Кога една држава фолира борба против корупцијата, тој вирус има незгодна особина да се развива брзо и погубно по пациентот.

Бранко Чечен

„Аферата Крушик“ минатата година одекна низ целиот региот. Чесниот свиркач им откри на новинарите корупција од огромни размери, која преку сега покојниот Бранко Стефановиќ, татко на тогашниот министер за внатрешни работи, достигала до самите врвови на кооптираната држава. Иако се покажа дека повластените трговци поврзани со владеачката партија добивале муниција од фабриката под сите исплатливи цени, уништувајќи го самото претпријатие, дека државата сето тоа го одобрила со полно знаење за штетноста на работењето, како и дека дел од оружјето завршило и во рацете на терористички организации, уапсен е – само свиркачот, храбриот граѓанин Александар Обрадовиќ. Никаква друга истрага не е ни започната, а оваа против него трае повеќе од една година, без никакви новости од таинственото српско обвинителство.

Целиот настан може да се опише само како блатантна злоупотреба на правосудството и на полицијата со цел прикривање на злочинот. Оној дел од граѓаните кој ја сфаќа тежината на ситуацијата во Србија и кого ова воопшто го интересира, покажа што мисли за целата работа преку демонстрации.

Но, можеше да се предвиди дека нештата ќе завршат многу лошо за човековите и граѓанските слободи и права, како и за правото во Србија како такво.

 

Мерење на корупцијата со новинарско метро

Четири и пол години порано, екипата од Центарот за истражувачко новинарство во Србија (ЦИНС) одлучи да се обиде да истражи како тоа нашата држава се бори против корупцијата. На крајот сфативме дека единствениот начин да добиеме мерливи податоци е – да идентификуваме кривични дела поврзани со корупција и да ги прашаме сите полициски управи, обвинителства и судови во Србија кои воопшто се занимаваат со овие работи за сите процеси во врска со избраните дела. Ги добивме потребните податоци од 52 основни и виши обвинителства (од 83), од Обвинителството за организиран криминал, како и од 79 (од 91) основни и виши судови. Траеше осум месеци. Се ангажираа сите членови на истражувачкиот тим.

Статистиката беше подепресивна одошто кој било од нас претпоставуваше. Во истражуваниот период од околу три години, од 6179 пријавени лица, обвинети се нешто под три илјади. Досудена е 1861 казна за околу 1500 лица. Од тоа, условни казни биле 1268. Три илјади судски постапки се сведуваа на околу 300 затворски казни на самиот законски минимум, или – под него. Со други зборови, треба да сте многу талентиран и да вложите вонреден напор за во Србија да бидете осудени за корупција.

Подеднакво, наместо конструктивна реакција на власта на ваквите податоци, да речеме некакви реформи, добивме јасна спротивност – една по една институција во борбата против корупцијата, со време, под власта на Александар Вучиќ, е обесмислувана, кооптирана и замолкнувана, медиумите се ставени под контрола, а корупцијата доби мир и средства за работа. Ерозијата на владеењето на правото воопшто стана рефрен на секој извештај на Европската комисија за напредокот на Србија, еуфемистички составен како „отсуство на напредок“.

 

Дисторзија

Кога една држава фолира борба против корупцијата, тој вирус има незгодна особина да се развива брзо и погубно по пациентот. Пациентот, по повеќегодишно, сосема неограничено кршење на сите тие антикорупциски закони, вклучувајќи го и кривичниот, дојде до тоа лекарите да се борат против лекот апсејќи го свиркачот, а да го тапкаат по рамо вирусот и да прават сѐ што можат да му помогнат.

ЦИНС за својот труд ја доби Европската новинарска награда, веројатно најголемото новинарско признание во Европа. И тоа е многу убаво. Не сум ги прашал нашите новинарки и новинари, но мислам дека сите ние со задоволство би ја вратиле таа награда, само да имаме можност да живееме во уредено општество, со владеење на правото и со достоинство. Затоа што грозниот вирус на корупцијата го разјаде општеството во Србија до непрепознатливост.

А тогаш дојде друг вирус, оној вистинскиот. Оној симболичниот, вирусот на корупцијата, направи пандемијата да ја дочекаме слаби, корумпирани, сиромашни и неспособни, без доктори, со разурнати болници. Имаме највисок степен на заразеност во Европа, со една од највисоките смртоности во однос на бројот на заразени.

Сега последиците од корупцијата ги мериме со број на изгубени човечки животи.

 

Бранко Чечен, директор на Центарот за истражувачко новинарство на Србија. Долгогодишен новинар и уредник во белградските печатени медиуми. Предавач на факултетот за медиуми и комуникација во Белград.