Наставниците и учениците влегоа во мрежното училиште: првите најчесто како дигитални натрапници, вторите како дигитални домородци. Училиштето се всели во домовите, бришејќи ги познатите животни ритми, отворајќи простор за нови отуѓувања, неснаоѓања и конфликти…

Божена Јелушиќ

Образованието во последните децении од дваесеттиот век интензивно се менуваше и се реформираше. Традиционалното училиште не одговараше на светот во кој знаењето се дуплира на секои седум години, па се бараа нови облици на настава. Се појави и цела низа на нови „писмености“ (дигитална, медиумска, информациска…), неопходни за пристап, обработка и употреба на знаењата во новите околносто. Покрај тоа, образованието и училиштето секогаш биле „клучот на иднината“ и моќен инструмент за намалување на општествените нееднаквости.

Потоа пандемијата „го оддалечи образованието од одделенијата“ и сите недостатоци и предности на училиштата се изострија до пароксизам. Во образованието започна „нова ера“.

Наставниците и учениците влегоа во мрежното училиште: првите најчесто како дигитални натрапници, вторите како дигитални домородци. Училиштето се всели во домовите, бришејќи ги познатите животни ритми, отворајќи простор за нови отуѓувања, неснаоѓања и конфликти (иако на некои тивки и срамежливи ученици им одговараше новиот начин на работа).

Совладани од дополнителни барања, наставниците забележаа дека мотивацијата на учениците слабее, дека потешко паметат и го задржуваат вниманието. Одамна нурнати во дигиталната инфодемија, младите луѓе се сопнуваа пред барањата на нефункционалните и честопати прешироки наставни планови и програми. Најпосле, нивниот начин на размислување веќе одамна не одговараше на линеарниот модел на книгата, туку на радијалниот модел на мрежата. Промисленото прилагодување на плановите и на програмите стана итна потреба, токму како и поинаквите форми на проверка на знаењето и на резултатите од наставата.

Покрај тоа, образованието за време на пандемиската ера ги откри сите видливи и невидливи форми на нееднаквост. Значителен број студенти немаа компјутер, пристап до Интернет, некои семејства немаа ниту телевизор. Водечката алатка стана „паметен телефон“, а неговиот дисплеј – мерка за паметење и знаење. Некои родители беа во можност да им помогнат на своите деца да научат; малкумина да плаќаат за додатни часови, а одамна се одомаќини и „препишувањето“ од Интернет.

И додека сите се грижеа училиштата да не станат расадници на инфекции, помалку се гледаше колку негативни последици имаше затворањето на училиштата врз резултатите од образованието на младите, врз нивното ментално здравје, и колку сето тоа во иднина ќе се одрази на вкупната општествена добросостојба. Пандемијата брзо доведе до експлозија на нееднаквост и до бројни пореметувања за милијарда ученици во преку 160 земји.

Извесно е дека затворањето на училиштата во одреден момент нема алтернатива, иако досегашните истражувања не покажаа дека училиштата придонесуваат кон порастот на заболени. Меѓутоа, стана јасно дека затворените училишта имаат драматичен ефект врз квалитетот на знаење, растот на сиромаштијата и на нееднаквоста, напуштањето на редовното школување, порастот на криминал, психо-општествените тегоби, малолетничките бракови, дополнителната родова нееднаквост, додека лицата со инвалидитет и бегалците трпат речиси ненадоместиви последици. Пандемијата во сферата на образованието стана своевидна генерациска катастрофа, која долгорочно може да ги загрози локалните и глобалните цели на развој и животите на голем број поединци.

Затоа е важно повторно и сигурно отворање на училиштата, како најефикасна комбинација од традиционална и онлајн настава за целата популација, но и намалување на јазот меѓу она што го нуди училиштето и она што им потребно на младите и на општеството во целина.

Потребно е да се осмислат училишта на иднината, со фокус на креативноста и иновациите во наставата, со додатно финансирање и грижа за оние со помали можности. Бидејќи овој излет во виртуелното не смее да се одрази на намалување на трошоците и стеснување на она што го нуди училиштето, со јасна свесност дека сличен предизвик може да нè снајде на секои неколку години.

 

Божена Јелушиќ, до 2017 година работела како професорка по литература и медиумска писменост во гимназијата „Данило Киш“ во Будва. Добитник е на највисоката црногорска награда во областа на образованието, Октоих (2000). Автор е на програми и читанки за четири години гимназија. Член е на парламентот на Црна Гора.