Затоа, реките напикани во бетонски цевки се трагична метафора за сите добра во ова општество – сега узурпирани за да збогатат неколку магнати.

Анес Подиќ

Изградбата на мали хидроцентрали во Босна и Херцеговина не произлегува од нашите стратешки потреби за електрична енергија, туку од намерата да ги задоволиме инвеститорите – главно вонредно поврзани со властите и партиските кругови.

МХЕ се мали само во однос на тоа колку ги чинат нивните сопственици – почетна инвестиција, обично обезбедена од познатата матна акумулација на богатство во војна и транзиција. Потоа, газдите располагаат со бизнис лишен од деловни ризици и со минимални трошоци за одржување и работна сила – едвај еден работник работи во една МХЕ. За првите дванаесет години во Федерацијата БиХ, и петнаесет во Република Српска, државата гарантира откуп на вкупно произведената електрична енергија – по стимулативна цена. Земјоделците немаа таква шанса.

Сите МХЕ (108 во употреба во 2020 година) произведоа 341,02 GWh – само 2,2% од вкупната произведена електрична енергија во БиХ. Произведуваме повеќе електрична енергија отколку што трошиме: вкупно 15.391 Gwh (2020 год.) Потрошувачката изнесува 11,330 GWh. Нето извозот на електрична енергија од БиХ во 2020 година изнесувал 4.047 Gwh – скоро 12 пати повеќе од вкупното производство на МХЕ. Се извезува по цени далеку пониски од цената што им ја плаќа државата на сопствениците на МХЕ.

Износите на надоместоците за концесија што ги добиваат општините честопати се пониски од годишните репрезентации на градоначалниците. Концесиите издадени на 3-5 децении обично истекуваат во моментот кога хидроцентралите мораат да претрпат генерален ремонт. На кого ќе падне товарот за тој ремонт? Без поддршка во форма на стимулативна откупна цена, бизнисмените може да одлучат да го прекинат својот потфат и да ја остават локалната заедница со полумртва река и неупотребливи машини.

Векторите на сите сили на транзиција на нашето општество се пресекуваат токму на проблемот со МХЕ. Тесната врска на матните повоени бизниси со политичките елити; мрежи на партиски влијанија и приватни интереси во кои се прпелка економијата на земјата; приватизација на сите општествени добра, вклучувајќи ги и самите државни институции; целосно исклучување на луѓето од одлуките за нивната сегашност и иднина.

Станува збор за рентиерски капитализам – окупирано природно добро и негова експлоатација потпомогната од општествено богатство кое, со стимулации за обновлива енергија, се прелева од јавните фондови на приватни сметки. А локалните заедници го губат изворот на живот – водата, туристичките атракции и она малку убавина во која можат да уживаат бесплатно. Убавина која припаѓа секому и токму затоа никому.

Затоа, реките напикани во бетонски цевки се трагична метафора за сите добра во ова општество – сега узурпирани за да збогатат неколку магнати. Така, нашите економски гиганти беа распарчени и претворени во градежни парцели на повоената елита. Така, институциите на државата станаа канали за црпење на општествените добра и вредноста што ги создаваат луѓето преку напорна работа. Така и самите станавме нечија сопственост – робови на локалните господари, евтина работна сила на оние надвор.

Затоа борбата за реките на БиХ, и воопшто за водата, е борба за зачувување на природата – но не само тоа. Тоа е, исто така, борба за правото на заедницата / сфатена како збир на нашите предци, на нас денеска и на оние кои доаѓаат / за доброто што им припаѓа на сите заедно и на никого поединечно. Борбата за реки е борба за украдената автономија на заедницата – нејзината слобода да одлучува за себе.

Борбата за реки и вода е борба за општество на солидарност и еднаквост какво, и покрај сè, можеме да бидеме, што најдобро се гледа на големиот фронт на Чуварите на реките од цела БиХ и пошироко.

 

Анес Подиќ, основач на „Еко акција“, организација која се занимава со проблемите на екологијата и социјалната правда од 2009 година. Активист во борбата за реките на Босна и Херцеговина, чист воздух, вода за пиење и шуми.