Pекламниот блок на нашите животи станува неподносливо долг, не оставајќи место за ништо друго – речиси ни за самиот живот.

Воја Жанетиќ

Една од за мене омилените институции во нашиот социјален живот е црвениот килим. По него чекорат филмски и медиумски ѕвезди, одвоени со дебел украсен гајтан и столпчиња од новинарите, од фотографите и од обожавателите што врескаат. По таа црвена патека под нозете на „исклучителните“ се шетаат и државни функционери, одвоени со униформиран оркестар, почесен строј и знаме – од баш сѐ останато.

Поради вродената потреба на луѓето да се разликуваат „возвишените“ од „плебсот“, овој текстилен глорификатор има многу долга историја. „Гугл“ вели дека црвеното чергиче првпат било спрострено под нозете на кралот Агамемнон, во истоимената претстава на Есхил. На ренесансните слики, црвениот килим се гледа во подножјето на кралските престоли, а првата современа употреба ја имал во 1821 година, кога по него свечено газел американскиот претседател Џејмс Монро.

И каква врска има сега тоа со денешната тема? Имено, денеска се занимаваме со Инфлуенсерите и нивното влијание врз нас останатите – кои не влијаеме врз никого, а, најлошо, и врз ништо… Има врска, како нема. Трпение, молам.

* * * * *

Овие најмодерни времиња, пред сѐ, се одликуваат со тоа што – со помош на новите технологии – ги реобликуваат и ги реновираат сите наши модели на општествено однесување. Па така, светот на дигиталните медиуми ја направи само формално поинаква вечната и универзална човечка амбиција да бидеме поистакнати од другите: подобро да нѐ видат, чујат, слушаат и паметат одошто  останатите примероци од нашиот вид. Да бидеме „повидени“ никогаш не била ниту најнова, ниту последна на списокот на човечки желби. Напротив.

Елем, дигиталните медиуми, како средство за екстремно омасовување – па сега, на што и да е – ја направија потенцијално изводлива сечија намера да биде познат на сите нам останатите. Со прилично големо трошење на слободното време, секој може да биде медиум во медиумскиот свет. И секој може да биде некој кој „влијае“ врз својата публика. Тоа како последица даде милиони примероци на Икони на стилот, Експерти, Мислители, дистрибутери на разни Познавања и Знаења, распрснувачи на секакви и сечии Наративи… И сите тие овозможуваат нашето време да личи на тесна улица во Ерусалим, од верзијата на Монти Пајтон за историјата на Христосовото доба. Сокаче преполно со сомнителни пороци кои, на своевидна пазарџиска манифестација, со своето размислување за светот се обидуваат што побрзо да го најдат своето Стадо, додека не започнал крајот на светот. А кај да е ќе почне.

Во ова современо натпреварување во дигитално пророштво, некои учесници се поуспешни од другите. Тие некои поуспешни, благодарение на интересноста на содржините кои му ги нудат на своето дигитално Стадо, како и бројот на Следбеници кои на тој начин ги добиваат, стануваат сопственици на атрактивната титула Инфлуенсери. Па под нивните невидливи дигитални нозе почнува да се одмотува дигитален, исто така невидлив, црвен килим, кој ги одвојува од останатите, невлијателни смртници. Резултатот од сето ова е дека такви килими има сѐ повеќе, дека видени има сѐ повеќе и дека популарноста се омасови до граници на подносливост.

Кој да запамети веќе толку незаборавни.

* * * * *

Дигиталните инфлуенсери и нивните медиумски содржини, несомнено, допираат до многумина. Потоа: естрадните ѕвезди, уметничките личности, спортистите, готвачите, политичарите (како посебен вид готвачи), а во последно време и лекарите и надрилекарите – сите тие луѓе се додаток на толпата од сѐ и сешто што се обидува да влијае врз светот околу себе. Покрај сите нив, во пакет, оди и сето она останато што сака некаков профит од својата познатост: брендови, производи, услуги, идеологии, корпорации, религии… И на тој начин, рекламниот блок на нашите животи станува неподносливо долг, не оставајќи место за ништо друго – речиси ни за самиот живот.

Во тоа изобилство од „Инфлуенсинг“ веќе не е проблем дали Инфлуенсерите – дигитални, аналогни, профитни или кои било други – се повеќе или помалку влијателни, туку дека сѐ друго престанало и да влијае и да нѐ допира. Па еве да наведеме барем дел од тоа: образование, знаење, стручност, информираност, солидарност… На многу нешта црвениот килим – а кој да знае веќе и кога – им е истргнат од под нозе.

И на тоа никако не може да се влијае.