Примерите низ регионот покажуваат дека постигнувањето договор не е крај, туку почеток на фундаментален процес.

Астрит Истрефи

Постојат бројни формални и неформални процеси на преговори/дијалог што се одвиваат меѓу различните актери во и помеѓу земјите од Западен Балкан (ЗБ).

Меѓу оние кои се во тек или се неодамна завршени се вбројуваат и дијалогот Косово-Србија кој трае повеќе од една деценија и резултира со голем број постигнати договори, и Северна Македонија-Грција што резултираше со договор со кој заврши спорот за името меѓу двете земји. Сепак, примерите низ регионот покажуваат дека постигнувањето договор не е крај, туку почеток на фундаментален процес. Процесот на имплементација.

Сепак, треба да имаме на ум нешто клучно, а тоа е дека ваквите процеси се сериозно оспорувани од различни политички и други актери (внатрешни и надворешни) кои не прифаќаат, не разбираат или се спротивставуваат на кое било „вин-вин“ сценарио со промовирање на игра со нулта сума, или ситуација победа-пораз.

Меѓутоа, нашиот регион е многу специфичен. Околу 25 години по крвавите војни кои оставија стотици илјади жртви, илјадници силувања, уништување на приватни имоти, економии и прекинати соништа за многу генерации, националистичката и воената реторика сè уште е присутна. Договорите постигнати во минатото, вклучително и постигнатите за ставање крај на војната/конфликтот, сè уште не се целосно имплементирани и не мора да значи дека се од корист за граѓаните.

Минатите војни, националистичката реторика и наративи за поделби кои траат со децении и векови, за жал, ја претворија нашата ДНК во нешто многу опасно за нашата иднина. Не се колебаме да величаме една нација над другите; да ги дискриминираме и да создаваме непријатели од нашите соседи затоа што се со различно потекло од нашето, било да е тоа етничко, културно, јазично, религиозно итн.; да поттикнуваме поделба, омраза и предрасуди и да создаваме наративи дека нашите нации/земји никогаш нема да бидат мирни и просперитетни затоа што нашите соседи нема да ни дозволат.

Во ситуација на ескалација на тензиите во и меѓу земјите од Западен Балкан – на што сме сведоци во последните неколку месеци – она што ни треба се прогресивни, визионерски и храбри лидери кои се способни да градат коалиции преку границите, заедниците и поделбите и заеднички дејствуваат да ја осудат и да се спротивстават на воената реторика. Такви лидери се меѓу заедниците, граѓанското општество, медиумите, политичките партии, приватниот сектор и академската заедница.

Денеска не ни треба оружје, ниту војници кои слепо ги следат неодговорните лидери кои покажуваат сила или повикуваат на војни.

Она што ни треба во овие времиња полни со предизвици за сите нас и нашите општества е да се однесуваме одговорно, да се издигнеме над оние кои сакаат војна и уништување, да градиме мостови на соработка, да градиме единство и да преземеме заедничка акција со цел да го оствариме нашиот сон и нашите општества да можат да водат мирен и исполнет живот. Потребни ни се лидери кои сакаат и проактивно бараат начини за постигнување и спроведување договори за доброто на идните генерации, за доброто на просперитетна иднина за сите.

Оние кои беа сведоци на ужасите на војните од 90-тите и ги претрпеа нејзините последици, најверојатно ќе ја напуштат земјата за да најдат безбедно засолниште на друго место. Постои веројатност младите луѓе да бидат инструментализирани, како што беше случај во минатото, да земат пиштоли. Денеска, дури и да немаме жртви како што имавме во минатото, ќе бидеме сведоци на подлабока поделба, повеќе омраза и понесигурна иднина, подготвени за искра да се претвори во уште еден кошмар. Прашањето тогаш станува кога, а не дали.

Денеска немаме многу опции. Треба да направиме избор. Ќе дозволиме оваа ситуација да се развива додека ние само посматраме и си ја гледаме работата, или најлошо, бараме начини да ги напуштиме нашите земји и да ги обвиниме за тоа оние што ни ја уништија иднината. Или, ќе преземеме акција за да спречиме нов насилен конфликт.

Еден граѓански активист ми рече во 2018 година: „Бев млад и глупав во 90-тите и не бев свесен дека сум се претворил во машина за убивање. Не можам да најдам зборови да искажам колку се каам за она што го направив. Моето минато стана мојот најлош кошмар што ме спречува да живеам или да градам семејство. Сфаќам дека не можам да го променам минатото. Но, си ветив дека ќе направам сѐ што е потребно за да не дозволам истото да им се повтори на младите луѓе кои се отруени со омраза“.

 

Астрит Истрефи е извршен директор на Балканскиот форум