Таа оркестрирана, систематска, идеолошка, јавно-медиумска и теориска негација на геноцидот, со неговото преименување во „големо злосторство“, „страшно злосторство“, отвора бројни психолошки, морални, етички и политички прашања.

Д-р Есад Бајтлал

 

Кога е без морал и принципи,

национализмот е вел со кој се

прикриваат нечисти цели.

Ѓ. Петров

Силната издавачка хиперпродукција на десницата на нашево време, наместо со факти, аргументи и документи, се занимава со проектирано измислување и со идеолошки мотивирано дрдорење, свесно побивање и одрекување на вистинскиот историски настан. Поточно, теориското негирање на геноцидот се одвива преку пишување за „големо“, „страшно злосторство“. Токму затоа, задачата на тие „книги“ не е да бидат Книги – средство или медиум за ширење на научната вистина – туку фалсификати кои под егидата на книга, подметнуваат, конзервираат и шират и десни идеолошки наративи. На тој начин, кај дел од некритичката публика, Сребреница станува сѐ друго, само не она што навистина е – место на геноцид и најголемо губилиште „во Европа по Втората светска војна“. Таа оркестрирана, систематска, идеолошка, јавно-медиумска и теориска негација на геноцидот, со неговото преименување во „големо злосторство“, „страшно злосторство“, отвора бројни психолошки, морални, етички и политички прашања. Прашања за смислата и значењето на политиката за која „големото злосторство“ не претставува никаков проблем. Во превод: направивме „големо злосторство“, „страшно злосторство“ – па што? Значи, политика која делото на големото и „страшно злосторство“ не го гледа како животен и човечки спорен чин, индиректно го афирмира како неспорна саморазбирливост. Некој вид на инерциска константа на својата историска пракса, поради која,  ниту човечки, ниту цивилизациски, не се чувствува лошо. А со криење, заштита и величење на сторителите на тоа „страшно злосторство“, дури – ниту морално одговорна.

Меѓутоа, илузиите и упорното негирање се едно, а реалноста нешто сосема друго. Затоа што животната дијалектика има своја непишана логика. Имено, токму криењето на стореното (секундарни и терцијарни гробници) ја разоткрива залудноста на тоа преправање. Односно, и од другата страна, сеприсутниот дискурс на јавни лаги на идеолошката десница несакајќи го соголуваат огромните стадионски транспаренти:

Нож, жица, Сребреница

или

Ој, Пазару, нови Вуковару

А Сјенице, нова Сребренице

што е недвосмислено, имплицитно признание на негираното, односно, систематски одрекуваниот настан од страна на политичките структури, официјалните институции на власта, дежурните катедарски идеолози и должничката, синекуристички згрижена академска заедница (САНУ), која не се грижи дури ни за елементарните узуси на професионалната етика на сопственото просветителско занимање.

Значи, „зомбиската апокалипса“ на патологијата на злокобно заканувачки транспаренти го прави јасно видливо токму она што големодржавните десни политики идеолошки внимателно го кријат. Поточно, „заедно со разулавената орда зомбија“, сведочиме на „капиларноста која ја исткала власта, на мрежите кои нѐ поврзуваат со технолошките сили, на семиотските маски на хипермедиската фикција“ (Г.Х. Фернандес). На сцена е навивачкиот римејк на геноцидот, неговото транспарентно повторување, јавно легитимирање и, по сѐ, нескриено рекламирање и отворено заговарање. Односно, и контекстуално зборувајќи, транспарентот „Нож, жица, Сребреница“ е вознемирувачки, провокативно осмислен римејк кој го посредува оригиналот на пресудениот геноцид, ја истакнува неговата суштина, со јасна намера „делото да се пренесе“, и повторно да се изврши.

За каква морална пропаст станува збор најдобро зборува фактот дека нешто слично, во својата непоимлива таквост, е неприфатливо дури и за најприземната злосторничка свест. Свеста на бесчувствителните убијци, од кои еден (навистина, виртуелен литературен лик), признавајќи убиство на недолжен човек, во налет на блесок на луцида интервала, симптоматично-покајнички го изговара следново: „Не се осудувам себеси што го сторив тоа, се осудувам себеси што не се чувствувам лошо“. Во човечката, аксиолошка и цивилизациска смисла на тие зборови, за тоа се работи. За конечно признание и за човечкото неизбежно самопокајание за направеното. Но, токму тоа му недостига на идеолошкото, негаторски бесчувствителното уво на десницата и на аутистично-големодржавната етно-политика.

За жал!

Sapienti sat!

 

Д-р Есад Бајтлал, докторирал на Филозофскиот факултет во Сараево; предавач, публицист, уредник во бројни електронски и печатени медиуми