Ако одам во аптека да купам аспирин, јас верувам дека во кутијата навистина има аспирин, а не арсеник. Многумина денеска не веруваат во истото кога е во прашање вакцината. Веруваат дека со светот владеат луѓе што им посакуваат зло. Критичкото размислување се темели на скептицизам. Но, и тој скептицизам не треба да заврши во параноја.

Vladimir Pištalo

Вербата во науката го одбележала времето на Никола Тесла. Луѓето претпоставувале дека од рацете на пронаоѓачот доаѓаат само добри нешта. Новинарите доаѓале во лабораторијата на Тесла, која ја нарекувале „Пештерата на Али Баба“ и прашувале: какво ново чудо ни подготвивте? Човекот тогаш се сметал за паметен затоа што верувал во наука. Верувал дека сите нешта, од музиката до политиката, стануваат подобри. Ова уверување траело најмалку до Првата светска војна. Тогаш индустријата на смртта ги узурпирала пронајдоците. Прогресот ги јадел своите деца.

Втората светска војна и пропагандната војна по неа го зголемиле нивото на скепса во светот. Добар дел од моите американски студенти не веруваат во Прогрес. Тешко е да се одреди кога точно се случило тоа. Јавниот авторитет никогаш не бил атомизиран во поголема мера. Луѓето не веруваат во Прогрес и луѓето не веруваат едни на други.

Секој има право на своја интерпретација, но секој нема право на свои факти. Тоа го знаеме. Само што тоа веќе не важи. Знаеме и дека Тито рекол „Јас не го признавам овој суд. Јас го признавам само судот на мојата партија.“ Денеска би можел да рече „Јас го признавам само судот на мојата социјална мрежа.“ Луѓето живеат во своите соби на ехото, без верба во прогрес, со свои факти и паралелни логики.

Што е тука важно за приказната за глобалното вакцинирање против ковид вирусот?

Па сѐ!

Ако ми покажат мапа на Банат, јас претпоставувам дека на мапата навистина е Банат, а не Алабама. Ако одам во аптека да купам аспирин, јас верувам дека во кутијата навистина има аспирин, а не арсеник. Многумина денеска не веруваат во истото кога е во прашање вакцината. Веруваат дека со светот владеат луѓе што им посакуваат зло. Критичкото размислување се темели на скептицизам. Но, и тој скептицизам не треба да заврши во параноја. Не знам дали некогаш имало волку опскурантисти, активаксери и теоретичари на заговор. Луѓето веруваат дека ги лажат. Тоа е точно. Но, не е точно дека ги лажат за сѐ. А тие не знаат кога ги лажат, а кога не. Така е роден типот на инаетчиски бунџија, чија слобода подразбира право да ги загрозува другите. Без разлика дали се работи за вакцина или за американските избори, паранојата стана нова нормалност. Човекот денеска се смета за паметен затоа што не верува во наука и затоа што знае дека на мапата за Банат, всушност, е прикажана Алабама.

Што сѐ се верува за вакцините? Дека се недоволно испитани. Ајде де. Дека ќе чипираат луѓе (како сега да е тешко да се најдат податоци за нив), дека привремено ќе ги излечат лажните симптоми од овој лажен вирус само за да заразат добар дел од човештвото со неизлечива болест од која сите ќе изумрат во рок од една година. (Читајте за ова на „Фејсбук“ пред да го избришат.)

Делмор Шварц има право кога вели дека и параноикот има непријатели. Проблемот е во тоа што нема пријатели и што ни сопствениот разум веќе не му е пријател. Веќе не ни претставува проблем претераната верба во прогресот. Сега недостигот на верба во Прогресот ги јаде своите деца.

 

Владимир Пиштало, писател, професор, добитник на НИН-овата награда и на наградата „Меша Селимовиќ“