Значи, со оглед на срамниот факт дека не знам ништо за кредити, ќе пишувам за хотел во кој, поради сплет на околности, престојував два дена, а за кој, да не престојував џабе, ќе ми беше потребно да подигнам кредит.

 Зоран Кесиќ

Темата на овонеделниот број на „Опкружување“, кредитната задолженост на граѓаните, е една од оние теми кои на мене делуваат како седатив. Во истиот момент ми се приспива штом, поради сопствена грешна или поради брутална неосетливост на моите блиски, се најдам среде приказни за книговодство, даноци, сметководство, олеснувања, такси, администрација и – кредити.

Малку ли состаноци со книговодителот сум ги преспал, малку ли пати сум дремнал во банка среде разговор…

Пишувајќи го ова, сосема сум свесен дека, јавно огласувајќи ја својата целосна неупатеност во нешта кои возрасен човек мора да ги знае, сум се согласил да ме означат и како будала, доколку ја прифатиме како точна изреката „она од што паметниот се срами, со тоа будалата се гордее“.

Значи, со оглед на срамниот факт дека не знам ништо за кредити, ќе пишувам за хотел во кој, поради сплет на околности, престојував два дена, а за кој, да не престојував џабе, ќе ми беше потребно да подигнам кредит. Сопругата и јас бевме гости на еден популарен регионален медиумски фестивал, а љубезните домаќини нѐ сместија за две вечери во хотел од дијамантско-платинеста висока А класа.

Никогаш не сум сакал хотели.

Сѐ што е поврзано со хотел секогаш ми изгледало вештачко, изнасилено и стерилно, ми мирисало на освежувач за простории и ми звучело како музика од чекална. Приватно сместување на море, планинска куќичка на зимување, додека бев помлад дури и шатор и вреќа за спиење – отсекогаш ми биле идеалите за добро сместување.

Хотелот отсекогаш бил за некои други луѓе.

Поуспешни луѓе, побогати луѓе, луѓе од чија група тешко дека некогаш ќе станам дел. Често сопругата и јас, минувајќи покрај тој хотел во претходните години, сме се прашувале – кои ли се луѓето кои отседнуваат во тој луксуз?

А потоа, неодамна сфативме дека тие луѓе сме – ние.

Секако, во мешавината од свет што лута низ прекрасните хотелски коридори, ужива во спа центарот или во базенот или ја користи конференциската сала, тешко е да се открие кој е таму затоа што припаѓа на тој свет, а кој затоа што домаќините на фестивалот му платиле две ноќи.

Сепак, успеав да ги препознаам основните карактеристики на богатото човечко суштество.

Негувана кожа, благо потемнет тен, здрави и блескаво бели заби. Кај некои од нив дури изгледа дека имаат за нијанса повеќе заби од вообичаените 32. Жените на средовечна и на постара возраст изгледаат многу помладо одошто кажуваат годините. Не станува збор за упадливи и иритирачки естетски зафати, туку за дискретни затегнувања и корекции, кои во комбинација со тренинзи, пливања, масажи, јоги и солариуми оддаваат впечаток на динамични личности во најдобрите години.

Мажите мирисаат, кошулите се уредно испеглани и, баш поради тоа што не изгледаат прескапо, изгледаат прескапо. Скапоцените рачни часовници се сеприсутни, затоа што веројатни никој од нив, од некоја причина, нема часовник на мобилниот телефон. Специјално за оваа пригода го носев мојот драгоцен Swatch од 1987 година, со малку излитено ремче и доста изгребана пластика.

Дедовците особено ме импресионираа. Во своите доцни седумдесетти, изгледаат како некакви Алени Делони со шеесет и нешто. Насмеани се, со бела коса, темна кожа, и појадуваат школки и шампањско. Богатоста, ете, носи со себе и некои не толку убави обврски, затоа што додека ние „падобранците“ уживавме во богата, шарена кајгана, high class дедото и бабата во 9 наутро сркаа школки и потпивнуваа шампањско.

Облечен во баде-мантил, чекајќи лифт за базенот на покривот од каде што се гледа преубава панорама од волшебниот град, здогледувам богато куче. Слабо, елегантно, со аристократски незаинтересиран поглед и со дебел ѓердан кој би можел да се користи како реквизит во филмот „Клеопатра и нејзините најубави ѓердани“.

„Леле што убаво кутре“, лажам, „како се вика?“

„Кабир“.

„Кабир, Кабир… дојди, Кабир“, почнав да го довикувам песот, чисто за да слушнам како првпат во животот го изговарам тоа толку убаво и егзотично име.

Кучето достоинствено ме изгнорира, а сопственичката се пофали дека тоа навистина ужива во овој хотел.

„Ајде, Кабир, одиме“.

Не може, драги читателу, во хотел од премиум А златна класа да имате куче по име Миле, Џеки, Топче или Црни.

Баш како што ни нашата соба, инаку преубава, со поглед на градината, а малку влево се гледа и морето, не можете да ја добиете ако не го одврзете ќесето.

Ајде да кажеме само дека една ноќ (вон сезона) е поскапа од две просечни месечни плати во Србија, а да не зборуваме за полна цена во сезона. И затоа, сопругата и јас уште од сега планираме за следното летување да подигнеме кредит.

Три, четири дена на море ќе ги отплаќаме со години.

А нашиот питом и весел Ѓоле ќе го преименуваме во… не знам… Агамемнон. Или Ксеркс. Или Калиф.

„Калиф, Калиф… не во Минг вазната, добога!“