Парадоксално, денеска постои подлабок јаз меѓу двата спротивставени пола отколку во 2006 година, кога Црна Гора ја обнови својата државност. „Литијаш“ и „комита“ не можат да седат заедно.

Дина Бајрамспахиќ

За време на озлогласените 1990-ти, Црна Гора беше позната во регионот по сериозното ниво на дијалог за време на парламентарните седници. Се држеше високо до реториката, граматиката, стилот, аргументацијата. Имаше остри разлики, но секогаш постоеше свест дека постои нешто над сето тоа, дека треба да се чува мирот и дека треба да се живее заедно. Имаше ограничување до каде може да се оди за политички профит.

Денеска имаме колапс на јавниот дискурс. Глупоста сака да биде рамноправна со мудроста и повеќе не се согласува да биде замолчена. Неспособноста громогласно бара да не биде „дискриминирана“. Злосторникот бара еднаквоправност со жртвата и да се признае „забранетата“ страна на приказната. Лагата се шири агресивно и не сака да отстапи пред фактите.

Правото да се негира она што е јасно и очигледно денес се нарекува „политички став“ и секој го има за сè. Хистеријата е насекаде. На соговорникот не можете да му докажете ама баш ништо. Како воопшто да разговараме за што било?

Демократијата најгрубо се злоупотребува за да се протераат разумот и логиката од јавниот дијалог, со цел секој кој е пристоен да се откаже, да се повлече во својата школка и да им остави сè на најагресивните. Дијалогот во Црна Гора се води со флоскулите на политичарите кои во телевизиските студија извикуваат „предавство, предавство“, „не ја даваме државата“, „не ги даваме светостите“, „не ја даваме победата“. Никој нема план подалеку од „не даваме“.

Кога ќе изберете политичка опција, добивате пакет ставови за секое прашање и обврска да го повторувате тоа на цел глас, до исцрпување. Нијанси не се дозволени. Или си наш или нивни платеник.

Сето тоа не значи дека доброто живее само на една адреса, туку дека најдобрите од двете страни се прикажани како млаки, слаби, безрбетници. Ако не е мега-гига омраза кон другиот, тоа е предавство.

Триесет години партиски плурализам во Црна Гора не успеа да ги создаде квалитетите што може да ги понуди либералната демократија. Смената на повеќедецениската влада откри дека општественото ткиво во двата политички блока е исто – загрижено за авторитарни тенденции. Пред сè, затоа што е заборавено дека предуслов за демократија е поттикнување и негување на индивидуалната одговорност, личен ангажман и критичко размислување. Кај нас е сè уште жилав племенскиот дух кој црпи легитимитет од колективното (партиско, верско, национално – и секое е склоно кон догматизам). Сето ова ја уништува социјалната кохезија бидејќи истомислениците се затвораат во изолирани кругови од кои со гадење ги отфрлаат „другите“.

Парадоксално, денеска постои подлабок јаз меѓу двата спротивставени пола отколку во 2006 година, кога Црна Гора ја обнови својата државност. Тогаш оние кои размислувале поинаку прифаќале дека другиот размислува поинаку, му го признавале правото да го прави тоа. Во предреферендумскиот период, двајца кумови џогираа низ Прушка (градска населба во Бијело Поље), едниот со маица „да“, другиот со капа „не“ („за“ независност и „против“ независност). И тоа не беше ништо чудно. Денеска секој разговор на овие теми се претставува како морално потклекнување. „Литијаш“ и „комита“ не можат да седат заедно.

Поборниците на демократијата веруваа дека иднината носи акумулација на знаење, благодарение на што секој граѓанин ќе може да донесе правилна одлука. Денеска гледаме триумф на манипулирање со емоциите на „широките народни маси“.

Јавниот збор е етички чин. Срамот треба да се врати во мода.

 

Дина Бајрамспахиќ, граѓански активист, политиколог, специјалист по европски студии