Спортистите на политичарите им доаѓаат како некој вид исправна морална сметка на расиплива роба купена под тезга. Доказ дека и нивните политички постигнувања се темелат на талент, труд, упорно тренирање и усовршување на вештината.

Воја Жанетиќ

Пред да одговориме на прашањето за потребата од каква било врска на нашите спортисти со нашата политика, малку податоци…

Во својата најнова анализа, релативно веродостојниот сајт ResearchAndMarkets.com проценува дека глобалниот пазар на спортот во 2022 година ќе се зголеми на 501.43 милијарди долари, и тоа од 354.96 милијарди, колку што изнесуваше во минатата. Некои помалку веродостојни извори проценуваат дека оваа бројка оди и до 700 милијарди. Светската трговија со оружје, на пример, изнесува 531 милијарда евра.

Од производството и продажбата на патики, копачки, дресови и тренерки, па сè до трговијата со оние кои ги носат, плус влезници, реклами и право за пренос – спортот и сè околу него чини, да речеме, нешто помалку од 1% од светскиот БДП. Целата Австралија остварува 2%, африканскиот континент 2,9. Спортски, секако.

* * * * *

Значи, ако зборуваме за спортистите, ние всушност зборуваме за највидливите и, со самото тоа, најпопуларните делови од една огромна индустрија. Најпознатите од нив се наши реални Марвелови херои, чии супер-моќи се само малку поприродни. Освен кога се во прашање натприродните способности за заработка: Ле Брон Џејмс, само во оваа година ќе заработи натприродни 127 милиони долари, а Лионел Меси и Кристијано Роналдо нешто помалку. За да заработуваат, најдобрите спортисти не мораат ни да се занимаваат со спорт – Роџер Федерер во 2022 година ќе заработи 86 милиони евра, а не ни замавнал со рекет. Спајдермем и Халк можат да му плукнат под прозорец.

Кога сме кај супермоќите, постои една која и тоа како е важна за светот во кој живееме, и претставува најважна основа за опстанокот на цивилизацијата. Почитување на правилата. Врвните спортисти ја имаат својата популарност благодарение на тоа што веруваме дека никој, од оние на кои им се восхитуваме, не станува резултатски подобар од останатите преку врски и познанства, наследни права, партиска припадност или корупција. Во нашите вообичаени животи, во кои и ние останатите некако се натпреваруваме, нештата по правило стојат обратно одошто во спортот. Еве, да речеме, политиката. Во политиката некој станува прв благодарение на куп претходно излепени плакати, а во спортот плакати се лепат дури откако ќе станеш прв. А кога сме веќе кај правилата кои ги споменавме погоре, нив во политиката ги одредува оној што ќе победи.

* * * * *

Спортот, таков каков што е, е идеален да биде перверзно етички комплементарен со политиката. Луѓето чии видливи пари се темелат на видливи успеси во рамките на видливи правила, се како родени да им помогнат на оние кај кои ситуацијата е, главно, сосема обратна. Кога ќе здогледаме спортисти во близина на политичари, најчесто се работи за тоа дека го гледаме животот каков што би можеле да го живееме, а не сме успеале во тоа, во друштво на животот каков што го живееме, а не би требало. Спортистите на политичарите им доаѓаат како некој вид исправна морална сметка на расиплива роба купена под тезга. Доказ дека и нивните политички постигнувања се темелат на талент, труд, упорно тренирање и усовршување на вештината. Што можеби е и точно, само што тој спорт со кои тие се занимаваат е најдалеку можно од ферплеј. А и судењето честопати доаѓа дури на крајот, а не во текот на натпреварот.

* * * * *

Во ова наше опкружување, како и во сè друго, постои дополнителна мака и во спортот: беспарицата. Така, овдешните врвни спортисти најчесто се извозна и слабо оданочена роба, а за оние кои останале овде организирано навиваат некои чудни ликови, за кои легендата вели дека често се занимаваат со сообраќај на некоја друга, исто така слабо оданочена роба. А зошто тогаш овдешните врвни спортисти – понекогаш и најдобри на светот – често се во близина на овдешната политика и политичари, кои понекогаш се чинат најлоши на светот? На ова прашање, кое го поставивме на почетокот, одговорот е истиот оној кој, можеби, важи за целиот свет. Само, во ова регионално опкружување важи уште повеќе. Кратко, јасно и едноставно, по длабока анализа:

Навистина немаме поим.