Мојата најголема работа во почетокот на мојот престој и работење во ова село беше насочена кон жените и нивните можности и потреби на квалитетен начин да ги развиваат своите производи и услуги, и со тоа да создадат уште можности за квалитетен живот на нивните семејства на село.

 Драгана Томиќ Пилиповиќ

Како некој кој пораснал, се школувал и работел во големиот град и во големи работни системи, одлуката пред 12 години да излезам од таквото опкружување и да се преселам и да започнам свој живот на село секако беше изненадувачка за повеќето луѓе околу мене, а во некои почетни моменти, дури и за мене самата.

Добар ден, јас сум Драгана Томиќ Пилиповиќ, и полни седум години работам и живеам со своето семејство во малото село Врмџа, кај Сокобања и Ртња. Пред 12 години го основав Центарот за општествено одговорно претприемништво со седиште во ова место, со идеја да развивам Центар за едукација во природа. Од ова се изроди мојата постојана работа на развојот на селото и неговото оживување низ едукација, вмрежување и работа со разни луѓе, и тоа пред сè со жените од ова место. Сето ова потекна од мојата желба да работам на развој на свој концепт за Центар каде што се случуваат разни собири и едукации, подоцна наречен Rural HUB – место каде што се случуваат сите овие активности, а над сè, се „мотаат“ разни идеи.

Rural HUB е прв рурален заеднички простор за работа и едукација во Србија (coworking), осмислен така што целото село е HUB, со што на одржив и одговорен начин се развива општествено одговорен модел на работа и соживот со членовите на заедницата. Ова е место каде што на рурбан начин се среќаваат урбаните и руралните знаења, луѓе, лични приказни и големи и мали соништа. Место каде што идеите добиваат свој сигурен простор да се изразат и заокружат во потенцијални планови за реализација. Пред сè, ова место е светилник за сите оние кои имаат желба да започнат свои идеи, но имаат страв или незнаење како да го сторат тоа, и добро би им дошла поддршка во тој процес, а пред сè, потврда низ нашиот личен пример дека ваква приказна и живот на село се можни.

Морам да признаам дека мојата најголема работа во почетокот на мојот престој и работење во ова село беше насочена кон жените и нивните можности и потреби на квалитетен начин да ги развиваат своите производи и услуги, и со тоа да создадат уште можности за квалитетен живот на нивните семејства на село. Овие жени покажаа, покрај големата посветеност и труд, и голема храброст да влезат во некои нови води, да учат и да експериментираат со нови знаења и искуства, и сето тоа со радост и благодарност за новите шанси и можности што ги добија преку вакво дејствување.

Сега, по толку години заедничка работа и постоење со нив во оваа заедница, можам да кажам дека овие жени со себе носат стабилност, интегритет и љубов, кои се клучни есенции на секоја заедница, па со самото тоа и на нејзиниот правилен развој. Колку и да ги учам јас нив за некакви деловни знаења и вештини, уште повеќе јас сум таа која од нив научи за самиот живот и неговата суштина, што прави денеска, без оглед на моето градско потекло, со гордост да можам да кажам дека и јас сум сега таа Жена од село.

 

Драгана Томиќ Пилиповиќ, претприемничка, основач и извршна директорка на Центарот за општествено одговорно претприемништво – ЦООП, чија цел е да информира, едуцира и да го поттикнува одрживиот развој и општественото претприемништво