Се изморивме ли? Се збунивме? Се преплашивме ли? Можеби најважното прашање е: имаме ли сила да запреме и да се запрашаме како сме навистина?

Ениса Мешиќ

Наскоро ќе се наврши една година откако официјално ставивме маски, го официјализиравме функционирањето со ракавци и, згора на сѐ, се дистанциравме од оние за кои најмногу се грижиме.

Речиси една година живот во „експериментални“ услови, каде што целта е да се зачуваат здравјето и животот додека сме изложени на спектар од нехумани стимулации. Изгубивме дел од идетитетот, престанавме да се дружиме, да работиме, да се движиме и со тоа станавме општествено одговорни. (­?!)

Се изморивме ли? Се збунивме? Се преплашивме ли? Можеби најважното прашање е: имаме ли сила да запреме и да се запрашаме како сме навистина? Оваа несекојдневност околу соочувањето со вирусот COVID-19 има свое теориско објаснување. Го нарекуваме психологија на катастрофата.

Disaster psychology зборува за стресот, кризата и траумата, односно за искуствата кои секоја личност индивидуално ги проживеа во претходните година дена.

Ајде да се обидеме, преку приказ на описите на психолошките појави, да препознаеме низ што сме минале и воедно да си оддадеме себеси големо признание.

Така, психологијата и психијатријата ја дефинираат кризата како „кратка конфузија која им се случува одвреме навреме на лица што се борат со своите животни проблеми, кои ги надминуваат нивните капацитети“.

Кризата предизвикана од COVID-19 повеќекратно ги зафаќа различните сфери на функционирање на општеството и на поединците. Ова е ново и непознато искуство на глобално ниво во современиот свет и како такво предизвикува неизвесност, чувство на страв и беспомошност. На индивидуално психолошко ниво, се манифестира како минливо чувство на вознемиреност, збунетост, пад во расположениетсо, до активирање или реактивирање на потешки психолошки тешкотии.

Во согласност со претходните искуства, луѓето се соочуваат со кризата на свој начин, избирајќи својствени механизми за справување. Ги разликуваме оние чија цел е контрола, соочување со проблемот и оние чија цел е управување со емоционалните реакции.

Стратегиите на соочување подразбираат дефинирање на проблемот, потрага по алтернативни решенија, премерување на можносите наспоти очекуваниот исход, избор на решение и преземање акција. Овие форми на надминување имаат две, меѓусебно зависни цели: решавање на проблемот што настанал во средба на личноста со околината, но воедно, индиректно служат и за подобрување на менталната состојба на поединецот.

Друга голема група се стратегиите за соочување фокусирани на емоции. Нивната цел е регулација на афектите, одржување на надежта и на оптимизмот и одбивање да се прифати најлошото. Истражувачите покажаа дека, во ситуации кои можат да се контролираат, луѓето почесто користат стратегии за соочување насочени кон проблемот, додека во неконтролабилни околности механизмите се поадаптивни, насочени кон избегнување и негирање на постоењето на проблемот.

Еден од позначајните негативни ефекти во врска со менталното здравје на граѓаните на БиХ претставува рецидивот на воените трауми, како и нестабилниот политичко економски контекст. Тоа остава латентни траги, кои во кризните периоди на личноста можат да бидат активирани, а пандемијата токму тоа и го покажа. Во текот на изминатата година сите се соочувавме со некаков вид загуба, како и со природната психолошка реакција на загубата, која се одвива преку оплакување.

Значи, тагување / оплакување е нормален процес на активна адаптација на загубата, за разлика од депресијата. Се одвива во неколку фази. Шок и неверување, реакција, фаза на обработка, па преориентација и прифаќање на загубата и продолжување со животот.

Оваа глобална криза не ја баравме. Таа е строга учителка која не простува грешки.

Нам ни останува креативно да се адаптираме и што поквалитетно да (пре)живееме.

Креативноста се дефинира и како човечка способност да пронајде оригинални решенија на зададени проблеми.

Проблем имаме, а оригиналност не недостасува.

Нека ни е со среќа!

 

Ениса Мешиќ е вработена во реформскиот Проектот за реформа на менталното здравје во Босна и Херцеговина како лидер на компонентата насочена кон обезбедување квалитет во менталното здравје.