Да летуваме таму и тогаш кога тоа можевме да го правиме без страв; или да се одмораме таму и тогаш кога тоа ќе биде возможно без страв. Да отпатуваме во нормалното, затоа што тоа никако не е Ова Сега.

Воја Жанетиќ

Да можат морето и плажата да се нарачаат преку достава, туризмот сигурно би опстанал. Но, бидејќи тоа не бива, треба да се смисли како туристите да му бидат доставени на туризмот. Тоа не е лесна работа. Бидејќи, оваа масовна болештина, колку што е медицинска, толку е и општествена. Освен белите дробови и што уште не во организмот, овој ововремен инфектолошки хулиган ги злоставува и човековите навики, обичаи, правила. Значи, културата и цивилизацијата.

Со оглед на тоа дека социјалната изолација и ограничувањето на физичкиот контакт се погонот со чија помош ова мало ковидовско ѓубре гази по нашата вкупна мобилност, за туризам почнува оправдано да се смета дури и излегувањето од дома по намирници. Нашиот свет, кој во еден момент, благодарение на превозот, на медиумите и на љубопитноста, почна да ни станува сѐ помал – и во кој за викенд, чисто онака „да се опуштиме“, одевме во посета на други градови, земји и континенти – е, значи, тој свет сега доби гигантски димензии. Растојанието меѓу местото каде што сме ние и која било друга точка каде што би можеле да бидеме – го пополни Зараза. И колку растојанието е поголемо, толку Заразата се чини пострашна и поопасна. Сѐ повеќе сакаме да одиме некаде, а сѐ помалку смееме. Туризмот никогаш не бил попосакуван, а ретко кога понеостварлив.

За „среќен пат“ сега буквално треба среќа.

Или вакцина.

Или двете.

* * * * * * *

Некој злобник заклучи дека туризмот е смислен, пред сѐ, за оние посиромашните да искусат како е да се биде богат – имаш пари, не работиш ништо и само те служат на некое убаво место. Перформанс во својата суштина, со влезници по релативно прифатлива цена и со широк дијапазон на квалитет на престојот. Има „ложа“, има „стоење“. Па кој за што има пари.

Во таа смисла, и „изведувачите“ и „публиката“ на туристичкиот перформанс сега ги чувствуваат последиците од Заразата, на истиот начин како што тоа се случува во театарот, операта, музиката… Короната колку-толку ја преживеаја само оние настани кои можат да се пренесат во дигитален облик. А бидејќи туризмот нема пиратска копија, ниту, пак, може да се „бинџува“ на некој видео-сервис, нему ќе му биде подобро коа ќе им биде подобро и на претставите, концертите или изложбите.

Од друга страна, келнери, готвачи и рецепционери има многу повеќе одошто театарски актери, балерини, виолинистки, кустоси… И сега, на толку луѓе да им даваш плата до крајот на нешто што не знаеме кога завршува – не изгледа баш одрживо. Исто така, може лесно да се случи туризмот да биде спасуван така што Заразата ќе се игнорира. Еве, ова наше Опкружување, токму еве сега, со своите скијалишта и зимски одморалишта, се обиде со таа тактика. Креветите во хотелите беа полни со оние желни за одмор и за забава, а потоа креветите во болниците дополнително се полнеа со оние желни за живот и за здравје.

Кревет не ти гине, што би се рекло.

Во прашање е само каде најпосле ќе легнеш и на колку долго.

* * * * * * *

Дали и на нудистичките плажи ќе се носи маска? Дали само вакцинираните ќе патуваат? Дали превозот на туристи ќе се извршува само во рамките на контролирани територии? Дали летувалиштата ќе имаат Ковид рецепции и апартмани, за не дај Боже? Навираат прашања, а одговори повеќе нудат оние што се опсесивно-компулсиви, одошто оние што ги претпоставуваат. Затоа што одговорите зависат од Заразата, но таа не е заинтересирана да ни ги даде.

А што се однесува до услугите на организациите за туристички патувања, извесно е дека би можела да преживее само една услуга. Онаа што не нуди патување низ просторот, туку низ просторот и низ времето. Таква некаква агенција би можела да се вика „Тамуитогаш Турс“. Да летуваме таму и тогаш кога тоа можевме да го правиме без страв; или да се одмориме таму и тогаш кога тоа ќе биде возможно без страв. Да отпатуваме во нормалното, затоа што тоа никако не е Ова Сега. Каков бизнис, каков потенцијал. И не само за туризмот.

Во опкружувањето, баш во целото.