Долгогодишниот молк ги избледе знаењето и границите на дефинирање на насилно однесување, па затоа е важна свесноста, за да го препознаеме ваквото насилство, да се бориме против него и да го пријавиме.

Едлира Чепани

Во последните неколку години можеме да видиме дека има бран на дискусии, извештаи и движења поврзани со сексуалното вознемирување, кое, според законската дефиниција, претставува извршување на сексуално однесување што го нарушува достоинството на некоја личност, со какви било средства или форми, создавајќи заканувачко, непријателско, деградирачко, понижувачко и навредливо опкружување.

Не толку одамна, сексуалното вознемирување беше однесување кое општеството го прифаќаше речиси целосно во тишина и не беше регулирано со закон. Благодарение на зајакнувањето на движењата за човекови права и особено на феминистичкото движење, овој облик на насилство стана дел од социјалниот дискурс. Некои движења за подигнување на свеста, особено во поново време, како на пример движењето #metoo, потенцираа одредени тајни и нетретирани прашања околу сексуалното вознемирување како опасна форма на насилство што влијае во тишина врз животот на милиони луѓе од сите социјални слоеви и средини.

Сексуалното вознемирување не се однесува само на сексуалниот аспект на насилството, туку има и аспект на дебаланс и на злоупотреба на моќта со цел да се покори, навреди, манипулира и да се искористи некого (во повеќето случаи жени, но има и мажи жртви). Иако ваквото однесување не беше третирано и беше тивко прифатено од општеството, тоа се ширеше на секое ниво од општеството, во училиштата, на работните места, во семејствата, на улиците, преку вербални и физички напади, и затоа може да му се случи секому и секаде.

Постојат три главни аспекти на сексуалното вознемирување околу кои мора да се преземат мерки. Првиот и најветувачки чекор е превенцијата. Пред сѐ преку информирање, создавање видливост за чекорите што треба да се преземат, за влијанието на насилството, но и за важноста на почитувањето на човековите права и одржувањето на здрави односи. Долгогодишниот молк, како што споменавме погоре, ги избледе знаењето и границите на дефинирање на насилно однесување, па затоа е важна свесноста, за да го препознаеме ваквото насилство, да се бориме против него и да го пријавиме.

Кога зборуваме за пријавување, зборуваме за вториот аспект во врска со кој мораат да се преземат сериозни мерки, во смисла на соодветен третман на пријавениот случај од страна на одговорните институции. И покрај потешкотиите во овој процес (на пример, товарот на докажување), потребно е ефикасно спроведување на институционалните процедури со цел да се заштити жртвата и да се обезбеди соодветно санкционирање на лицето или на групата што ја спровеле агресијата.

Третиот аспект на санкционирање е поврзан со првите два, затворање на кругот и враќање на казната за ова кривично дело како ефективна форма на превенција. Има многу нешта за подобрување во овој аспект, особено во врска со законите и нивното правилно спроведување, но важно е да се напомене дека во последниве неколку години се случија низа позитивни промени.

Според истражувањата, ваквиот вид насилство не влијае само врз жртвата, туку и врз луѓето кои живеат со жртвата, нивното семејство, пријатели и колеги од работа, како и на целото општество воопшто. Со тоа се создава маѓепсан круг на насилство кој е многу тешко да се разбие ако не се третира со соодветна сериозност. Значи, покрај споменатите аспекти, она што е исто така важно е дека не само институциите, туку и медиумите и општеството треба да бидат свесни и да се борат против кршењето на човековите права и против злосторства како што е сексуалното вознемирување, што го загрозуваат не само достоинството на жртвата, исто така, достоинството на целото општество.

 

Едлира Чепани е новинар и активист за човекови права. Во моментов управува со мрежата „Еднаквост при донесување одлуки“ и е родов експерт