Нултикултуралниот свет смета дека или не постои никаков општ договор, или дека договорот е плод на некаква мрачна завера за невидливо поробување.

Воја Жанетиќ

Убаво е кога човек има можност да започне една општа тема со автобиографска исповед. Па затоа, ако имате време, ќе го вратиме времепловот во далечната и дамнешна 2001 година, да ја искористиме оваа прилика.

А во тоа време, на кое во Опкружувањето му претходеа судири и војни, во истражувањата на територијата на Србија е забележано дека на поимот „толеранција“ во голем број случаи се реагира негативно. Отприлика, крајно упростено и претерано банализирано: добар дел од просечните испитаници тогаш сметале дека „таа толеранција“ е нешто што треба да го практикуваме пред сè затоа што „странците го бараат тоа од нас“. Па потписникот на овие редови, како млад комуникациски ентузијаст, беше ангажиран да предводи екипа од луѓе која толеранцијата, макар во истражувањата на ставовите на мнозинството, ќе ја преведе од негативни во позитивни емоции.

Резултат на сето тоа беше кампањата со сега веќе добро познатиот наслов – „(И) На комшијата кравата да биде жива и здрава“. Слоганот настана врз основа на долгодецениската, долговековна и планетарна традиција да му се посакува сè најлошо на комшијата, бидејќи не ни заслужил подобро, кога веќе е комшија.

Елем, толеранцијата денеска е релативно добро, благодарам на прашањето. Комшиската крава сè уште опстојува, но со комшилукот, локално и глобално, нештата се искомплицираа.

* * * * * * *

По дваесет и кусур години од дамнешната кампања за толеранција, подеталниот преглед на Комшилукот покажа дека постојат уште многу „Други“ кои треба да се толерираат и дека таа појава го носи името мултикултуралност. Понатаму, не би било лошо што повеќе да комуницираме и да дознаваме едни за други, а тоа би помогнало за меѓусебно да се уважуваме и би се избегнало меѓусебно да се истребиме, вооружени, пред сè, со предрасуди. Ова уважување се вика интеркултуралност.

И едниот и другиот поим си ги најдоа своите места во разни документи, повремено се споменуваат и во говорите на официјалните лица задолжени за тоа, понекогаш и медиумите ја допираат темата, а се организира и понекој настан креиран со цел да се зголеми количината на мулти и на интеркултуралност во локалниот простор и време. Во текот на сето ова, осоколен од целокупната толеранција, дијалог и разбирање, се појави и нов феномен. Бидејќи и онака сè уште нема име, ќе го наречеме нултикултурализам.

За разлика од културата, која почива врз заеднички вредности и стандарди што служат за тоа која било човекова заедница да може да функционира, нултикултурализмот нема идеја ниту за заедничкото, ниту за функционирањето. Нултикултуралниот свет смета дека или не постои никаков општ договор, или дека договорот е плод на некаква мрачна завера за невидливо поробување. Веќе во следниот чекор, непостоењето или негирањето на каква било заедничка култура покажува намера да стане култура за себе, се фаќа за мобилниот телефон и за компјутерот и бара сличномисленици расфрлени по разгранетата вселена на интернетот и на мрежните комуникации. Некои, дури, имаат на располагање и телевизија и полиција и војска…

Сето ова се некои ововремски комшии, со многу чудни крави кои ниту имаат рогови, ниту даваат млеко. Наместо тоа, имаат желба, без навлегување во каков било дијалог, да се втурнат преку оградата, во распонот на афинитетите меѓу рамната и туѓата земја.

* * * * * * *

Значи, третата деценија од дваесет и првиот век воведе потреба – пред да утврдиме во што сè се разликуваат нашите култури – да се обидеме да разбереме и што е неопходно од универзалното и од заедничкото, за да функционира што било, па и интеркултуралноста. Толеранцијата, која е прифатена како пожелна и како нешто што се подразбира, изгледа дека бара испишување на дебели црвени линии, под кои постојат „вредности“ и „стандарди“ што е бесмислено да ги уважувате.

На овој начин, нултикултурализмот станува кандидат за нулта толеранција, а оправданото непостоење на толеранција станува тема што вреди да се разгледа, во одбрана на секоја различност што е отворена за дијалог. И која е интеркултурна, бидејќи пред сè – поседува елементарна култура.

Ако е потребна нова кампања за толеранција, нека се јави некој.

За комшијата воопшто да има крава, мора да има право.