избор.

Априлскиот пакет ќе ги зајакнеше улогите на Парламентот и на Советот на министри на БиХ, предводени од премиерот. Надлежностите на Домот на народите би се свеле на заштита на виталните национални интереси. Со европската клаузула, БиХ ќе ја зајакнеше својата посветеност кон ЕУ, со полесно донесување одлуки за таа цел. Одлуките на високите претставници ќе беа вклучени во Уставот на БиХ. Партиите од РС беа „за“. Додик подоцна ќе каже дека РС треба да му подигне споменик на Силајџиќ.

Американците, кои беа иницијатори, беа огорчени. Ангажманот на САД и ЕУ значително ослабе. Започна политичко и социјално нагло опаѓање.

СДП е одговорна како трансформиран наследник на СКБиХ, а со тоа и носител на државнотворниот континуитет. СДП со години се занимаваше со себе и уживаше во удобноста на опозицијата.

Затоа нема босанскохерцеговска политика или силен повеќепартиски блок што би ја водел.

И така, државата Босна и Херцеговина е во исчекување. Се чека себеси.

 

Зија Диздаревиќ, новинар, колумнист и публицист