На сите медицински работнички и работници, ви благодарам што секој ден станувате и не се откажувате, бидејќи ако вие потклекнете, во здравствениот систем кој не постои, нема да остане баш ништо.

 Драгослава Барзут

 Минатата недела ме заболе стомак и не поминуваше ниту ден потоа, ниту денот по денот потоа, а да не зборувам за ноќите, се намачив. Морав да преземам нешто. За почеток, да завртам во Домот за здравје во мојата населба  (Карабурма) и да закажам преглед кај општ лекар. Секако, не бев изненадена кога медицинската сестра ми соопшти дека мојата докторка е на боледување (да, и лекарите имаат право на боледување!). Меѓутоа, бев изненадена од тоа дека некој воопшто се јави на телефон. Се сеќавам на времето кога таа опција не беше достапна. Жената беше љубезна, ме праша што ми се случува и ми кажа да дојдам кај дежурниот лекар тој ден, притоа ми закажа преглед и ми понуди точен термин. За половина час, веќе бев пред чекалната и чекав да ме повикаат. Покрај мене, за преглед чекаа уште дваесетина луѓе, некои од нив во многу тешка состојба.

Еден средовечен господин падна во несвест. За половина час го прочитаа моето име, влегов во мала ординација со мал бојлер закачен над мијалникот и со маслинесто зелено пешкирче на кое со вез беа напишани буквите П. Б. Докторот кој ми се обрати беше многу млад, толку млад што се почувствував многу стара. Никогаш не ме прегледувале помлади доктори и докторки како тие денови. По краткиот разговор заклучивме дека треба да ме упати на преглед на гастроентерологија. Неколку минути молчеше и забрзано кликаше, а потоа повеќе за себе си рече: каде да те упатам, нема ништо, и Звездара денеска влегла во КОВИД. Ништо не одговорив, не понудив опција сама да го платам прегледот, затоа што ги немам тие пари. Размислуваше и на крајот одлучи да ми напише упат за Клиничкиот центар, одделение хирургија. Тоа беше петок, викендот го преживеав, а во понеделникот се јавив во Клиничкиот центар.

Стигнав таму во 9 часот, се јавив на шалтер, каде што добив име на лекар и термин. Имаше голем метеж, луѓе, видно во болки, беа многу нервозни, а оние што ги донеле уште понервозни. Пропуштив пред мене една баба која ја беше донела снаата. Медицинската работничка зад шалтерот ја праша снаата: – А каде ви е мажот? – Чека во колата. Во еден и пол ме повикаа. И мене ме беше довел некој, мојата партнерка, но тоа не го комунициравме, а и никој не нѐ праша. Брачниот пар кој чекаше заедно со нас, влезе претходно заедно, жена и маж, тој праша: можам ли и јас со неа во ординацијата? – Можете, секако. Мојата партнерка ништо не праша. Ме прегледаа доктор и докторка, двајца, девојка и момче, беа уште помлади од општиот лекар од Карабурма.

Бескрајно млади, внимателни и нежни. Ме прашаа дали би можела некаде да направам колоноскопија? Искрено им кажав дека тоа чини многу пари, па доколку постои можност… Најдоа решение. Тоа се тие луѓе на кои сакам да им аплаудирам. На сите медицински работнички и работници, ви благодарам што секој ден станувате и не се откажувате, бидејќи ако вие потклекнете, во здравствениот систем кој не постои, нема да остане баш ништо. Да се чуваме едни со други и да бидеме благодарни додека сѐ уште имаме на што.

 

Драгослава Барзут, Граѓанска иницијатива