Тешко е да се поверува, но 16 термоелектрани на јаглен во земјите од Западен Балкан испуштаат во воздухот повеќе сулфур диоксид одошто сите 250 термоелектрани во ЕУ. Последиците од ова загадување се чувствуваат сѐ до Русија и до Египет.

Владимир Радојичиќ

Недела е. Се спуштаме по кривулестиот планински пат и ја напуштаме воздушната бања, зјапајќи во прегратката на котлинскиот смог. Прекрасниот, речиси пролетен јануарски ден, искапен во сончеви зраци, го искористив да уживам со своето семејство во снежните волшепства на планината Дивчибара. По првиот час по скијање, шестгодишната ќерка Дрина е полна со впечатоци: Тато, виде ли како направив „парче пица“?

Гордо ми ја доловува техниката на сопирање со скиите која претходно ѝ ја покажа инструкторот. Помладата сестра на Дрина, двеиполгодишната Сара, ѝ ги објаснува на мајка ѝ сите радости што ги носи лежењето врз напумпана гума која плови по снегот благодарение на мануелната сила на мама и на тато. Неизбежната приказна за „Снешко“ со нос од морков додека детски молежливо плаче и таа следниот пат да застане на скии како Дрина.

Семејната зимска идила ја прекинува навидум замаглување и специфичен мирис, комбинација на смог и на магла, додека се приближуваме кон Косјериќ. Косјериќ, како и многу градови во Србија и на Западен Балкан, има сериозни проблеми со загадување на воздухот. Завесата од котлински смог ги поместува моите мисли од скијањето и од снежните детски насмевки кон суровата реалност.

Низ глава ми минува дека во регионот на Западен Балкан минимум 13500 луѓе годишно предвреме го губат животот од загадениот воздух (податок од Светската здравствена организација). Секоја година исчезнува град со големина на Пожега, кој се наоѓа на 23 км од Косјериќ.

Тешко е да се поверува, но 16 термоелектрани на јаглен во земјите од Западен Балкан испуштаат во воздухот повеќе сулфур диоксид одошто сите 250 термоелектрани во ЕУ. Последиците од ова загадување се чувствуваат сѐ до Русија и до Египет.

Загадувањето на воздухот само од јаглен нанесува економска штета во име на здравствените трошоци за земјите од Западен Балкан кои се проценуваат на минимално 1,9, а максимално на 3,6 милијарди евра годишно. Граѓаните од земјите од Западен Балкан издвојуваат 3,6 милијарди евра годишно за лечење на рак, астма, кардиоваскуларни болести, стерилитет и многу други болести предизвикани од загадувањето на воздухот.

Чувствувам бес, но и одлучност да направам нешто конкретно, загрижен за здравјето на своите деца. Среќен сум што „Право на град“ е дел од регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“. Се радувам на заедничката борба со Европскиот фонд за Балкан и со другите организации од Србија и од регионот. Ми одѕвонуваат и ме охрабруваат зборовите од кампањата:

Ние, жителите на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и на Србија, еднакво сме изложени  на загадувачки материи во воздухот, без разлика на возраста, полот, верата, нацијата или јазикот кој го зборуваме. Свесни сме дека загадениот воздух што секојдневно го вдишуваме нѐ убива и не труе.

Тој потекнува од топланите и од фабриките што користат фосилни горива, од индустриските постројки, од индивидуалните печки, од сообраќајот. Отровниот облак кој се надвил над Западен Балкан го плаќаме со нашите животи, со здравјето, со стерилитет, со работна неспособност, со иднината на нашите деца и со растот на здравствените трошоци на целиот Западен Балкан.

Ние не прифаќаме да умираме од загадување на воздухот, не прифаќаме децата да ни растат со пумпи за астма и нема додатно да плаќаме здравствени трошоци поради загадување.

Потребата да дишеме чист воздух нѐ обедини во солидарна борба преку кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.

Сакам да ги повикам сите организации, поединци и поединки да се приклучат во кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ преку пријава на http://bit.ly/UjedinjeniBalkan.

Поите причини за борба се здравјето и снежните насмевки на Дрина и на Сара.

Која е Вашата причина да се приклучите во борбата за чист воздух?

 

Владимир Радојичиќ е еколошки и социјален активист, кој веќе 16 години е посветен на работата и развојот на локалните заедници ширум Србија.