Во ова опкружување, барем засега, никој не споменува Ковид пасоши, што, по сѐ изгледа, и во наредниот период ќе биде корисно за туризмот во државите во соседството.

Жарко Јоксимовиќ

Туризам на Косово. Некои можеби и ќе се запрашаат што беше тоа, макар што не би се согласил целосно со оние што го минимизираат значењето на оваа стопанска гранка, пред сѐ, како сведок на поприличен број на странски гости во Призрен и на преполни скијалишта на Брезовица, Превалца, Арџена над селото Брод на Шара во ова доба од годината. Би имало тука уште локалитети за набројување кои, во текот на летото, а особено за викенд, ги посетуваат илјадници гости, но со жалење може да се констатира дека, и покрај бројните потенцијали, туризмот на Косово не придонесува за буџетот во доволна мера.

Пандемијата и затворањето на границите во текот на минатата пролет, а делумно и летото, се одразија и врз угостителството. Изгледа дека на подолго време е прекината и тенката нишка на верски туризам, а одложувањето на традиционалните фестивали придонесе за значително помал број на посетители во овој дел на Балканот. Според проценките на актуелниот градоначалник на Призрен, Митахер Хаскука, поради минатогодишното одложување на „Докуфест“, фестивалот на документарен филм, градот остана ускратен за околу 10 милиони евра, т.е. онолку пари колку што во просек се слеваа во касите на тамошните локали, хотели, излетнички места и продавници во претходните години.

Поради забраната за собири на поголем број гости на веселби, угостителскиот сектор во текот на минатото лето го извлече најдебелиот крај. Свадбите закажани со години однапред и прославите на сунет беа откажани. Двата најголеми муслимански празници, Рамазан Бајрам и Курбан Бајрам, беа одбележани значително поскромно бидејќи голем број печалбари не можеа да дојдат во родниот крај, што значително ги намали приходите на угостителите ширум Косово.

Владата на Косово, во краткиот период на премиерот Албин Курти, а подоцна и на премиерот во заминување, Авдулах Хоти, со додатни мерки ги ублажуваше последиците од пандемијата врз туризмот, но ни тие мерки немаа позначајно влијание врз отпуштањето на работници во овој сектор.

И покрај сѐ, во последниот квартал од минатата година туризмот на Косово бележи позитивни импулси. Благодарение на попуштањето на антиковид-мерките, локалите и хотелите ги пополнија капацитетите. Зимските туристички центри уште од пред Нова година бележеа голема посетеност. За жал, во последниве недели повторно расте бројот на заболени од Ковид 19, па не е тешко да се заклучи дека во ова натпреварување туризмот повторно ќе биде во загуба.

Но, во сето тоа има и нешто добро, пандемијата на корона-вирусот ги зближи Србите и Албанците. Никогаш во поголем број не летувале по должината на албанското приморје како во текот на минатото лето, а и зимуваа на Копаоник. За овие дружења, пред сѐ, се заслужни отворените граници, без потребните ПЦР тестови, а во Албанија можеше да се влезе и без пасош. Фактот дека тоа правило од неодамна важи и за граѓаните на Србија, несомнено и ова лето ќе го омасови дружењето на Срби и косовски Албанци во Албанија, а којзнае, можеби и на овдешните туристички дестинации?!

Во ова опкружување, барем засега, никој не споменува Ковид пасоши, што, по сѐ изгледа, и во наредниот период ќе биде корисно за туризмот во државите во соседството.

 

Жарко Јоксимовиќ, автор на повеќе стотини репортажи и документарни емисии во продукција на некогашната РТП, а потоа РТС, РТВ Војводина, ТВ Мост и РТК 2.