Ме преплавија драстични емоции. Што да направам? Со кого да го поделам тоа, кому да се доверам. Бев разведена, на бабата и на дедото на мојот син не смеев да им прозборам за тоа.

Има преку 30 години откако, како девојче, слушав „строго доверливи“ чаршиски приказни за локалниот фризер Суки кој никогаш немал девојка. А постарата сестра ми кажуваше како во средношколскиот дом во Бања Лука, додека бил на занает, постојано бил опкружен со девојки. Се шегувале на сметка на неговите „феминизирани“ движења, ги задевале момчињата кои одат кај него на шишање, иако имало уште две машки фризерници. Тогаш ништо не разбрав, но запаметив еден збор кој често го користеа, а кој подоцна ќе добие поинакво име – ЛГБТ.

Воопшто не насетував дека, посредно, ќе се најдам во тоа оро. А тоа го сфатив оној ден кога син ми се врати од училиште целиот расплакан. Ќе дознаам дека тоа е само кулминација на подолг период на негов отпор да ми признае какви проблеми преживува. Но, мислев: ќе помине, „детска работа“. Фактот дека во многу нешта се разликуваше од своите врсници го гледав како негова посебност. Беше одличен ученик, иако прилично повлечен… Дури откако ми ги покажа пораките во телефонот, сфатив сѐ. Ме преплавија драстични емоции. Што да направам? Со кого да го поделам тоа, кому да се доверам. Бев разведена, на бабата и на дедото на мојот син не смеев да им прозборам за тоа. Мал град, љубопитна чаршија, како и во времето на фризерот Суки, за кого денеска остана само легенда.

Морав сериозно да се соочам со тоа, а да го кријам како змија нозете. Не ме охрабри ниту фактот дека постојат невладини организации кои се занимаваат со тоа и сакаат да им помогнат на децата кои се чувствуваат поинаку. Но и на родителите.

Сфатив дека ни во поголемите градови не е ништо поедноставно да ја носиш таа стигма на ЛГБТ личност. Затоа што и таму постои комшилук. Баш тешко се соочував со сопствената ситуација. Морав да разберам дали е тоа проблем или живот во својата суштина. Па потоа секојдневно да ја делам таа вистина со моето дете.

Гледав некои филмови, запаметив некоја режисерка од Хрватска, името ѝ е Дана, која снимила филм за тоа. Чудно е дека ми стана малку полесно кога видов како храбро им ја кажа на родителите вистината за себе. Но, не сум храбра како Дана. Не сум ниту ден-денеска, не сакам моето име да се појави каде и да е. Иако отвореноста можеби би можела да ми помогне и мене, но и на другите родители полесно да се соочат со тоа. Не сакам да глумам ни некаква модерност, па да речам: сето тоа е нормално. Затоа што е невообичаено. Табу тема, обвиена со дебела обвивка од молк. Можеби затоа и соочувањето е потешко.

Мозгав како да му помогнам на своето дете? Гледам како на тоа гледа ова т.н. модерно општество. Домашните политичари молчат на таа тема. Овие од меѓународната заедница инсистираат да кажат дека тоа е нормално. Оној Американец, амбасадор, најчесто дава поддршка. И шведската амбасадорка. На социјалните мрежи има сешто. Најмногу ме погодуваат оние што пцујат. Тие и во војна би биле најлоши војници.

Она што го сфатив е дека природата е една голема тепсија во која врие од различности. И дека тоа треба да се почитува. Секој нека го одбере делот од тепсијата што нему најмногу му одговара.

Јас сум само мајка. Мојот син е ЛГБТ. Знам каде живеам и знам дека мојата храброст, да го кажам своето полно име и презиме, би била само добредојдена на оние кои тоа не можат да го сфатат. Ова се извадени мисли од мојот дневник.

 

Идентитетот е познат на уредничкиот тим