Така, здравствените работници, исто без намера и уште повеќе без желба, станаа последна линија на одбрана на слободата на она исто општество кое во здравството – како и во сѐ друго што е „непрофитно“ – со децении вложуваше точно колку што треба: да се добијат изборите и да не избие револуција.

Пишува: Воја  Жанетиќ

Постојат барем три основни видови на ограничувања на слоботата.

Една неслобода е кога некој друг те спречува да правиш нешто. Друга е кога сам себеси се спречуваш. Третата е кога те ограничува здравјето.

Кој минал низ болежливо детство, знае по нешто за комбинацијата од првата и третата неслобода. Она кога родителите ти го ограничуваат движењето, поради твоето здравје. Кој, пак, дошол во ситуација да има слабо здравје и без надзор од родителите, знае за комбинацијата од втората и третата неслобода. А кој живее во овие вирусни времиња, знае, или барем насетува, комбинација од сето набројано.

По игра на заразниот случај, повторно некој ни забранува да излегуваме надвор за да не се разболиме. Во ова колективно псевдовраќање во кревкото детство, славната поткошула без која нема одење никаде – ја замени маска. Промајата, историски најстрашниот предизвикувач на сите можни болести, ја заменија ракувањето и физичката близина. „Немој“, „внимавај“, „што правиш“ – во комбинација со „измиј раце“ – нѐ враќаат во општа малолетност. Слободата стекната со тешките маки на растењето полека се повлекува пред потребата за опстанок во оваа искривена реприза на детството. И колку слобода ќе остане на крајот? Да се разболиш само од прашањево.

 

 

* * * * * * *

 

Во центарот на нашето нео-ретро-детство се наоѓаат здравствените работници. Не по сопствена волја, никако не по своја желба. Системот на нивната работа и делување, создаден за „мирнодопски“ услови, се најде – во војна со Вирусот. Како и во секоја војна, наративите на оние кои не се на фронтот безобзирно се повторија: „ќе биде ова брзо готово“, „победата е на дофат на рака“… Има и верглања за заговор, секогаш ги имало.

Од гледна точка на нерегрутираните, невозможно е да се согледа војната таму каде што навистина се одвива. Од Берлин не може да се види Сталинград, а ни Окинава од Њујорк. Оние кои не се медицински лица, односно медицински воини, за ова сегашно војување знаат многу малку. Фрагменти од сликата за борбата со невидливиот непријател на ова време можат да се разберат само од приказните за оние кои се вратени дома од болничките ровови. Но, овде главно станува збор за поранешни пациенти, „ранети“ кои не биле ни во борба: медицинските лица и понатаму ни се далечни војници, чии воени раскажувања ќе ги дознаеме кога Ова ќе заврши. Еднаш, којзнае кога.

Во историјата, војните се започнувани или продолжувани поради верба дека не можат да се изгубат. Така и оваа војна е детерминирана со бајката дека нема да има пораз: од приказната за „имунитет на стадото“ до вакцината, тоа „чудесно оружје“ кое сѐ ќе промени и кое само што не стигнало. Во наизглед бескрајниот простор меѓу „не е тоа ништо“ и „нема да ме фати мене“ се крие голема црна дупка во која заедно престојуваат нашата слобода и нашите болници.

А со нив и нашата култура и нашата цивилизација.

Нашето опкружување.

 

 

* * * * * * *

 

И во ова наше локално Опкружување, транзицијата максимално се потруди здравјето, како и многу други неопходни нешта, да биде достапно малтене само за оние што имаат пари или моќ. Или двете. Така, здравствените работници, исто без намера и уште повеќе без желба, станаа последна линија на одбрана на слободата на она исто општество кое во здравството – како и во сѐ друго што е „непрофитно“ – со децении вложуваше точно колку што треба: да се добијат изборите и да не избие револуција. Истото тоа општество – веројатно од истите причини како и досега – сега напорно работи на самоилузијата дека вирусот и епидемијата нема да го променат начинот на кој живеевме досега и како и што работевме. И дека, освен што треба да се варосаат и малку да се доопремат болниците, ништо друго не треба да се менува. Значи, идејата е, кога ќе оздрават болните луѓе, лекувањето на сѐ друго што е болно – да го одложиме за некои поздрави времиња. Затоа што за тоа нема лек. А нема ни лекари.

Нека ни е среќно продолженото боледување.

Заслужено е.