Реките се како крвните садови што се протегаат низ човечкото тело. Замислете ги проблемите што човечкото тело може да ги има ако се блокира една од крвните жили; истото се случува и со реката кога во неа се градат хидроелектрани.

Замислете крвта што тече низ вените да е загадена како нашите реки. Замислете да ги нагризуваме нашите крвни садови како што немилосрдно ги уништуваме нашите речни корита.

Како што крвта носи кислород низ нашите тела, така и реките ја снабдуваат со кислород нашата околина. Без реките нема живот. Одземајќи вода од нашите реки за хидроелектрани, одземаме кислород од нашите деца, бидејќи исушувањето на реката нема влијание само врз нејзиното корито, туку директно влијае и врз околната флора и фауна. Дури и живите суштества што живеат оддалечени со километри ќе бидат погодени кога реките ќе пресушат.

Затоа, жителите на Брезовица кои се противат на изградбата на хидроенергетски план на нивната река, жителите на Бити кои се противат на испуштање вода од реката што им овозможува опстанок, активистите во Дечани кои евидентираа прекршувања на законот во врска со хидроелектраната на нивната река, граѓаните на Печ кои масовно протестираа против изградба на хидроелектрана во печката област, активистите на Бунар Фест кои се  противат на изградбата на хидроелектрана во околината на Призрен, здружението „Гјетхи“ од Качаник кое со години се бори за Лепенец – тоа се хероите на нашето време, оние кои ја штитат иднината на нашите деца борејќи се за водата од нашите реки.

Постои целосен недостиг на транспарентност околу изградбата на хидроелектрани. Локалното население сфаќа дека се гради хидроелектрана дури кога ќе здогледаат булдожери како ја ископуваат реката, поради што речиси секоја изградба предизвикува социјално незадоволство. Во случајот Бити, јавната расправа беше одржана во Качаник, на десетици километри оддалеченост од местото на изградба на хидроелектраната.

Според договорите меѓу хидроелектраните и надлежните власти, тие можат да користат 70% од водата за производство на електрична енергија. Ако земеме предвид дека нашите реки се загадени со отпадна вода што тече директно в нив, а проценувајќи дека 70% од водата ќе биде одземена, тогаш нашите реки ќе се претворат во канализација и ништо повеќе, бидејќи нивото на отпадни води нема да се намали со намалувањето на нивото на водата во речните сливови.

Граѓаните на Косово покажаа дека знаат да ги надминат националните поделби за да ги заштитат реките. Она што треба да се направи е да се зголеми јавниот притисок врз локалните и врз националните политичари, за Косово да го следи примерот на Црна Гора и на Босна и Херцеговина и во целост да се запре изградбата на мали хидроелектрани. Ако ја споредиме штетата што овие хидроелектрани ѝ ја нанесуваат на природата со количеството на енергија што ја генерираат, тогаш не постои економска логика што би ја дозволила нивната изградба.

Ве повикувам сите вас да ја потпишете петицијата на WWF Adria за запирање на малите хидроелектрани, на линкот подолу:

https://losingrivers.com/alb/

 

Ардиан Нрецај, активист за заштита на животната средина