Се чини дека мрежните медиуми ги отстранија географските простори на вестите во традиционалните медиуми. БИРН е една од новинските агенции што има канцеларии во целиот регион. Проектот „Блискост“ е различен од БИРН, но носи огромна корист околу недостатокот на комуникација од страна на различните етнички заедници во регионот.

Д-р Зилифтар Брегу

Во мониторингот на Одделот за новинарство и комуникации на Универзитетот во Тирана, мониторинг во кој бев вклучен за да го следам квалитетот на информациите во албанските телевизии во текот на 2019-2020 година, произлезе дека вестите од Косово сочинуваат околу 12% од вкупниот износ на информации во изданијата на вестите. Вестите од регионот, простор што ги вклучува Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, достигнуваат околу 20%.

Самиот процент не е големо прашање. Но, ако го анализираме, можеме јасно да препознаеме прашања и феномени во аспектот на размена на информации во рамките на балканскиот регион.

Првиот наод е за начинот на којшто во Тирана стигнуваат информациите за регионалните реалности. Ниту еден од дневните печатени медиуми во Тирана нема дописник во регионот. Се чини дека телевизиите се чекор понапред во таа смисла.

Националната телевизија „Клан“ известува за Косово преку дописник од таму. На сличен начин во Тирана стигнуваат вестите за Србија, имено, преку албански новинар кој живее таму.

Во меѓувреме, кога станува збор за Северна Македонија, таму има важен развој. Националната телевизија „Клан“ во последните три години инвестира во отворање студија во главниот град на Северна Македонија, Скопје, под брендот „Клан Македонија“.

За другиот сосед на Албанија, Црна Гора, вестите доаѓаат само преку меѓународните новински агенции.

Слична шема користи „Топ Чанел“, друга национална телевизија во Албанија. Во Косово има еден новинар / дописник.

Албанската јавна телевизија нема дописник во ниту една од земјите од регионот. Овој недостаток беше критикуван во сите извештаи за јавниот радиодифузер.

Во таа смисла, вестите за случувањата во регионот стигнуваат до Тирана преку меѓународни агенции. Овие агенции, со оглед на важноста на регионот, посветуваат малку внимание на земјите од регионот, освен кога станува збор за етнички конфликти.

Друг начин за добивање информации е преку албанските медиуми во земјите од регионот. Сепак, според раководителите на медиумите во Тирана, извештаите на нивните албански колеги во регионот се далеку од јазичните и професионални стандарди. Ова е пречка написите подготвени од колегите од регионот да бидат објавени во медиумите во Тирана.

Другата причина за „бојкот“ на тиранските медиуми кога станува збор за случувањата во регионот, дури и кога станува збор за настани меѓу Албанците во регионот, е поврзана со рамнодушноста на публиката во Албанија за овие настани.

Со анализа на регионалните информации во албанските медиуми, можеме да заклучиме дека постојат најмалку две главни особености. Првата особеност е дека информациите за регионот главно се однесуваат на написи од криминалистичката хроника, „тешки“ настани. Втората е дека изворот на информацијата најчесто се државните институции и службени лица. Ни недостасуваат проблематични написи од регионот, истражувачки написи или репортажи за економијата, социјалниот и културниот живот итн. Особено последниве можат да влијаат околу подобро запознавање со културата на другиот и да катализираат комуникација меѓу етничките заедници.

Се чини дека мрежните медиуми ги отстранија географските простори на вестите во традиционалните медиуми. Во оваа смисла, БИРН е една од новинските агенции што има канцеларии во целиот регион. Проектот „Блискост“ е различен од БИРН, но носи огромна корист околу недостатокот на комуникација од страна на различните етнички заедници во регионот.

 

Д-р Зилифтар Брегу предава пишување вести од 2004 година на Универзитетот во Тирана, на катедрата за новинарство. Работел како новинар за некои од најголемите медиуми во Тирана и како соработник за меѓународни медиуми.