Јакнењето на радикализмот и демагогијата, падот на економијата, сиромаштијата и невработеноста како последица на историските стресови – сето она што во рамките на „новата нормалност“ може да му се случи на преплашениот развиен свет, тоа на нас новонормалните ни е мачја кашлица, која веќе многупати до сега сме ја искашлале. Новата нормалност значи е нешто сосема нормално во светот во кој ние живееме.

Има веќе пет-шест месеци како во речникот и јазикот некако ни се вдена изразот „нова нормалност“. Водејќи потекло од авторот на научна фантастика Роберт А. Хајнлајн, кој своето „ново нормално“ првпат го употреби во романот „Луна е сурова љубовница“, овој новонормален термин се употребуваше и да се опише како луѓето ќе живеат по светската финансиска криза во 2008 година. Па еве, тој сложен неологизам и сега, во време на Ковид, кога баш ништо не изгледа нормално „новата нормалност“ се нуди како некој вид на глобален сертификат, кој се издава за сѐ што е ненормално, а за да може полесно да го прифатиме како начин на кој ќе живееме во иднината, но без можност некогаш да се вратиме на старо. Уф, колку познато звучи ова.

Ајде на ова место да фрлиме поглед на некои стари овдешни нормалности. Па, на пример, тоа дeкa беше нормално младите да гласаат за иднината на земјата со раце и пенкала, а не со нозе и работни дозволи за Германија. Или дека беше нормално изборите да служат луѓето да го искажат мислењето за карактерот на властите – а не за потребата да исчезне опозицијата. Нормално беше медиумите да им даваат простор на двете страни во некоја расправа; за сѐ да се прашуваат повеќемина, е не еден човек; дека сегашноста не е најдобра во современата историја; дека подобрата иднина не е нешто што веќе вторпат, третпат е најавувана дека доаѓа за две, или најмногу три години. Значи, нормално. Било некогаш. Или барем можело да биде, но не е. Туку, постои ова „ново нормално“. Во кое ние живееме веќе недефинирано долго време. А сигурно и многу пред „новото нормално“ да стане концепт со кој целиот свет сега се запознава.

Луѓето од ова поднебје, да поедноставиме малку, се пионири на „новото нормално“, односно на навикнувањето на полошо, и да не се фолираме повеќе што всушност значи „новото нормално“. Денешната политика, култура, економија, или било која област од друштвениот или државниот живот во ова наше локално или регионално Опкружување, се нови нормалности со кои моравме да се сродиме со секоја нова војна, секоја нова транзиција или нејзина фаза, секој нов мандат на што било и кој било новонормален – сѐ што пред нас искрснуваше и ја голташе старата нормалност.  И на сето тоа плус секоја нормалност која евентуално би можела да се создаде, и да ни помогне „новото нормално“ да не заобиколи.

Жителите на развиените и (со самото тоа) разгалени земји, веројатно тешко ја поднесуваат „новата нормалност“ затоа што со неа се среќаваат ретко или за првпат. За нас овде, „новата нормалност“ е децениска нормална појава: ние денес лесно ќе поднесеме маски,  физичка дистанца, избегнување и забрани за собири, карантини или што било „новонормално“. Тоа е затоа што тоа за нас е уште една ставка од списокот што сега веќе не може, а порано можело. Или што е тоа ново лошо што не снашло, а што нема да може да го врати старото и доброто.

Јакнењето на радикализмот и демагогијата, падот на економијата, сиромаштијата и невработеноста како последица на историските стресови – сето она што во рамките на „новата нормалност“ може да му се случи на преплашениот развиен свет, тоа на нас новонормалните ни е мачја кашлица, која веќе многупати до сега сме ја искашлале. „Новата нормалност“ значи е нешто сосема нормално во светот во кој ние живееме, а кој, еве станува и свет во кој ќе живее и тој некој друг Свет. И некако му доаѓа нормално и тие малку да се запознаат со тоа. И да ни го симнат бремето од новонормалното. Нас и така веќе ни е преку глава.

Што е и некако нормално.