Сите мои сајбер војни се исклучиво одбранбени. Е сега, ако некогаш малку и се пречекори нужната одбрана, па Боже мој – кој за тастатура се фаќа, од тастатура и ќе загине.

Зоран Кесиќ

Честопати сум жртва на сајбер напади.

Меѓутоа, тие сајбер напаѓачи, по мојата сајбер одбрана главно стануваат мои сајбер жртви.

Ги јадам за онлајн доручек, ја мачкам тастатурата со нив за сајбер ручек, ги праќам на спиење за фејсбук вечера.

Па каде сте тргнале со дајл-ап на 10 гигабајти во секунда, дали сте вие нормални!?

Зарем не знаете дека се задевате со човек кој не изгубил ниту една расправа на интернет?

Затоа што за тоа се работи во овонеделната тема – сајбер безбедност, зар не?

За техниките на сајбер одбрана и сајбер контранапад врз овие кои ми ја загрозуваат сајбер безбедноста и сајбер духовниот мир со своите оглупувачки пораки и коментари на социјалните мрежи.

Знам богами добро да изгубам време на дебатирање со луѓе кои ме нервираат. Да речеме, кога имам некоја многу важна работа, веднаш ја прекинувам штом ќе видам дека овој со кого во моментот се расправам ми одговорил и трескавично ја типкам својата реплика која ќе го фрли мојот противник во нокаут.

Од суштинско значење ми е да им докажам на што повеќе луѓе на интернет дека јас имам право, а тие не.

Тоа не е лесна работа, но некој мора и тоа да го работи.

Во последно време најмногу се расправам со таканаречените антиваксери.

Но, молам да се забележи дека никогаш не напаѓам прв.

Сите мои сајбер војни се исклучиво одбранбени.

Е сега, ако некогаш малку и се пречекори нужната одбрана, па Боже мој – кој за тастатура се фаќа, од тастатура и ќе загине.

Тие сајбер антиваксери најчесто истовремено се и антиимигранти, па така, во расправата главно од короната (која не постои) и вакцините (кои не функционираат) се лизнуваме и кон муџахедините кои имаат план колективно да нѐ преобратат во Ислам, да ги натераат жените да носат марами, а нас мажите да пуштаме бради. Мојата жена тука подобро би поминала, затоа што веќе има неколку марами, а мене вака ќос во таа надоаѓачка „Исламска држава Србистан“ дефинитивно лошо ми се пишува.

Со оглед на тоа дека моите сајбер противници немаат валидни аргументи против мојата рафална стрелба со здрав разум, логика и трошка сарказам, често прибегнуваат кон очајнички техники на сајбер напад:

а) со линк од некој видео клип во кој ценетиот доктор Питер Питерсон од еден од најпознатите Универзитети (слободно измислете име) ни ги отвора очите и ни укажува на заверата за која се свесни само посветените;

б) со цитат од некој од овдешните гуруа на антиваксерството;

в) со обвинение дека сум се „продал“ и дека, ете, порано баш многу ме сакале и за сѐ се согласувале со мене, но откако сум преминал на мрачната страна и сум почнал за дебели пари да пропагирам вакцини (опционо „газдите наредиле така да зборувам“), многу се разочарале и сфатиле дека сум (слободно измислете навреда).

Еден сајбер напаѓач неодамна ми напиша дека планот на Бил Гејтс е преку вакцинација да уништи 10 до 15 отсто од населението на планетата Земја и дека дури постои и снимка како Гејтс го изговара тоа пред илјадници луѓе во некоја сала и пред милијарди луѓе на јутјуб.

Значи, најглупавиот богат злосторник во историјата на богати злосторници.

Јас, да речеме, кога би планирал да потепам едно милијарда луѓе (неколку стотини милиони повеќе, помалку), би прибегнал кон еден лукав злосторнички трик.

Не би го кажал тоа јавно!

Генијално, знам.

Затоа што, кога би го кажал тоа јавно, тоа би можело да стигне и до тој некој Жика Лазиќ кој, како клучен доказ, ми испраќа и линк задолжително да погледнам што вели Бил Гејтс од четвртата минута.

Не ме мрзи, кликнувам и, навистина, од четвртата минута злотворот од Мајкрософт јасно и гласно изговара „10 до 15 отсто од светската популација…“

Меѓутоа, ѓаволот не ми дава мир – како, впрочем, никому од нас сатанистите, па правам натчовечки напор да го изгледам говорот на тој Дарт Вејдер од почеток, значи дури 4 минути порано.

Излезе дека Бил Гејтс, за чудо, воопшто не зборувал за план за ликвидација и редукција на населението, туку за начини за намалување на емисијата на јаглен диоксид! Каде што со развојот на вакцини и здравствена нега би се намалил претераниот и неодржив природен прираст за 10 до 15 отсто, а за чудо, не каде што со подметнување отров во вакцините би го скинал секој десетти човек покрај кого ќе поминете на улица.

Жика Лазиќ призна дека во таа конкретна работа можеби погрешил, со акцент на „можеби“, а не на „погрешил“, но, цитирам, „има уште многу некакви докази“.

И така, веќе седми ден чекам уште многу некакви Жикини докази и…

Пардон, изгледа штотуку нешто ми стигна на фејс, па во оваа прилика им се извинувам на читателите, бидејќи поради неодложни задачи поврзани со сајбер безбедноста морам нагло да ја завршам овонеделната колумна.

И имате право, не е Жика луд.

Јас сум.