Љубовта има право. Ширината има право. Фантазијата има право. Емпатијата има право. Иднината има право, затоа што во минатото нема да живееме ниту ние, па дури ни нашите омразени непријатели.

Зоран Кесиќ

Се плашам дека во човековата природа е да војува и дека образованието, технолошкиот напредок, развојот на медицината, откритието на држачот за мобилен телефон за во автомобил и останатите благодети на цивилизацијата можат само делумно да го анестезираат тој наш вроден порив за сотирање на ближните.

Порано или подоцна, ќе ни се врати желбата за уништување на оние кои не се ние, и затоа, сите мировни иницијативи што се темелат на разговор, на толеранција, на почитување на човековите права и на љубезна насмевка (наместо на намуртен заканувачки поглед), ги сметам за бесмислени.

Војната не се избива со мир, војната се добива со војна!

Во оваа прилика, ги повикувам сите заинтересирани за мир да се пријават во најблискиот регрутен центар, по што ќе бидат пратени во војна. За мир.

Зошто би се повлекувале пред злото и целата одбрамбена тактика би ја темелеле на моќта на позитивното размислување, на фенг шуи и на надежта дека „нема белки“.

Таквите први ќе страдаат, а на бледиот, студен ножен палец ќе им закачат натпис „имаше позитивни мисли“.

Мојот план е многу јасен – да нападнеме први, додека непријателот сѐ уште не се прегрупирал.

Лажгото да го наречеме лажго, фашистот фашист, лицемерот лицемер, а профитерот профитер.

Да им ги одземеме штитовите!

На валканите политичари државата, на националистичките бараби знамето, на криминалците преоблечени во големи верници црквата.

И државата, и знамето, и црквата заслужуваат многу подобро од нив и таквите како нив.

Го присвоија патриотизмот оние кои се срам за нацијата.

И немојте да ве заведат лајф-коучеви, гуруа и останати измамници – омразата воопшто не мора да биде лошо чувство, напротив.

Љуби го ближниот свој, да!

Но, мрази го мразителот, зошто да не.

Да не им го предаваме оружјето без борба.

Да не ги пуштаме да бидат погласни, па затоа да изгледа дека се побројни.

Да не им дозволиме да бидат поагресивни, ќе се изненадат кога ќе им покажеме заби.

Да не им ги даваме нашите улици, го познаваме секој метар подобро од нив. Сме трчале по тие улици, сме бркале и сме биле бркани, сме паѓале, сме станувале, сме ја бранеле секоја педа асфалт додека тие ги учеле првите букви, а како што гледам, не ги ни научиле баш богзнае како.

Да играме на искуство. И на праведен бес.

Во очи секоја вистина, по можност со насмевка.

Да ги згазиме, ама шмекерски. Малтене, онака згмечени да бараат уште.

Ние имаме право, ни за миг не се сомневаме во тоа.

Љубовта има право. Ширината има право. Фантазијата има право. Емпатијата има право. Иднината има право, затоа што во минатото нема да живееме ниту ние, па дури ни нашите омразени непријатели.

Да војуваме против глупоста, омразата, шовинизмот, мизогинијата и хомофобијата, против насилството и бруталноста, против неосетливоста за потребите на другите, да војуваме против оние што нѐ буцкаат на нови војни меѓу себе и на стари војни меѓу соседите, да војуваме против враќање во мрачниот среден век, а за пат во блескава иднина. И добро, ако остане време, да војуваме малку и против користење на оној идиотски аутотјун во модерната музика, ама, ајде – можеби во таа војна ќе останам осамен.

Прифаќам да се одречам од комодитетот на интелектуалното согледување на ситуацијата, заклучокот дека сѐ отишло по ѓаволите, и одлуката да не се валкам во таа кал и барем со тоа неучествување да си го задржам достоинството.

Еве да се менуваме.

Јас вам достоинството, вие мене униформа и оружје.

Вие потоа со двојно достоинство во продолжение на презривото ц’цкање, а јас во ров.

Во човечката природа е да војува.

Да не бегаме од тоа, особено ако војуваме за нешто навистина вредно и за мака и за жртви: за добрина, за правда, за слобода и за мир.