Оние што очекуваа дека доаѓањето на Ана Брнабиќ на местото претседателка на Владата ќе придонесе за подобрување на положбата на ЛГБТ популацијата, страшно се излажаа.

Зоран Кесиќ

За официјален почеток на хомосексуализмот во Југославија обично се зема 1984 година, кога Стивен му откри на својот татко Блејк Карингтон дека повеќе сака чичковци отколку тетки. Господинот Карингтон тоа многу тешко го прими, но со текот на времето (и со новите епизоди на „Династија“) татковата љубов ја надвладеа хомофобијата и сѐ се заврши среќно. Велам, среќно, доколку се изземе фактот дека сите актери од серијата на крајот се изрешетани и загинуваат, без разлика дали сакале чичковци или тетки.

Младината во тогашната СФРЈ така откри дека е можно да се заљуби и во сопствениот пол, што на младите им отвори нови можности и им понуди свежа перспектива.

Паралелно со процутот на геј-лезбејството, доаѓа и до јакнење на опозицијата на ова движење, олицетворена во идиотскиот слоган „Адам и Ева, а не Адам и Стево“.

И навистина, најчестиот аргумент против истополната љубов е од религиозна природа затоа што, наводно, Бог не го замислил тоа така.

А како точно го замислил, повеќе околу тоа информирајте се кај овластените лица – поранешниот епископ Качавенда или кај владиката Пахомије.

Прашањето околу ЛГБТ популацијата станува и политичко прашање во оној миг кога Србија јасно ја истакнува својата определеност кон Европа и кон европските вредности, тукуречи, кога како држава се „аутуваме“ дека сме проевропски настроени.

Лезбејо-гејо-транс-нештото ѝ е многу важно на Европа, затоа што едно од најважните начела на демократијата е почитувањето на човечкото право да му го става на кого сака и да го прима каде што сака, сѐ додека тоа не е во спротивност со законот.

Тогашната опозиција во Србија (главно радикали со денешниот прогресивец Вучиќ) изразито е против боите на виножитото, па првите обиди за геј парада во Белград ги прогласуваат за срамота, сквернавење, бласфемија, сатанизам, плукање по традицијата, црквата, свеќите, кандилото и Косово, и успешно анимираат (ангажираат) значителен број на навивачи, хулигани и криминоген полусвет да ја демонстрираат посветеноста на традиционалните семејни вредности со кршење на педерски глави, виткање на лезбејски раце, превртување на контејнери со неодредена сексуална ориентација и ревијално кршење на излози.

„Педер низ градот нема да шета“ е еден од најпрепознатливите слогани на тоа величествено востание и доказ дека вистинскиот Србин, семеен човек, религиозен, со афинитет кон вистинската дупка, никогаш нема да се помири со гнасната парада на срамот. Поточно, нема да се помири уште наредните неколку години, па по промената на идеолошката ориентација на националистичките радикали во проевропски прогресивци, малку ќе се помири со парадата на срамот, а по доаѓањето на власт на Вучиќ и екипата, ќе биде во фазонот „педер низ градот може да шета, а педер низ градот нема да шета доколку Вучиќ пак оди во опозиција, па може повторно да му затреба педер низ градот да не шета“. И така, педерот веќе со години шета, а од таквото шетање не е ништо поблиску до остварување на своите права.

Оние што очекуваа дека доаѓањето на Ана Брнабиќ на местото претседателка на Владата ќе придонесе за подобрување на положбата на ЛГБТ популацијата, страшно се излажаа.

Брнабиќ приватно навистина е геј личност, но проблемот е во тоа што Брнабиќ службено е Брнабиќ. А Брнабиќ стана синоним за човек кој нема свое мислење, кого ништо не го прашуваат, туку само фигурира како маскота, како кукла која отвора уста и зборува со гласот на „master of puppet“ кој зборува од стомак.

Лично немам ништо против луѓето да сакаат кого сакаат, да се мажат и женат со своите партнери и со тоа да стекнуваат исти права како и ние кои сме во машко-женски традиционални бракови.

Што се однесува до посвојувањето деца, секогаш би им дал предност на традиционалните парови, значи, детето да има тато и мама.

Иако, повторно, кој ни гарантира дека традиционалниот машко-женски пар не е пар будали кои лошо ќе го третираат тоа дете?

Тогаш попрво би сакал детето да го посвои пар добри и грижливи луѓе, па и да биде машко-машки или женско-женски пар.

Нелогична и сурова ми е идејата дека е подобро за детето без родители да продолжи да расте без родители, одошто со родители од ист пол кои ќе го сакаат и ќе се грижат за него.

Секако, моето размислување за хомосексите, трансверсистите и лезбарите може да биде вака либерално затоа што доаѓа од мозокот на човек што не е ограничен со наметнатите огради на очекуваното, наследеното и она што се подразбира.

Сум пропатувал малку низ светот и сум видел дека во некои земји е нормално истополовите парови да се држат за рака и да се бакнуваат во уста. Како што е нормално и ние негејевите да ги гледаме со чудење, кришум да ги фотографираме и потоа да им покажуваме на нашите пријатели во татковината на какви сѐ чуда сме наишле.

За крај на текстот, приложувам список на топ 5 мои омилени хомо-геј чичковци од шоубизнисот:

  1. Фреди Меркјури. Добар чичко. Чичко мустаклија.
  2. Елтон Џон. Многу смешен чичко.
  3. Џорџ Мајкл. Јас бев убеден дека тој чичко сака тетки. Шмекер чичко. Шокиран сум!
  4. Кевин Спејси. Фантастичен чичко. Слично како за овој чичко погоре, никогаш не би рекол дека е чичко, но секако е фантастичен чичко.
  5. Сер Ијан Меккелен. Чичко волшебник, прекрасен чичко!