Наместо да се срамиме од неа, треба да прифатиме дека корупцијата е дел од нас, нешто со што живееме од раѓање до смрт. Значи, речиси како првут. Или како влакна во носот. Или како сексуално преносливи болести. Не се најпријатни, ама наши си се, брате.

Зоран Кесиќ

Прекрасната народна песна „Мито бекријо“ своевремено го прослави Василиј Радојчиќ. Од друга страна, мојот шеговит препев на оваа песна „Мито и корупцијо“ не прослави никого, напротив. Кога на своите музичко-забавни приредби ја пеам оваа песна, тоа излегува прилично лошо, а публиката често ми нуди пари, стока и услуги за веднаш да престанам со пеење и да продолжам со непејачкиот дел од програмата. Сметам дека е забавно и многу симболично што ми нудат мито само да престанам да пеам „Мито и корупцијо“:

„Ми вети дека мито ќе ми дадеш,

скриј го добро некој да не ти го најде,

еј, барем 200 да ти земам

па за тебе да се заземам…“

Во оригиналната песна, девојката ги минува ноќите чекајќи го саканиот Мито, инаку префригана пијаница и кафеанска мушичка, да дојде од угостителскиот објект, па дури и маченичката „крај пенџере стои, чека врата да му отвори“.

Па ќе се изначека, бидејќи наивно верува во триумф на љубовта и се надева на хепиенд, наместо да ги земе работите во свои раце, да ги стави (тие работи) во неупадливо плико, па пликото да го тутне во нечии други раце, раце кои би можеле малку да ја поттурнат љубовта кон хепиенд, а Мито кон неговата сакана.

Можностите се бројни.

Може да се влијае врз сопственикот на кафеаната да му забрани гостопримство на Мито, може да се убедат органите за безбедност да приведат пијан и инцидентен муштерија, па дури и со ценетиот господин Судија може да се најде заеднички интерес да се отстрани Мито од кафеаната на подолго време.

Го сакаш мито? Па подмити, сестро!

Мито, корупција, судир на интереси, непотизам, злоупотреба на положбата… сѐ се тоа поими кои со векови се составен дел од животот во нашето општество и, слободно можеме да кажеме, и дел од нашиот фолклор, традиција, начин на живот…

Митото и корупцијата се она што ги спојува нашите соседски народи.

Срби, Хрвати, Македонци, Албанци, Бошњаци… на сите корупцујата им е во генетскиот код, корупцијата е малтене етно и како таква можеме опуштено да ја облечеме во народна носија, да ѝ тутнеме да дува во некаков џиновски кавал и да ја пратиме на Песна за Евровизија.

Обврската на секоја власт е да ветува „решителна борба против корупцијата“, но таа однапред изгубена борба доведува само до уште поголема корупција.

Затоа што освен оние што мораш да ги подмитиш за нешто да ти завршат, сега мораш да ги „подмачкаш“ и борците против корупција да не ги спречат овие што ги корумпираш да бидат корумпирани.

Очигледно е дека таа решителност на власта да спречи корупција е еднаква на цврстата одлучност на жена ми (и на секоја друга жена) „тргни ми го тоа чоколадо, веќе никогаш нема да јадам слатки, добро можеби само уште една коцкичка“.

И затоа, веќе да не се преправаме и да не се замајуваме, предлагам да станеме прва држава во светот (ние во регионот) која ќе ја официјализира корупцијата. Наместо да се срамиме од неа, треба да прифатиме дека корупцијата е дел од нас, нешто со што живееме од раѓање до смрт. Значи, речиси како првут. Или како влакна во носот. Или како сексуално преносливи болести. Не се најпријатни, ама наши си се, брате.

И затоа предлагам, да ја официјализира корупцијата!

Legalize it!

Слично како марихуаната, најпрво за медицински цели, значи корупција во здравството. Да се знае кој и кога може да дојде до болнички кревет или до респиратор во доба на пандемија.

Потоа за правосудни цели, да се знае колку чини кога сакаш на протести да рушиш легално избран режим (скапо) и да се знае колку чини кога синот на медиумски тајкун ќе направи сообраќаен прекршок со смртен исход (може да се среди).

За просветни цели, идните министри да не мораат повеќе да плагираат докторати и дипломи, туку точно да се знае колку чини титула.

Скромно и ненаметливо би се понудил мојата песничка да влезе во промотивниот спот на кампањата за легализација на корупцијата, а доколку се организира некаков тендер за автор и изведувач, јавете ми навреме кој е во комисија, да им подготвам скромни (а сепак од срце) подарочиња, кои би можеле пресудно да влијаат врз нивната одлука.

Рефренот оди вака (затнете уши):

„Мито и корупцијо,

здравство, судство, просвето,

Свои евра да ми дадеш, и под око да ме гледаш,

мито и корупцијо“