Доста долг е списокот на теми по чиј повод таканаречениот „обичен свет“ се повикува напомош или на сеопшта солидарност, а по правило дури тогаш кога институционалната глупост и немарност ќе попримат катастрофални општествени, економски и останати размери.

Воја Жанетиќ

Пред сите ние да се најдеме во оваа ситуација, можеше да биде поинаку. Па, да речеме, некому можеше да му падне на памет како да се спречи да бидат во војна земјата која произведува (на пример) енергенси за Планетата и земјата која произведува (на пример) храна за Планетата. Со тоа спречување истовремено би се спречил и недостатокот и растот на цените на храната и на енергенсите, па овој воведен текст во нашата овонеделна тема не би бил ни потребен.

А темата е: како да се штеди струја додека гореспоменатата војна (инвазија, агресија, како и да е…) не заврши. И додека не се воведе економски ред во купиштата кризнопрофитерски лакомци, побудалени од ненормалната заработувачка во оваа глобална несреќа. Притоа, дополнителна несреќа во таа несреќа е и што заработените пари траат и вредат помалку одошто пред почетокот на ова одвратно војување. А крајот нема да дојде наскоро, по сè изгледа.

Значи, штедење струја. На неопределено.

За тоа зборуваме сега.

* * * * *

Еве неколку предлози.

Телевизорот, да речеме, можеме да го исклучиме. Или мобилниот телефон, компјутерот, што и да е електрично што ни носи вести за светот во кој живееме. А и весниците и магазините можеме да ги користиме за потпалување, со што прашањето околу информирањето (читај пропагандата) сме го решиле успешно и во целост, решавајќи го и прашањето околу штедењето струја, и прашањето околу подобрување на греењето.

Понатаму, озвучувањата на политички собири – од митинзи и конвенции, до парламентарни дебати – не треба да се вклучуваат, затоа што ја трошат премногу потребната струја. И акумулаторите на службените и државните возила во себе имаат електрична енергија, која може многу порационално да се троши, одошто буџите да се развозуваат наваму натаму, главно поради дневница и бонус. Пешки, бре, нека се оди – криза е. А и здраво е.

Потоа, електричната енергија која недостига може и да се произведува од досега непознати извори. Да речеме, соларните панели можат да се поставуваат пред нашите водачи, кои историскиот мрак во кој се наоѓаме го опсипуваат со својата неисцрпна светлина. Има тука сигурно и некој магнетизам, кој како таков нè привлекува кон нив, па и тоа може да направи некаква струја. А да не зборуваме за тоа дека овој интелектуален сегмент од нашето општество е надалеку познат по секојдневното „откривање топла вода“, што самото по себе претставува извонреден потенцијал за создавање нова енергија. Исланд е мало бебе за ова.

И ете, веќе се чини дека проблемот околу недостатокот на струја би можел да биде помал одошто мислиме и одошто се плашиме. И тоа многу.

* * * * *

Туку.

Можеби малку можат да одат на нерви одредени околности поврзани и со тоа штедење на постоечката и со производството на нова енергија. Па да речеме: додека се собираа трупите на границите и се зголемуваше влогот во партијата глобален политички покер – а на тема чија војска во која земја смее да влезе, а чија не смее – никој ништо не го праша овој силен свет кој сега треба да се замотува со ќебиња по дома и да ги одвртува невидено расипничките светилки. Исто така, никој никого ништо не праша ни кога онојпат се рушеше берзата под товарот на нафризирани акции, ниту кога се носеа „отприлика“ мерки против пандемијата, ниту кога се печатеа пари без смисла и покритие… И воопшто, доста долг е списокот на теми по чиј повод таканаречениот „обичен свет“ се повикува напомош или на сеопшта солидарност, а по правило дури тогаш кога институционалната глупост и немарност ќе попримат катастрофални општествени, економски и останати размери. А со самото тоа и политички, што е и најголема, ако не и единствена причина за лелеците за штедење. Така што, ако го прашувате потписникот на овие редови како да се штеди електрична енергија, одговорот е – немам поим, а можеби за тоа штедење нема ни потреба.

Нека се снајдат овие горе, па нека ја најдат. Ним им е и попотребна. Бидејќи, ако завладее мрак, ќе биде сосема јасно кој треба најмногу да се плаши од снемувањето струја.

Клик.