Можно е и на ова непријателство да му истекол рокот на траење.

Излегло од мода. Се збајатило.

Најпосле, прашајте ги пред некој ден Сплит и Нови Сад, Сарајево и Љубљана, Белград и Ријека, Загреб и Скопје за тоа.

Зоран Кесиќ

Јас сум Србин. Моите традиционални пријатели се Русите и Грците.

Русите затоа што отсекогаш нѐ штителе и нѐ бранеле, освен онојпат кога НАТО малку нѐ бомбардираше, а Русите беа во фазон „да не се плеткаме баш во сѐ, ќе се среди сето тоа некако“, а Грците затоа што секогаш убаво нѐ дочекуваат на море. И заради гирото.

Добро, минатото лето ни забранија море, но не е ништо лично, тоа е поради пандемијата, а гиро имаме и во Србија.

Можеби блискоста што ја чувствувам кон Русите и кон Грците би била уште поголема кога и лично би запознал некој Русин и некој Грк. Засега, тоа е повеќе метафизичка блискост, поврзаност која можеби не се темели на мое лично другарство со некој конкретен Серјожа или Василис, или на некоја дамнешна љубов со Маша или Калиста, но можеби запознавањето на реални и опипливи Руси и Грци само би ја банализирало возвишеноста на чувството на нераскинливост меѓу нашите народи.

Со други зборови, колку повеќе не ги знам, толку посилно ги сакам.

Од друга страна, мои традиционални непријатели прво беа Германците. Им предложив пред некој ден на мојот седумгодишен син и на неговите другари малку да си играат партизани и Германци, но само ме погледнаа како да сум чудак и додадоа дека немаат поим кои се партизаните и Германците.

По доста безгрижното растење во осумдесеттите со злобните Германци, во деведесеттите мои традиционални непријатели ненадејно станаа Хрватите, Албанците и муслиманите од Босна, популарните Бошњаци.

Е тука ситуацијата веќе беше малку поинаква, бидејќи, за разлика од астралните Руси и Грци кои ги сакам, и Германците, поточно одамна изумрените војници на Вермахтот, кои не ги сакам, овие нови непријатели ми се многу поблиски. И територијално и орално. Вокално, сакав да речам. Бидејќи јазикот, говорот, пцовките, песните, клетвите, стиховите – сѐ ми е познато и сѐ е мое или речиси мое. Додуша, овде ги исклучувам Албанците бидејќи врска немам што зборуваат, но претпоставувам дека договараат проширување на семејството, а мене ми спремаат некакво зло.

Албанците први нѐ нападнаа, а ние сме биле тука од памтивек, макар што тие велат дека ние нив сме ги нападнале уште онојпат, иако мислам дека лажат, а додуша истото го велат и тие за нас, ама ајде сега, нивниот збор против нашиот.

Со Хрватите ситуацијата е значително појасна. Тие сакаа сите нас да нѐ истребат и тоа го посакуваат и ден-денеска, затоа што им пречи што сме поубави, попаметни и подобри од нив во кошарка и во Ѓоковиќ. Што се однесува до муслиманите, тука нема што да се објаснува. Не сме иста вера, а тоа е катастрофа. Најлошото што може да им се случи на двајца луѓе е оној другиот да биде некоја вера која не е на овој првиот.

Значи, сите предуслови за трајна, постојана и доживотна омраза се тука. Најпосле, секој сериозен човек треба да тежнее кон стабилност, како во љубовта, така и во омразата. Сезонските омразички кои брзо влегуваат и уште побрзо излегуваат од мода можеби му се привлечни на младото битие, но јас сум веќе човек во зрели години и сакам јасни координати на непријателството.

За жал, на мојата идеална омраза кон Хрватите и Бошњаците ѝ се испречија Хрвати и Бошњаци. Некој генијален злосторнички ум тенденциозно, со години и години, ми праќаше разноразни Роберти Просинечки, Јосипи Лисац, Дарковци Рундеци, Фабијани Шоваговиќи, Дражени Петровиќи, Раџи и Кукочи (особено Раџи и Кукочи), па потоа разноразни Лет 3ки, Дежуловиќи, Иванчиќи, Томиќи и Јерговиќи.

Ми излегуваа, секако не случајно, од сите страни некакви Плави оркестри со некои Лоши, некои Даворини Поповиќи, Ивици Осими, Сушиќи, Баљиќи, Александари Хемони, Абдуласи Сидрани, некои Штуки и Шарани…

Оваа психолошка војна во вид на истрели на културно-уметничко-спортски ракети кон Србија, кои нашите непријатели наместо како злосторници ќе ги прикажат како луѓе кои ги обожаваме, кои нѐ инспирираат и на кои им се одушевуваме, остави силни последици врз мене.

Ја намали мојата борбена готовност, ми ја затапи острицата на омразата и ми всади во глава болни идеи за тоа дека е возможно да се сака комшилукот, иако тие нам со векови (види горе прецизно објаснето).

За среќа, мојата Србија одговори со иста мера.

На Оливер Драгојевиќ удривме со Балашевиќ. Налетите на Хаустор ги амортизиравме со Дисциплина Кичме, а на Дино Дворник ги пративме Бајага и Рамбо.

Тие нам Мира Фурлан, ние ним Милена Дравиќ. Тие нам Сафет Исовиќ, ние ним Тома Здравковиќ.

Меѓутоа, лукавите копилиња нѐ погодија со Божо Вреќо и ајде сега ти одговори на тоа.

Нека остане меѓу нас, но мислам дека низ годините војување често користевме и хемиски отрови – Цеца, Јеца, Драгана, Сека…

Што да се прави, мора да се мисли и на непријателската популација која и тоа ја погодува.

Кога на сето ова ќе се додадат моите непријатели кои лично ги познавам и ги сакам, кои едвај чекам да ги видам, да се изнамуабетиме, да се напиеме и да се потсетиме на сите нешта поради кои се мразиме, јасно е зошто веќе со години имам одредени проблеми околу традиционалните непријатели.

Се плашам да признаам, но можно е и на ова непријателство да му истекол рокот на траење.

Излегло од мода. Се збајатило.

Најпосле, прашајте ги пред некој ден Сплит и Нови Сад, Сарајево и Љубљана, Белград и Ријека, Загреб и Скопје за тоа.

Веројатно ќе ве гаѓаат со некој пар мандарини и мали бели зајаци.

Или ќе ве викнат на еден круг со рингишпилот.

„Ма дај, окрени…“