Со Камхи како да умре и јудео-еспањолот, на кој пееше сефардски песни. Отсега, кога ќе ги слушнам, прво ќе го видам неговото насмеано лице.

Едина Каменица

Секогаш сум им верувала на сопствените најдлабоки чувства, кои просто ме натераа, на 25-тиот септемвриски ден минатата година, да се упатам на предавање на пензионираниот професор од Музичката академија, Давид Камхи.

Да не дојдев, денеска ќе имав голем камен на душата. Ќе се покаже, тоа беше последен пат да го видам проф. Камхи и да разговараме непосредно. Како многумина во ова невреме, го однесе пандемијата на корона вирусот. Го однесе човекот кој во своето битие долго време ги обединуваше не само семејните традиции, туку и светогледите и културните идиоми на некоку светски цивилизациски кругови.

Она што спонтано го зборуваше, за себе како метафора за интелектуалец, ерудит, полиглот… дури откако се појави во весник, и нему самиот му се причини како своевидна додадена вредност. Па ми се јави, и се заблагодари. И тоа како! Ми беше речиси срам да ја слушам лавината од комплименти што ми ги упати. Но, и секој телефонски разговор со почитуваниот професор по виолина и виола беше вистинска драгоценост, вистинска милина кога зборуваше за историјата на своето семејство, за сефардите, за БиХ, за Европа и за светот, за тоа како се меѓу ретките во светот со доказ за потеклото на своето семејство од 1. век од нашата ера, за Музејот во Ерусалим каде што се наоѓа податок за мајката Камхиот која имала 11 сина. А селидбите започнале уште од 175 година, траеле со векови, сѐ до доаѓањето во Сараево, каде што во 1941 година одново им се заканила опасност. Проф. Камхи не го напушти Сараево ни во текот на минатата војна, кога, како што често истакнуваше, се појави и зачетокот на Меѓурелигискиот совет на БиХ, заштитен знак на меѓурелигискиот дијалог во регионот.
– Мојот брат е роден во октомври 1941 година и мајка ми прво се криеше во санаториумот Бауер, но еден ден, шефот на таа установа отворено ѝ рече дека таму веќе не може да остане. Родителите се почитуваа со Фахрија-ханума и бегот Фадилпашиќ, кои нѐ спасија. Од санаториумот прво отидовме во Мједеница, кај Одобашиќ, Сеифа и Марица. Наскоро, тука дојде „културбундовец“. Бараше мама да појде со него. Меѓутоа, сите му скокнаа. И домаќините, и соседите. А сите беа муслимани. Кога слушна за тоа Фахрија-ханума, ѝ прати на мама зар и фереџе, а за мене фес. Мама постојано ми повторуваше, ако некој ме праша, да кажам дека се викам Џавид, а не Давид. Имав пет години. И така влеговме во воз за Мостар – ми раскажуваше Камхи, кого, покрај музиката, го интересираше и традицијата на босанскохерцеговските Евреи, а особено односите со муслиманите.
– Нивните корени ги најдов уште во Мединската повелба на пророкот Мухамед од 7. век, каде што убаво се вели: „нам нашата, вам вашата вера“. Во тоа време, на Арапскиот полуостров имало 70 арапски и 20 еврејски племиња кои, предводени од Тарик ибн Зијад, го освоиле Енделус/Шпанија – ми раскажуваше Камхи.

А со неговата смрт, како да почина и јудео-еспањолот. Судбината сакаше Камхи да биде повоен босанскохерцеговски дипломат во Шпанија. На кралот Хуан Карлос му подари препечатено издание на Сараевската Хагада, книга што Евреите, протерани од Шпанија, ја донеле во Сараево.

 

Едина Каменица, новинарка, авторка на наградувани репортажи, најголемиот дел од својата професионална новинарска кариера го помина во дневниот весник „Ослободување“