Ретко може да се прочита теза дека култот на личноста и култот на идејата можат да произведат и позитивни и негативни последици по функционирањето на едно општество и држава, како што беше во случајот на Јосип Броз Тито.

Д-р Владимир Павиќевиќ

Често во расправите за политика можат да се пронајдат негативни рефлексии за култот на личноста и афирмативни за изразената посветеност на поединец или на група луѓе кон една идеја, под претпоставка дека таа идеја се смета за легитимна во современото, демократско општество. Во нелегитимните системи на идеи секако се вбројуваат нацизам, фашизам, религиски фундаментализам и сите варијанти на тоталитаризам, додека за легитимни, на пример, се сметаат конзерватизмот, социјализмот, либерализмот, па и национализмот.

Меѓутоа, она што ретко може да се прочита е тезата дека, во соодветни околности, и култот на личноста и култот на идејата можат да произведат и позитивни и негативни последици по функционирањето на едно општество и држава, со напомена дека култот на личноста често е следен од култот за една идеја. Таков, на пример, беше случајот на Јосип Броз Тито.

Култот на личноста на Јосип Броз беше еден од темелите на социјалистичка Југославија. Зборот на Тито беше еднаков по важност со уставот, па и посилен од уставот и секоја мисла за целосен политички плурализам во тој систем значеше напад врз личноста на доживотниот претседател. Во заедница која се препознаваше по отсуство на слобода и партиски монизам, култот кон личноста го зајакнуваше авторитарното владеење, поради што честопати беше критикувано  како недемократски и автократски поредок на не-слобода.

Сепак, во Подгорица, главниот град на Црна Гора, во декември 2018 година, во центарот на градот беше откриен споменик на Тито, во присуство на градоначалникот на Подгорица и на министерот за одбрана. Со откривањето на споменикот беше порачано дека наследството на Јосип Броз во посткомунистичка Црна Гора се толкува и како еманципаторско.

Градската управа и една од членовите на Владата на посткомунистичка Црна Гора, која е членка на НАТО и која го дефинираше членството во Европската унија како клучна политичка цел, ја толкуваат афирмативно политичката фигура на Тито и комунистичката ера низ која минала Црна Гора, што може да послужи како добар практичен аргумент во прилог на плуралните толкувања на ефектот на култ на личност и на култ на идеја кои се развивале во една заедница.

Особено интересен би можел да биде освртот на култот кон личноста во системите што се вредносно обликувани како демократски. Иако на некои ова им изгледа невозможно, таквата ситуација е замислива.

Како пример може да се земе развојот на Сојузна Република Германија во последните 40 години. Во овој период, само три лица беа избрани за канцелари во Германија. Значи, од 1982 година, на чело на државата биле Хелмут Кол, Герхард Шредер и Ангела Меркел. За разлика од Шредер, кој беше канцелар во два мандати, и Кол и Меркел беа канцелари на Германија со четири мандати, што значи цели шеснаесет години. И за двајцата се врзува развој на култ кон личноста.

Кол остана запаметен како обединувач на Германија, бидејќи во негово време Западна Германија се обедини со поранешна Источна Германија. Од 1982 до 1998 година тој беше апсолутно неприкосновена политичка фигура во германската политика.

Слично е и со Меркел, иако на прв поглед, малкумина би ја поврзале идејата за градење силна политичка фигура со неа. Според сите релевантни критериуми, таа навистина стана тоа, за што сведочи и прекарот „Мама“, како што нагалено ја викаат голем број германски граѓани. Загриженоста за тоа како ќе се снајде нејзиниот наследник само потврдува колку е силен култот на личност изграден околу канцеларката Меркел.

 

Д-р Владимир Павиќевиќ, политиколог и политичар, е директор на НВО Друштво за истражување на политика и политички теории, чие седиште е во Бар, Црна Горa