Берлинскиот процес би можел да биде едно големо „АЈДЕ ВЕЌЕ“ во разни области: од изградба на патишта до она славно помирување, лукративно измешано со добрососедски односи. Би можел да биде, рековме. Но, во прашање е Процес.

Воја Жанетиќ

Кога некој би барал сосема банално, но затоа сосема иронично објаснување на Берлинскиот процес, можеби би помогнала некоја импровизирана дефиниција. За потребите на овој вовед во оваа тема, еве една:

Тој процес своевремено го смисли Ангела Меркел, за – кога се во прашање „западнобалканските“ европски интеграции – сепак да се случува нешто, додека суштински не се случува ништо. Тоа случување од непознати причини не можеше да се нарече „Ангелин процес“, па затоа го доби името Берлински процес, бидејќи госпоѓата Меркел своето работно време главно го минуваше во Берлин. И ете, така веќе осум години, процесираме. Онака баш берлински.

Од друга страна, не е дека тој процес нема некоја своја логика. Имено, за очекување е дека мрзливите и алчни балкански политички структури би можеле да се потпрат на идејата дека приклучувањето кон Европската Унија ќе претставува почеток за надоместување на сè што претходно било ненаправено и пропуштено. И дека затоа ништо не треба да работат, освен да победуваат на избори и да ја извлекуваат целата корист што следува како последица од тие победи. А не е дека нема корист.

Впрочем, во ова локално опкружување започувањето на диета, откажувањето од пушење, спремањето испит, почетокот на вежбање и што и да е друго што ќе ти падне на памет – се одложува за „од понеделник“. Па ако прокрастинацијата е во темелот на секој овдешен „напредок“, Берлинскиот процес би можел да биде едно големо „АЈДЕ ВЕЌЕ“ во разни области: од изградба на патишта до она славно помирување, лукративно измешано со добрососедски односи. Би можел да биде, рековме. Но, во прашање е Процес.

Каде што доаѓаме, сосема логично, до Франц Кафка.

* * * * *

Откако е напишан „Процес“, роман со свои, за оваа година симболични, 222 страници, зборот со кој е насловено ова четиво го симболизира стравот од невидливите и од уште поневидливата бирократија. Во нив обичниот човек може, без своја желба и намера, да се вплетка и дебело да настрада, не знаејќи што го снашло. Во времето кога Франц Кафка го пишувал ова свое ремек-дело, тешко дека и нему би можела да му падне на памет дека административната пајажина може да зароби и цели држави и нивните народи. Но, да е Кафка денеска меѓу нас, за час би се фатил за работа да напише еден повеќенационален – да ми извините – „spin off“, продолжение на приказната за еден Процес со нејасна и необразложено тешка пресуда. Со тоа што пресудата, овојпат, се однесува на многубројните Јозефи К. и нивните европски интеграции.

Значи, Берлинскиот процес ги има недостатоците на сè што, врз основа на претходно образложените асоцијации, може да се смета за „Процес“ – во Кафкина смисла. Од лаичка гледна точка, точно може да се замисли една или неколку или неколку десетици зафрлени канцеларии, на чии врати пишува „Берлински процес“. И низ тие врати, со секој нов мандат, со секоја нова реорганизација или систематизација, влегуваат некои нови службеници, проколнувајќи ја злата судба што – покрај сите убави бриселски работни места – ги фрлила во берлинската бирократска пустелија да се занимаваат со замајување на непридружените, а во процес на нивното извесно неизвесно придружување.

На другата страна од шалтерот на оваа административна игранка се наоѓа споменатиот балкански Јозеф (или Јозефа) К., ги има неколку милиони. А во мислите на овие лица се одвива сè посилен Процес на неразбирање зошто нивните земји со децении не влегуваат во ЕУ, кој Процес е за тоа одговорен и кога ќе дојде Решението, со кое сите Процеси, па дури и оние кафкијанските, сепак еднаш завршуваат.

* * * * *

Значи, Берлинскиот процес, со сите свои неспорно добри страни, бара две минијатурни измени. Би можел да биде бриселски наместо берлински, некако е и пологично и поевропскоуниско. И веќе не би требало да се вика Процес, туку некако поинаку. За ова второто, можеби, не постои адекватен збор, но кога би постоел, би означувал дека Европската унија добила нови членови од Балканот, како и дека Процесот на голема континентална политичка, економска и културна трансформација еднаш, конечно и засекогаш, е успешно заокружен.

И, да, „тоа второто“ подразбира и некој прецизен датум.

Сè друго Франц Кафка веќе одамна го напишал.