Би сакал да се тресат сите присилувачи, злоупотребувачи, арогантни надредени, одвратни локални шерифи, монструми на позиции од кои можат неказнето да прават гадости, уверени дека на жртвата ќе ѝ биде многу полесно да премолчи одошто да викне за помош.

Зоран Кесиќ

Понекогаш сонувам дека некогаш одамна сум убил некого.

Сум убил некого кришум, никој и не знае за тоа убиство, а до неодамна не сум знаел ни јас, бидејќи сум успеал таа страшна работа толку да ја потиснам и да ја заборавам, што сум живеел живот на обичен човек, човек кој никогаш никого не убил.

Сѐ досега, кога во сон сум се сетил „чекај бре, па јас онојпат го убив оној“.

А веднаш по тоа сознание настапуваат грижа на совест и страв.

И не знам што ме плаши повеќе – тоа што до крајот на животот ќе бидам свесен дека сум извршил злосторство или тоа што некој можеби ќе открие дека сум убиец.

А потоа се будам и некако ми паѓа мило и драго што никого не сум убил. Засега.

Можам да продолжам со вообичаените и секојдневни животни проблеми, со преиспитувања и со сезонски грижи на совеста, како оваа актуелната „сум се згоил како свиња, како ќе излезам ваков пред тв гледачите“.

Но, се прашувам деновиве како ли им е на сите оние кои, на сон или на јаве, се потсетиле дека навистина сериозно згрешиле.

Какво ли им е будењето на сите оние чичковци кои сонувале дека злоставувале и силувале, па пред нив е цел ден во кој ќе бидат свесни дека тоа не било „само обичен сон“?

Што ако во утринските весници осамне моја слика, си мисли чичкото?

Што ако, по Милена и Ива, прозбори и онаа „мојата“?

Што ако, додека појадувам, полицијата ми провали во станот?

Епа, нека ви е пријатен појадокот, ручекот и сите идни оброци.

И убаво спијте, ако можете.

Живејте, гадови, во страв!

Затоа што орманите во кои сте ги сокриле вашите костури веќе не можат да се затворат.

Почнаа да испаѓаат надвор и сите ќе видат што сте правеле.

О, каков радосен ден ќе биде тоа за правдата, о каква величествена симфонија на разиграни и речиси заборавени костури ќе биде тоа…

Само што нема да биде.

Нема тука ништо радосно, особено за жртвите.

Една случајно ја познавам. Ѝ напишав дека не треба да има ниту трошка сомнеж дали требало да излезе, дали требало да открие, дали требало да викне. И уште ѝ напишав дека по ова сите уште повеќе ќе ги почитуваат и ќе им се восхитуваат.

Затоа што можам да ја замислам ситуацијата во која и жртвата потиснува.

Ќе си рече дека тоа и не било толку страшно, ќе го оправда некако, ќе се зафати со нешто друго, ќе најде радост, ќе ја стрефи љубов, ќе се бори со други демони, ќе мине време, ќе заборави.

И тогаш, навистина е за восхит и за почит тоа да се откопа.

Одново да се проживеат болката и срамот, па уште и да се изложат на увид на сите нас знајни и незнајни.

Колективно да ѕирнеме во најдлабоко чуваната тајна.

Да осудиме, да процениме, да посоветуваме, да очекуваме уште детали, да испратиме порака со поддршка…

Или можеби и да се запрашаме „а зошто молчела“, да се посомневаме, да исмееме, да понижиме…

За почит и за восхит е храброста сето тоа да се понуди „на тацна“ на сите нас.

А нам ни е обврска да ги охрабриме жртвите.

Тоа што, како мене, никого не сме убиле, не нѐ прави добри граѓани, туку, можеби, повеќе граѓани кои во дадениот момент немале (за среќа) ништо тврдо, остро или експлозивно при рака.

Добри граѓани стануваме во оној момент кога сложно ќе им пружиме безрезервна поддршка на храбрите свиркачи и свиркачки.

Не само по повод актуелниот „актерски“ случај.

Би сакал да се тресат сите присилувачи, злоупотребувачи, арогантни надредени, одвратни локални шерифи, монструми на позиции од кои можат неказнето да прават гадости, уверени дека на жртвата ќе ѝ биде многу полесно да премолчи одошто да викне за помош.

Колку луѓе околу нас вечерва ќе заспијат и ќе сонуваат дека некој некогаш ги убил?

Никој не знае за тоа убиство, а до неодамна не знаеле ни тие, затоа што го потиснале.

Живеат како нормални, обични луѓе, а всушност, убиени се којзнае кога.

Епа, добро ви утро, луѓе!

Ако имате нешто да ни кажете, радо ќе ве сослушаме и ќе викаме заедно со вас.

И да знаете дека срамот, стравот, осудата и казната немаат ама баш ништо да бараат во вашиот двор.

Имено, имаат многу работа кај некои чичковци кои деновиве мака мачат да ги закатанчат своите стари, распаднати, пренатрупани ормани.